Сè додека постојат луѓе кои се грижат, има надеж
Десет теренски работници на Отворена Порта Ла Страда и СОС Детско село поддржани од УНИЦЕФ се потсетуваат на најтешките и највредни моменти во заштитата на децата-бегалци и мигранти од средината на јуни 2015 до денес
- English
- Македонски
Владимир Бислимовски, тим лидер од Отворена Порта Ла Страда, стои точно на местото во реката — сега сува — каде две жени и еден маж се удавија во обид да ја преминат границата, откако официјално беше затворена. Иронично, реката се вика „Сува Река“. Тој ден не беше сува. Владимир се сеќава на утрото кога нејзините брегови беа преплавени — и на најтешкиот момент кога требаше да го придружува 15-годишниот Сариф за да ги идентификува телата на своите сестри. „Сè уште не можам да сфатам и постојано се прашувам, од каде ова 15-годишно момче најде сила да биде маж. Маж кој мора да носи толкав товар, а е само дете.“ Прочитајте го целото искуство на Владимир овде.
Кристина Војновска, теренски работник од Отворена Порта Ла Страда, седи на поле, рано наутро, покриена со ќебе. Таа се сеќава на ледено студената ноќ во февруари, кога границите сè уште беа отворени. Транзитниот центар веќе е полн. Просторот за деца со надминат капацитет. Следниот воз е следното утро. „Додека помагавме, растрчани и потресени од ситуацијата, еден човек ме потргна. Тоа беше Али, Ирачанец кој ги загубил нозете за време на војната, молејќи ме да најдам безбедно место за жена му и ќерка му да се одморат. Чувство на беспомошност гореше во мене. Нашиот магацин беше единствениот простор на располагање.“
Мите Цилковски, теренски координатор од СОС Детско село предава музика за да донесе надеж. “Ја користам музиката како терапија. На моите часови по музика децата учат да свират на традиционални инструменти, јас им објаснувам, ги бодрам, ги пофалувам. Работам со секое дете посебно, па потоа со сите заедно како во оркестар и можам да кажам дека часовите по музика им помагаат да се ослободат од насобраниот стрес, да се здобијат со самодоверба. Горд сум кога ќе ги видам нивните насмевки.”
Александра Стефановска, теренски работник од Отворена Порта Ла Страда седи на шините по кои стотици илјади бегалци и мигранти патуваа од Гевгелија до границата со Србија. „Никогаш нема да го заборавам бебето Асад. Тоа беше мојот прв ден на работа. Татко му ме замоли да помогнам да се смести додека тој да купи билети за воз. Се чувствував преплашено, бидејќи ништо што правев не помагаше. Го преоблеков, му сменив пелени, му дадов да јаде. Но, тој изгледаше незаинтересирано. Подоцна татко му ми кажа дека мајката на момчето била убиена во војната во Авганистан. Го гушнав посилно. Мојата солза падна на неговиот образ. Сфатив дека Асад се себе ја носи загубата на грижата од мајка си.“
Мери Наумова, тим лидер од Отворена Порта Ла Страда, се сеќава на на зимска ноќ кога темпаратурата беше под нулата во ноември 2015 година и кога повеќе од 5.000 бегалци и мигранти помина низ транзитниот центар секој ден. „Нема да заборавам кога сместив едно 5 годишно детенце покрај малата греалка да се згрее. До мене седна неговата мајка, и почна да плаче на цел глас, ме гушна силно и ми кажа: „Јас и моето дете веќе одамна заборавивме како е да ни биде топло„ Солзи ми навираа и тогаш и сега…. Подоцна кога веќе бев во мојот топол кревет, доцна во ноќта не можев да ги прекинам солзите, тагата и мислата: „ колку мали нешта се потребни за среќа на една мајка, на едно дете во овај суров свет…„
Снежана Крстаноска — Атанасова, теренски работник од Отворена Порта Ла Страда, повторно ја преживува борбата на илјадници деца со попреченост да ја преминат границата на Грција за да дојдат до транзитниот центар за бегалци и мигранти Винојуг. „Едно од децата на кои најмногу се сеќавам беше дете што патуваше со инвалидска количка. Тој беше многу слаб и можеше да јаде само течна храна. Сакав да направам многу за него. Но, само толку можеше да се направи во неколкуте часа во кои неговото семејство остана во транзитниот центар. Го нахранив, му помогнав да се искапе, го облеков во нови чисти алишта. Почувствував мир на душата знаејќи дека му помогнав да си го врати достоинството и да му се олесни товарот.“
Зоран Колекески, теренски работник од СОС Детско село, се потсетува на играта со вселенски шатл, што ја играл за да ги разведри лицата на напатените деца во бегалско-транзитниот центар Табановце. „Кога со едно дете не го зборувате истиот јазик, најдобар начин да видите насмевка на неговото лице и да му помогнете да заборави на маките и патувањето, да му овозможите да се почувствува безбедно и разбрано и да му покажете дека им е битно на другите луѓе, е да комуницирате на начин што го знае — преку игра.“
Софија Тошева, теренски работник од Отворена Порта Ла Страда, се сеќава на сцената кога една жена-бегалец, која патувала со своите деца, болна од жолтица ѝ се онесвестила в раце, во просторот наменет за деца, во Винојуг. „Неизмерно загрижена, веднаш почнав да викам за помош. Ја однесов во Црвен крст, а потоа во амбулантата. Медицинскиот тим на терен ѝ помогна на жената да ја поврати свеста, но очигледно не ѝ беше добро. Беше однесена в болница каде што доби соодветна медицинска нега; јас цело време се грижев за нејзините деца во просторот за деца сè додека не се врати.“
Сања Угриновска, теренски работник од СОС Детско село, седи на детска маса на која илјадници деца ги нацртаа своите надежи и соништа, кога патуваа низ бегалско-мигрантскиот транзитен центар Табановце. „Многумина може да му дадат сендвич или шише вода на дете во неволја. Ретко кој може да му даде надеж. Кога ќе го прашате детето како се чувствува, кога ќе го гушнете, ќе му го штипнете обравчето, кога ќе му дадете молив и хартија, тоа ги препознава вашите добри намери и вашата позитивност. Помислата дека децата понекогаш не разбираат што им велите, но и сознанието дека никогаш нема да заборават како се чувствувале со вас, ме води низ работата.“
Јулија Стаменковиќ, теренски работник од Отворена Порта Ла Страда, повторно го преживува моментот кога ја нишаше лулката, живо сеќавајќи се колку им значеше овој едноставен гест на исцрпените мајки. „Толку многу мајки патуваа сами со децата. Особено се сеќавам на една жена, која беше уплакана зашто не можеше да го смири детето. Таа самата беше исцрпена, не спиела со денови. Ѝ помогнав да се смести во шатор каде можеше да се одмори, додека јас се погрижив за нејзиното бебе. Сè што направив беше: му сменив пелена, му дадов малку храна и го лулав да заспие во креветчето. Кога возот пристигна, двајцата заминаа одморени и среќни што можат да го продолжат патувањето.“
Бегалско-мигрантската криза во Европа зафати многу земји, вклучувајќи ја и поранешната југословенска Република Македонија. Во периодот меѓу јуни 2015 и март 2016 година, околу 800,000 лица транзитирале низ земјата. Кога во март 2016 година се затвори балканската рута, 68 отсто од луѓето во движење беа жени и деца. Во моментов, над 200 лица, од кои половина се деца, и натаму остануваат заглавени во транзитните центри.
Одговорот на УНИЦЕФ е великодушно поддржан од страна на Одделот за хуманитарна помош и цивилна заштита (ECHO) на Европската комисија, владите на Јапонија, Германија и Велика Британија, националните комитети на УНИЦЕФ, поединци и корпорации, и приватни партнери.