Копнеж за учење
Создавање на чувство на нормалност кај децата бегалци и мигранти преку образовните активности поддржани од УНИЦЕФ
- English
- Македонски
Најголемиот број на деца бегалци и мигранти кои се наоѓаат во транзитниот центар Табановце имаат побегнато од областите зафатени со војна, насилство или прогон. Некои од нив зад себе ги имаат оставено најблиските членови на семејството, а други пак своите најдобри пријатели. Сите тие споделуваат една работа. Сите тие го имаат прекинато образовниот процес. Пропуштената шанса да се образуваат може да има далекосежни последици, а тоа ефективно ги нарушува нивните изгледи за иднината. Токму затоа, УНИЦЕФ и партнерите прават сѐ што е во нивна можност за да кај овие деца се создаде чувство на нормалност, и тоа преку структурирани активности за учење.
Една работа која најмногу ѝ недостига на Самира (12) по бегањето од Авганистан и едвај избегнувајќи да се удави во морето, е всушност тоа што не оди на училиште. Таа навистина сака да стане лекар и редовно учествува во сите структурирани активности за учење, кои се поддржани од УНИЦЕФ, а организирани со партнерските организации СОС Детско село и Отворена порта — Ла страда.
Од часови за јазик па сѐ до часови по танцување, повеќето деца мигранти и бегалци во Табановце уживаат во активностите кои повторно ги навраќаат на учењето. Книгите од серијата „101 ноќ“, донирани од страна на Big Bad Boo Animation Studios, се користат за да децата учат за граѓанските вредности и човековите права.
Рутината, пријателите, поддршката кои ги стекнуваат преку часовите, на децата им дава надеж за иднината. Мухамед, 11-годишно момче од Сирија силно ја држи својата училишна чанта добиена од УНИЦЕФ додека внимателно го следи часот.
Преку наставниот план за граѓанско образование, децата учат за емпатија, доверба, рамноправност, почит, одговорност, правда и дела на добрина. Девојчето од Сирија се присеќава на луѓето кои таа и нејзиното семејство ги сретнаа на патот кон Европа, откако избегаа од конфликтите во нивната татковина.
Структурираните часови за учење, исто така им помагаат на децата подобро да се справат со тешкотиите и несигурноста со кои се соочуваат. Шамин, 11-годишно девојче од Авганистан, не знае каде на крајот ќе се смести нејзиното семејство, но сепак таа е едно од децата кои активно учествуваат во сите активности за учење во Табановце. Таа учи англиски, македонски, и дури има побарано да посетува и часови по германски јазик.
Некои од децата не посетуваат училиште веќе неколку месеци,, а некои пак неколку години. Девојчето се мачи да го напише својот одговор за да прикаже „љубезност” и затоа едноставно го бои фустанчето на девојчето кое е прикажано во работната тетратка.
Некои од децата никогаш немале можност да учат, читаат и пишуваат. Малото момче од Сирија го нацрта своето другарче со ширум отворени раце за да прикаже како го теши неговото најдобро другарче кога тој е тажен.
Повеќето од помалите деца всушност никогаш немале можност да одат на училиште. Со љубопитност, малото момче ѕирка во неговата училишна чанта каде се наоѓаат шарените стрипови со илустрации од 1001 ноќ.
Некои од повозрасните деца се спремни да помагаат на другите деца за да го надоместат учењето кое го пропуштиле. Самира учи со страст и таа е „ментор“ на својата двегодишна сестричка. Опремена со новите сликовници и со поддршка од стручните лица поддржани од УНИЦЕФ, таа е желна да ѝ помогне да научи да чита.
Поддржувањето на љубопитниот карактер на децата кои го пропуштиле образованието е од клучна важност при учењето, и уште позначајно — за градење на нивната самодоверба. Ова момче од Сирија постојано бара потврда од својата наставничка од СОС селото за да види дали тој е на прав пат да одговори на прашањата од лекцијата.
Часовите по арапски, фарси, англиски и македонски им помагаат на децата да се стекнат со вештини за писменост на мајчиниот јазик, но и на други нови јазици. Тие се забавни и многу корисни за градењето взаемно разбирање помеѓу децата со различно потекло и им помага да стекнат нови пријателства.
Животот им донесе многу тешки животни лекции на децата бегалци и мигранти. УНИЦЕФ и партнерите помагаат да се обезбеди дека независно кои се тие или од каде доаѓаат, децата имаат шанса да го задржат своето детство и најпрво да научат да бидат деца. Девојчето цврсто држи в раце мобилен телефон– клучната алатка да остане во контакт со своето семејство — додека учи за „делата на љубезност” на часот по граѓанско образование.
Работата на УНИЦЕФ е значително поддржана од Одделот за хуманитарна помош и цивилна заштита на Европската комисија (ECHO), владите на Јапонија, Германија и Обединетото Кралство, националните комитети на УНИЦЕФ, поединци, корпоративни и приватни партнери.