Улогата на наставниците во општеството

Зошто наставниците заслужуваат повеќе почит?

Блог од младиот репортер на УНИЦЕФ, Кристијан Поповски (18)
A student in front of a laptop
UNICEFMK
26 Октомври 2020

Неодамна ме прашаа „Кои се најважните личности во животот на учениците?“ и веднаш знаев дека одговорот е „наставниците“. Но, иако без двоумење одговорив, сепак тоа ме натера да размислам за вистинското прашање: „Што е тоа што го прави наставникот ОДЛИЧЕН наставник?“ Најдобар начин да одговорам на ова е преку рефлексија на влијанието што наставниците го имаат врз мојот личен развој.  

Во моите први средношколски денови бев по малку изгубен и недоволно информиран, без конкретна идеја за иднината. Немав јасна замисла што сакам и што ќе правам во животот - со еден збор, бев дезориентиран.

Не би можел да издвојам само една личност, како позитивен пример. Има многу наставници на кои сум им благодарен, наставници што никогаш нема да ги заборавам, што се толку позитивни, чувствителни, емпатични и добри личности, и што едноставно ме поттикнуваат да се огледувам себеси во нивните вредности. Ме мотивираат да бидам подобар во тоа што го правам, ме бодрат да се развивам и ми ракоплескаат на успесите. Нивното „Браво Кристијан!“ ме „крева во облаци“ и ме прави погорд на себе и на своите успеси, а воедно ми дава и некој вид признание за добро сработената работа.

Сите тие наставници вложија во мене и сè уште ме водат и насочуваат кон постигнувањето на моите цели, кон стекнување на нови знаења и вештини. Иако понекогаш знам да бидам вознемирен или да не ми се допаѓа некоја нивна забелешка, во тие моменти се потсетувам на нивната посветеност и нивното вложување во нашиот живот.

Сега, кога сум на крајот од моето средно образование, веќе се сметам себеси за посветена, информирана и смирена личност со план за понатаму и со јасни цели како да успее. Но, ова не ми „падна од небо“, ниту пак јас седнав и сето ова го стекнав само читајќи книги. Не! Ова е плод на моите наставници, плод на моите ментори, плод на моите родители. Ова е резултат на четиригодишното вложување време и енергија во мене, од страна на посветени предавачи. Тоа што сакам да го кажам е дека тие наставници, тие ментори, тие предавачи од различни области, биле многу важни за мојот развој и затоа сум им вечно благодарен. Тие се причината за мојата желба за доживотно учење.

Затоа сакам да им кажам БЛАГОДАРАМ на сите наставници.

ВИ БЛАГОДАРАМ за вашиот труд и ВИ БЛАГОДАРАМ за вашето трпение. Ви се восхитувам на храброста и издржливоста под целиот тој притисок. Вие сте столбот на општеството и на развојот на човештвото.