Јас сум повеќе од она што се случи - кампања за поддршка на децата во контакт со законот
Почнува нова кампања за подигање на свеста дека децата што доаѓаат во контакт со правосудниот систем имаат потреба од поддршка и грижа

Скопје, 18 октомври 2022 година: Со пораката „Јас сум повеќе од она што се случи“ , УНИЦЕФ во соработка со Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Европската Унија, отпочнува нова кампања за подигање на свеста за влијанието на психолошките трауми врз децата што доаѓаат во контакт со правосудниот систем.
Целта на кампањата е да се развие разбирање во јавноста дека, како и сите други деца, децата во контакт со правосудниот систем носат во себе надеж за подобра иднина, и кога општеството и институциите на системот ќе им помогнат да ја надминат доживената траума, тие ќе ја вратат силата и самодовербата и ќе можат да се соочат со животните предизвици.
“Кога децата доаѓаат во судир со законот, системот треба да овозможи остварување на нивниот најдобар интерес и заштита од било кој облик на загрозување на нивните слободи и права. Од суштествена важност е да ги надминат стравот и траумата за да спречи ретрауматизација и ревиктимизација, рече министерот за правда Никола Тупанчески. “ Со реформите за унапредување на владеење на правото, градиме систем за правда за деца кој во центарот ќе го има детето и негова заштита, воспитување и правилен развој каде што превенцијата е примарна. Во овој процес го слушаме гласот на децата, на младите, чиј иновативен пристап е вграден во нашата работа за унапредување на пристапот до правда за деца. “
Децата што го прекршуваат законот, децата што се жртви или сведоци на кривични дела и насилство доживуваат траума. Многу од нив и понатаму се соочуваат со огромни пречки, меѓу кои се и негативните културни норми и ставови, како и недоволна запознаеност на семејствата и заедниците со нивните права на заштита, како и поради недостиг од средства. Институциите на системот не се секогаш запознаени со тие права, немаат процедури и постапки по мерка на децата.
„Ако ние, како општество, им понудиме на децата што поминале низ тешки ситуации средина исполнета со поддршка, приврзаност, сигурност и љубов, децата можат да ја повратат својата емоционална, физичка и ментална добросостојба. На тој начин, ние како општество може да спречиме децата да дојдат во контакт со законот, “ изјави претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.“На децата им треба систем што поддржува закрепнување, учење и рехабилитација, а не казнување. Фокусот на правосудниот систем треба да се помести од казнување кон пристап на ресторативна правда, со примена на алтерантивни мерки, диверзија и програми за поддршка на ниво на заедницата кои ќе им помогнат на децата да се реинтегрираат во општеството. ”
Најновите истражувања на УНИЦЕФ покажуваат дека општата јавност и стручните лица што работат во системот за заштита на децата го разбираат начинот на кој траумата влијае врз животот на децата - 80% од испитаниците веруваат дека повеќето деца доживуваат некаков вид траума во нивното детство, а 74% мислат дека повеќето деца во судир со законот доживеале тешки трауми.
Но, во јавноста сè уште преовладува ставот дека треба да се применуваат казнени мерки за поправање на однесувањето на детето и многумина имаат негативни перцепции за децата што доаѓаат во контакт со законот.
Висок процент испитаници веруваат дека се неопходни построги казнени мерки за децата да размислат пред да сторат кривично дело (74%) и да научат да разликуваат правилно од погрешно (73%) и дека децата со сериозни проблеми во однесувањето треба да бидат казнувани за да се поправат (69%).
Податоците на глобално ниво покажуваат дека казнените мерки за корекција на однесувањето на детето може да имаат доживотни негативни последици. Казнувањето не му помага на детето да заздрави од траумата. Напротив, може да го стигматизира, да го зголеми неговото чувство на неприпаѓање и да ја намали самодовербата. Од друга страна, кога полициските службеници, социјалните работници, обвинителите, судиите и стручните лица во институциите ќе го разберат и ќе одговорат на она што детето го доживеало, тие ќе можат на позитивен начин да го одредат патот до закрепнување за децата. Кога и заедницата има исто такво разбирање, тогаш уште повеќе се зајакнува патот на закрепнување.
Кампањата содржи видео сведоштва засновани на вистински приказни на деца кои доживеале сиромаштија, загуба на родители, болест, недостиг на љубов и - кога биле оставени сами на себе да се справат со тешките животни околности - дошле во контакт со правосудниот систем, бидејќи сториле престап или биле жртви на запоставување или насилство. Четири деца и млади што биле сместени во воспитно-поправни установи или мали групни домови напишаа блогови во кои ги раскажуваат своите животни приказни.
Како дел од кампањата, на 25 октомври во киното „Фросина“ ќе биде прикажан филмот „Мудроста на траумата“ на Заја и Маурицио Бенацо во кој учествува и др. Габор Мате. Во таа пригода ќе се отвори дискусија помеѓу експертите за детска заштита и правда за децата за психолошките трауми и негативни искуства во детството и улогата на институциите на системот во поддршката на децата.
Кампањата е дел од пошироката двегодишна програма „Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата“ финансирана од Делегацијата на Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ за поддршка на реформските напори на Владата со цел да се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на сите деца кои доаѓаат во контакт со законот.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.