Јавна расправа за законските реформи за правда за децата

Скопје, 3 јули 2023: Собранието на Северна Македонија и УНИЦЕФ денес организираа јавна расправа за реформа на системот за правда за децата за да се забрза процесот на донесување на Законот за правда за децата во Собранието и да се обезбеди соодветна распределба на буџетски средства за имплементација на законот.
“Изминатата недела во јавноста се отвори дискусија за тоа како да ги заштитиме децата во заедницата. Важно е тврдењата и дебатите да се поткрепуваат со факти,“ рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “Оваа јавна расправа претставува значаен форум на кој отворено и конструктивно ќе разговараме како да дејствуваме за да ги унапредиме детските права и да обезбедиме најдобри исходи за сите деца. Ја поздравувам посветеноста на законската реформа што ќе доведе до фер систем на правда и можност децата во целост да ги остваруваат своите права; систем на правда што ќе се темели на пристапот на неказнување и ресторативна правда подигајќи го најдобриот интерес на детето на највисок приоритет.”
„Северна Македонија ги унапреди правата на детето, но ние ги поздравуваме и ги поддржуваме напорите за зајакнување на детската заштита и преминување од модел на казнување кон превенција и заштита. Во партнерство со УНИЦЕФ, Европската Унија обезбеди знаење и експертиза во врска со стандардите и нормите на ЕУ за предлог-законот за правда за децата,“ рече Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.
Клучните измени што се предлагаат со новиот предлог Закон за правда за децата се со цел сите одлуки за децата во допир со законот да се предводат од начелото за најдобар интерес на детето. Со измените, новиот закон предвидува подобра заштита на правата и интересите на сите деца, без оглед дали се сторители, жртви или сведоци на кривични дела.
Останатите закони што се однесуваат на разни аспекти од системот за правда за децата, како што се Законот за кривична постапка, Законот за медијација, Законот за семејство, Законот за извршување санкции и Законот за социјална заштита треба паралелно да се менуваат со цел да се обезбеди законска усогласеност и нивна успешна имплементација во пракса.
“Предложените одредби во овој закон се засноваат на европските стандарди за правата на детето и препораките за унапредување на системот на правда за децата изработени од УНИЦЕФ”, рече заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ. “За спроведување на овој закон надлежните институции во системот на правда за децата обезбедија финансиски средства кои ќе овозможат ефиксно спроведување на овој закон.“
УНИЦЕФ ја поддржува Владата во процесот на реформи на системот за правда за децата со поддршка од Европската Унија. Како дел од проектот „Правда за деца – ЕУ за малолетничка правда по мерка на децата”, финансиран од ЕУ и ко-финансиран од УНИЦЕФ, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи ја предводеа трансформацијата на системот, вклучително и законските измени.
Клучните измени кои се предлагаат во новиот предлог Закон за правда за децата се однесуваат на следното:
Начелото за најдобар интерес на детето треба да добие приоритет кога се донесуваат одлуки за детето. Кога се одлучува што претставува најдобар интерес за детето, треба да се земат предвид бројни фактори што влијаат на секој поединечен случај. Тоа значи дека сите стручни лица што се предводат од најдобриот интерес на детето, донесуваат одлука раководејќи се според она што е најпотребно за општата добросостојба на детето.
Пристапот на ресторативна правда е сеопфатен водечки пристап, кој обезбедува активно спроведување на правото на детето да биде слушнато притоа стремејќи се да постигне ресторативен исход што ќе ја унапреди рехабилитацијата и реинтеграцијата на детето. Ресторативната правда овозможува мирно решавање на конфликтите во рамките на заедниците, семејствата и училиштата и се фокусира на помирување помеѓу сторителите и оние што се погодени од делото со цел да се врати социјалната кохезија.
Судијата за деца го следи предметот на детето од изрекувањето на мерката/санкцијата, до прегледот и целосното спроведување на мерката/санкцијата. Досега, извршувањето на санкцијата го следеше судијата за извршување на санкции.
Децата во судир со законот се информираат за времетраењето на изречената мерка, а судот ја преиспитува мерката секои шест месеци по службена должност за да утврди дали е променета состојбата или детето треба предвремено да се ослободи.
Детето жртва дава исказ без неоправдано одлагање откако е поднесена кривичната пријава и тоа се евидентира согласно одредбите на законот и се користи како доказ за време на постапката.
Медијацијата како ресторативна пракса се зајакнува преку задолжителен обид да се спроведе медијација, односно, надлежниот обвинител на странките во постапката им дава предлог за спроведување медијација.
Предложените измени се направени во согласност со Завршните забелешки на Комитетот за правата за детето, каде се посочува потребата за именување специјализирани судии за деца; децата жртви и сведоци на сите форми на насилство да бидат интервјуирани без одлагање од страна на обучени лица за форензичко интервју во простории по мерка на децата, и децата жртви на сите форми на насилство да имаат пристап до терапија водена од доживеаните трауми и друга соодветна рехабилитација.
“Целта е да се измени постоечката законска рамка, со цел државата да понуди подобра заштита на правата и интересите на сите деца, без оглед дали се во судир или се во допир со законот,“ рече претседателката на собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Соња Мираковска.
За време на денешната дискусија беше опфатен уште еден важен аспект од трансформацијата на системот, односно, распределбата на соодветни буџетски средства за имплементација на Законот за правда за децата, врз основа на препораките од „Анализата на трошоците во однос на адекватноста, ефикасноста, ефективноста и правичноста на владиниот буџет во областа на правда за децата” спроведена со техничка поддршка на УНИЦЕФ. _______________________________________________________________________
Оваа година УНИЦЕФ ја одбележува 30-годишнината во Северна Македонија. Во 1993, УНИЦЕФ беше една од првите агенции на Обединетите нации што отвори канцеларија во земјата по независноста, првенствено обезбедувајќи хуманитарна помош на децата бегалци од Босна.
Оттогаш, УНИЦЕФ работи со Владата и партнерите на унапредување на правата на секое дете.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.