Отворен нов центар за поддршка на згрижувачки семејства за да се поттикне згрижувањето на деца без родителска грижа

26 Јули 2021
UNICEF Representative and Minister of Labour and Social Policy UNICEF MK
UNICEF/2021/Georgiev

26 јули 2021 година:  УНИЦЕФ, Министерството за труд и социјална политика и партнерите денеска го отворија првиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства во земјата за да се унапреди семејната грижа за децата без родителска грижа и за да се обезбеди поддршка за новите и постојните згрижувачки семејства.

„Основната задача на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства е да ги поддржува, да им помага и да ги насочува згрижувачките семејства да обезбедат токму онаква грижа каква што му е  потребна на детето сместено кај нив. Стручниот тим од Центарот ќе им дава стручна поддршка, обука, совети и водство за згрижувачките семејства за заеднички да го остварат „најдобриот интерес на детето“, како што предвидува и налага Конвенцијата за правата  на детето,“ истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. “Друга, не помалку значајна улога на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства е промовирање на згрижувањето, односно мотивирање на што поголем број заинтересирани граѓанки и граѓани да станат згрижувачи на деца. Денешниот број на згрижувачки семејства во земјава е околу 300 кои згрижуваат околу 500 деца, но ние очекуваме овие бројки и понатаму да се зголемуваат, за да може секое дете кое има потреба од сместување да биде згрижено во семејна средина,

Центарот за поддршка на згрижувачки семејства ќе го потпомогне процесот на мобилизирање на згрижувачи кои имаат искрена желба и мотивација да се посветат на децата што имаат потреба од семејна грижа, вклучувајчи ги и децата со попреченост, бебињата, децата-жртви на насилство или занемарување и децата изложени на ризици.  

„ Ништо не може да ја замени љубовта и поддршката што ја дава семејната средина. Кога ќе остане без семејна грижа, детето почнува да страда, , а тоа може да има штетни последици по неговиот раст и развој, “ рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ. „Токму затоа престојот во згрижувачко семејство, дури и за краток временски период, е најдобриот начин да се обезбеди секое дете да го добие она што секој од нас би го очекувал за своите деца - соодветна грижа, љубов и посветеност.“

Мрежата на регионални центри се проширува со отворањето на вториот Центар за поддршка на згрижувачки семејства во среда, 29 јули 2021 година во Битола, во просториите на поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца – Битола“ кој беше трансформиран во 2019 година откако сите деца најдоа алтернативо сместување во заедницата. Центрите ќе помогнат да се идентификуваат згрижувачи во секоја општина, при што ќе се води сметка за одржување врска со семејството, заедницата и културното потекло на детето.

Унапредувањето и зајакнувањето на системот за згрижување во Северна Македонија е дел од пошироката реформа на детската заштита, поткрепена со Конвенцијата за правата на детето и Упатствата на ОН за алтернативно згрижување на децата, со кои се потврдува дека децата растат и се развиваат најдобро во грижлива средина исполнета со љубов, поддржани од грижливи и одговорни возрасни.

Со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, УНИЦЕФ придонесе кон зајакнување на системот за згрижување преку обезбедување техничка помош за изработка на стандарди за згрижување, процедури, пакети со алатки, материјали за обука и специјализирани модули, но и спецификации за центрите за поддршка на згрижувачките семејства, истовремено поддржувајќи ја компонентата за развој на капацитетите кај стручните лица кои работат во системот за згрижување.

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.