Подобро образование по КОВИД-19

„Се надевам дека кога ќе заврши кризата ќе можеме да се вратиме во нашите училишта. Но, најмногу од сѐ, се надевам дека ќе се вратиме во подобро образование.“

Блог од младата репортерка на УНИЦЕФ - Јана Стојковска (17)
Child's hands making a mini prototype over a craft paper
UNICEF/MK
17 Ноември 2020

КОВИД-19 комплетно го промени светот и многу од нас учениците за првпат во нашиот живот се запознавме со моделот на онлајн-настава и учење на далечина. Се надевам дека кога ќе заврши кризата ќе можеме да се вратиме во нашите училишта. Но, најмногу од сѐ, се надевам дека ќе се вратиме во подобро образование, во кое секој ученик ќе напредува и ќе биде успешен, согласно своите вештини и интереси. Ова се само некои од моите предлози и идеи како можеме да го направиме тоа.

Учениците нека одбираат кои предмети сакаат да ги учат

Честопати со моите пријатели споделуваме искуства и си разговараме за тешкотиите на кои наидуваме во училиште учејќи некои предмети за кои немаме интерес. Одвојуваме многу време и енергија да постигнеме одредени резултати по тие предмети, наместо да се фокусираме на предметите и подрачјата за кои имаме интерес и да ги продлабочиме своите знаења од тие области. Затоа сметам дека секој ученик, согласно возраста, своите интереси, познавања и вештини, треба да биде во можност да одбере предмети и области на изучување, кои ќе му донесат радост и задоволство при учењето, а ќе му помогнат да напредува и да остварува успешни резултати. Постои потреба од поголема понуда. Сакам да имам можност да учам предмети како ментално здравје, здрава исхрана, но и практични предмети како готвење и шиење за да се стекнам со дополнителни вештини што ќе ми помогнат во секојдневната грижа за себе.

Помал број часови во текот на еден училиштен ден

Одам во училиште во две смени и имам по 6 или 7 часа дневно. Па така, честопати, на последните часови, пред крајот на училишниот ден, особено во втората смена, губам концентрацијата, паметот ми лута и размислувам на нешто сосема друго. Исцрпувачки е на секои 45 минути да се слуша и да се учи различен предмет. Тоа бара целосно внимание и полна концентрација. Кога ќе ме совлада уморот, мислите ми одлетуваат и дури подоцна сфаќам дека сум пропуштила голем дел од предавањето на наставникот, што значи дека треба да вложам дополнителен напор самостојно да истражувам за да можам да надоместам.

Ако имаме помал број часови во текот на денот би имале поголема концентрација и фокусираност, и би биле поактивно вклучени за време на часот. Тоа секако ќе придонесе и за подобри резултати во учењето.

Паралелки со помалку ученици

Вообичаено учам во паралелка со повеќе од 30 ученика, но во неколку прилики сум имала можност да присуствувам на час со 15 ученика. Искуството беше одлично. Согледав дека можам да научам многу повеќе. На часот беше многу потивко. Наставникот беше пофокусиран, имаше време да посвети внимание на секој од нас и да одговори на секое наше прашање. Моето внимание во целост беше насочено кон предавањето и ми беше многу полесно да ги совладам новите содржини. Сакам да учам секојдневно во мали паралелки со околу 20-тина ученика, каде соработката со наставникот и соучениците ќе биде подобра. Часот ќе биде поефикасен, а ние учениците ќе добиеме доволно време да се искажеме, да поставиме прашања, да научиме.  

Активности за поголема вклученост

Многу ми се допаѓаат часовите кога наставникот ја предава лекцијата преку презентација или ги вклучува учениците преку самоистражување. Кога сите учествуваме и сме активни. Ваквите часови се многу поефикасни. Сакам да учам на часови што ќе бидат организирани на начин кој ќе нѐ вклучува повеќе нас учениците, часови на кои активно ќе работиме на проекти и истражувања, ќе водиме дебати и дискусии. Вака развиваме нови вештини и интереси. Интерактивните часови ја елиминираат поспаноста и пасивноста и придонесуваат за подобрување на концентрацијата и мотивацијата кај учениците.  

Оценки и знаење

Притисокот за добивање високи оценки на сите ученици само им го отежнува процесот на совладување вештини и знаења. Оценките не се секогаш мерило на знаењето. Тие не се секогаш реални и не укажуваат на тоа дали навистина сме го совладале материјалот. Најважно е она што го учам да го разберам и да можам да го применам понатаму во живот.

Повеќе практична настава

Помалку тестови, а повеќе практична настава. Тестовите и писмените што моментално ги правиме,  не го тестираат во целост она што го знаеме. Со нив вообичаено се проверува колку сме запомниле одредени информации кои, најчесто, за кратко време ги забораваме. Исто така, забележувам дека многу подобро помнам, доколку тоа што го учам го правам и практично. Практичното учење и вежбање ни овозможува да ја примениме теоријата во практика. Повеќе можности да ја искусиме теоријата во практика нѐ водат до стекнување нови вештини и проширување на нашите знаења.

Образованието е еден од најзначајните делови од развојот на една личност. Сакам да живеам во општество што нуди квалитетно и достапно образование за секое дете. Само така сите ние можеме да се развиваме, да напредуваме, да се подобруваме, да ги надградуваме своите знаења и континуирано да стекнуваме нови вештини за да можеме да придонесуваме во нашата заедница.

Да делуваме заедно за подобро и поквалитетно образование, да придонесеме за уште подобро општество и повеќе успешни млади луѓе!