Дали имате љубов за давање?

На секое дете му треба семејство

A banner from the campaign with the text every child needs a family over a photo of a young girl sitting on a chair next to a window
UNICEF/2018

Министерството за труд и социјална политика и  УНИЦЕФ  ја отпочнаа кампањата „На секое дете му треба семејство“ која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата има за цел и да мобилизира поддршка за решенија за грижа во семејно опкружување на ниво на заедницата, наспроти институционално згрижување.

Почетокот на кампањата го означија млади луѓе со флеш моб пеејќи ја познатата песна „Галебе мој тажен“ – песна која е дел од видеото на кампањата – и испратија едноставна и силна порака „Дали имате љубов за давање?“.

Целта на кампањата е да поттикне поддршка за алтернативна грижа за децата наспроти сместувањето во големи институции и да даде поддршка да се стави крај на сместувањето деца помали од три години во големи институции до 2020. Во моментот над двеста деца – бебиња помали од три години, деца со попреченост и деца кои се одделени од своите родители поради злоупотреба или насилство – се згрижени во големи институции во земјава.

Преку познатата македонска песна телевизискиот спот со порака „Дали имате љубов за давање„  ќе се емитува на националните телевизии и на девет регионални телевизии. Покрај радио, печатен материјал, билборди и дигитални материјали, кампањата вклучува и други начини на вклучување на луѓето во оваа иницијатива. Над педесет познати лица ќе и се приклучат на кампањата и ќе ја дадат поддршка преку своите профили на социјалните медиуми.