Детските бракови ги лишуваат девојчињата од детство и се закана за добросостојбата и иднината на општеството
На Меѓународниот ден на жената, претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани повикува на поголема акција за да се стави крај на детските бракови
Скопје, 8 март 2024: На денешниот Меѓународен ден на жената, додека здружени го креваме гласот за родова еднаквост и добросостојба на жените, не можеме да заборавиме на една сериозна последица од вкоренетата родова нееднаквост – на детските бракови.
„Иако оваа штетна пракса значително се намали во последната деценија, детските бракови и понатаму претставуваат проблем за девојчињата во Северна Македонија. Осум отсто од сите жени на возраст од 20-24 години во земјата се омажиле или почнале да живеат во заедница пред 18-годишна возраст. Уште позагрижувачки е што 45 отсто од жените Ромки на возраст од 20-24 години во земјата биле мажени или живееле во врска пред 18-годишна возраст, и 15 отсто жени од истата група биле мажени или живееле во врска пред 15-годишна возраст [1].
Детските бракови ги лишуваат девојчињата од детство и имаат штетни последици по нивното здравје и економски изгледи. Штетно влијаат врз развојот, пристапот до училиште и нивниот севкупен квалитет на живот. Кај девојчињата кои се мажат пред 18-годишна возраст веројатноста да станат жртви на семејно насилство е поголема, а веројатноста да останат на училиште е помала. Честопати тоа е тесно поврзано со раѓањето деца на рана возраст, со зголемен ризик од компликации за време на бременоста и породувањето.
„Северна Македонија ја усвои Конвенцијата на ОН за правата на детето, како и двата факултативни протоколи, и Конвенцијата за елиминација на сите форми на насилство врз жените каде експлицитно се забранети детските бракови. Исто така, со Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција) од државите се бара да ги криминализираат присилните и детските бракови.
„Иако законскиот праг за стапување во брак во Северна Македонија е 18 годишна возраст, постојат исклучоци децата да стапат во брак со наполнети 16 години, но со одобрение од судот. Тоа доведува до правни празнини поврзани со детските бракови. Правото на „слободна и целосна“ согласност за брак е признаено во Универзалната декларација за човекови права, но прифатено е дека таквата согласност не може да биде „слободна и целосна“ кога страните се недоволно зрели за да донесат информирана одлука за нивниот животен партнер.
„Во завршните согледувања од 2022 година, Комитетот за правата на детето на ОН препорачува дека е неопходно Северна Македонија да „спроведе целни мерки за искоренување на детските бракови и за подигање на свеста за негативните ефекти од таквите штетни традиционални практики за децата, особено кај ромското население”. Ваквата ситуација повикува на поголеми напори со цел:
- Да се зајакнат законите за да се отстранат можните правни празнини и да се обезбеди целосна усогласеност со меѓународните стандарди.
- Да се продолжи со намалување на сиромаштијата имајќи предвид дека детските бракови опстојуваат поради сиромаштијата. Некои родители го поттикнуваат мажењето на своите ќерки со надеж дека бракот ќе донесе и финансиска и општествена полза, и истовремено ќе се намали финансискиот товар врз семејството. Да се потсетиме, 30 отсто од децата во Северна Македонија живеат под прагот на сиромаштијата и оваа стапка е двојно поголема во споредба со стапката на сиромаштија кај возрасните лица.
- Конечно, потребно е да се оспорат и патријархалните ставови, односно, давањето приоритет на традиционалните родови улоги и честа на семејството за сметка на самостојноста и правата на девојчето. Одлуката за детски брак обично ја носат машките членови на семејството и тие очекуваат дека девојчињата ќе ја прифатат оваа норма. Неопходни се поголеми напори за заедниците да се вклучат во унапредување на добросостојбата и исполнувањето на потенцијалот на секое девојче, продолжување на образованието и способноста на девојчето да одлучи со потполна согласност за својата иднина.
„Инвестирањето во зајакнувањето на девојчињата и жените, нивното знаење, вештини и учество, како и работење со момчињата и мажите се покажа како најдобра пракса за искоренување на детските бракови на глобално ниво. На овој Меѓународен ден на жената да застанеме сите зад девојчињата и да продолжиме да работиме за да се стави крај на оваа штетна пракса.”
[1] Повеќеиндикаторско кластерско истражување 2018-2019 и Ромски населби во Северна Македонија, MICS, Државен завод за статистика
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.