Од неизвесност до самодоверба

Пилот-програмата за семејно-ориентирана интервенција во раното детство на родителите им ја обезбедува потребната поддршка, самодоверба и практични насоки за да им помогнат на своите деца да се развиваат и напредуваат.

-
УНИЦЕФ
27 Ноември 2026

Кога двегодишната Јана влегува во просторијата со својата мајка, веднаш ја препознава Љубица, која сите ја знаат како Бубе.

„Еве го моето девојче!“, вели Бубе, пречекувајќи ја Јана со топла прегратка.

Јана ја сместуваат покрај Бубе и останува во нејзина близина во текот на целата посета, насмеана и разиграна. Нивната поврзаност е очигледна. Во изминатата година, Бубе стана позната и доверлива личност во животот на Јана. Секоја недела го посетува семејството и им помага на родителите да го поддржат нејзиниот развој преку секојдневните активности.

Бубе е примарен давател на услуги за Јана во рамките на новата пилот-програма за семејно-ориентирана интервенција во раното детство (СОРИД), со која им се нуди поддршка на семејствата во домашни услови, поткрепена со стручноста на поширок тим професионалци.

Но, патот да се дојде до ваква поддршка не бил едноставен. Јана е предвремено родено дете и се соочувала со неколку развојни ризици. Кога нејзините родители, Марија и Петар, ја донеле дома од болница, добиле долг список на специјалисти со кои требало да се консултираат. Решени да обезбедат најдобра можна поддршка за ќерка си, ги следеле сите препораки што можеле. Но, сложениот систем често ги збунувал.

„Бевме на многу различни места“, се сеќава Марија. „На едно место ќе ти кажат едно, на друго нешто друго. Ќе те упатат некаде, ама не можеш да закажеш термин, а стручните мислења не секогаш се совпаѓаат. Сето тоа на почетокот беше голем предизвик.“

Љубица стои во ходникот на станбена зграда и тропа на вратата на семејството за време на домашна посета.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2026 „На почетокот, кога влегуваш во нечиј дом, не си ниту член на семејството ниту пријател, па се однесуваш формално. Но, по некое време ќе слушнеш: ‘Влези, отворено е!’“, раскажува Бубе. Со текот на времето, редовните домашни посети помагаат да се изгради доверба меѓу семејствата и примарните даватели на услуги.

Едно лице крај семејството, но со поддршка од цел тим

Во изминатата година, во Скопје, Штип и во Полошкиот регион беше пилотирана семејно-ориентираната интервенција во раното детство (СОРИД). Наместо родителите сами да се обидуваат да најдат различни услуги, овој модел ги обединува стручните лица од здравството, образованието и социјалната заштита околу детето и неговото семејство.

Овие професионалци работат како трансдисциплинарен тим, користејќи ги своите знаења и искуства, но и сознанијата на родителите за потребите и секојдневието на детето. Заедно, тие развиваат Индивидуализиран план за семејна поддршка, а по потреба вклучуваат и дополнителни специјалисти. За деца до три години, поддршката се обезбедува главно преку советување на семејството во домашни услови, а како што растат децата, сè повеќе и во градинките и другите заедници. Оваа поддршка ја координира примарниот давател на услуги, па семејството не мора само да се снаоѓа низ системот.

За Марија и Петар, промената е како практична така и лична. Веќе не мора сами да толкуваат различни препораки. Сега имаат еден примарен давател на услуги кој редовно се состанува со нив, го следи напредокот на Јана и се консултира со други стручни лица кога е потребна дополнителна експертиза.

„Бубе ни е многу важна и многу ни помогна“, вели Марија. „Доаѓа кај нас дома секоја недела. Разговараме за тоа што постигнала Јана и на што треба да работиме следно. Вежбаме и имаме јасни упатства за тоа каде треба да одиме и што треба да правиме.“

Поради редовниот контакт, на родителите им е полесно да поставуваат прашања кога ќе забележат некој нов момент или реакција.

„Ако нешто ни е нејасно или ако забележиме ново однесување или нова реакција кај Јана, ѝ се јавуваме на Бубе или ѝ праќаме видео“, вели Петар. „Тоа прави огромна разлика.“

Додека зборува, Петар ѝ подава на Јана едно ливче. Таа посегнува по него и го зема со рачето. „Претходно не беше вака“, вели тој.

Марија се сеќава како рачињата на Јана претходно биле цврсто затворени и не можела да држи предмети. Денес, Јана учи да зема предмети, да ги држи и да ги подава на друг – она што личи на обичен гест, за неа е важен напредок.

„Кога Бубе ќе намисли нешто, не се откажува“, се насмевнува Марија.

Крупен кадар од детска рака која посегнува да земе парче хартија од отворената дланка на возрасно лице.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2026 Јана посегнува по ливчето што ѝ го подава татко ѝ, покажувајќи ги вештините на кои вредно работела изминатава година.

Поддршка за родителите со цел тие да го поддржат своето дете

За Бубе, ваквите моменти ја отсликуваат суштината на семејно ориентираната рана интервенција во детството (СОРИД).

„Кога на родителите ќе им го зајакнете капацитетот за поддршка на своето дете, целокупниот развој на детето оди во нагорна линија“, објаснува таа. 

„На детето можеби и понатаму ќе му требаат специјализирани терапии; не се работи за избор меѓу една или друга услуга. Но, една терапевтска сесија може да трае еден час, еднаш или двапати неделно. Остатокот од поддршката се случува секој ден, дома.“

Малите деца учат и се развиваат преку секојдневни интеракции со познати луѓе во познати средини. Затоа, оваа интервенција им помага на родителите да изградат самодоверба и да стекнат знаења и вештини за да го поддржат развојот на своето дете преку секојдневната рутина, од оброци и игри до прошетки, капење и дружење со браќата и сестрите.

Како примарен давател на услуги, задачата на Бубе не е да држи терапевтски сесии при посетите. Наместо тоа, таа ја набљудува Јана во нејзината природна средина, им покажува практични стратегии на родителите и им помага да ги применат овие стратегии во активности што веќе се дел од семејниот живот.

„Јас можам да покажам што треба да се направи, да набљудувам како семејството го прави тоа и да им дадам насоки“, вели Бубе. „Но, мајката и таткото се тие кои го поддржуваат детето до мојата наредна посета.“

Овој пристап истовремено ги препознава родителите како експерти за своето дете. Бубе вели дека, кога разговарале на почетокот, на Марија и Петар им било тешко да ги утврдат промените на кои сакаат да им дадат приоритет. Како што растеле нивното знаење и самодоверба, ова се променило.

„Сега ќе ми речат: ‘Бубе, на ова би сакале да работиме следно и ова сакаме Јана да го постигне”, раскажува таа. „Родителите почнуваат да препознаваат што би можело да постигне нивното дете. Мојата улога е да обезбедам стратегии и поддршка.“

Љубица се насмевнува додека гледа во Јана додека седи до неа
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2026 Преку игра, разговор и секојдневни интеракции, Бубе го поддржува развојот на Јана, а нејзините родители ги советува како да ги продлабочат ваквите практики во текот на неделата.

Оброците како можности за учење

Една од најголемите грижи на семејството била исхраната на Јана. Во семејно-ориентираниот модел, поддршката започнува од оние промени кои според родителите би направиле најголема разлика во секојдневниот семеен живот.

„На почетокот не јадеше ништо“, вели Марија. „Пробав сè и сешто, зашто како родител, единственото нешто што ми беше важно беше таа да јаде.“

Бубе ги закажувала домашните посети за време на оброците на Јана. Набљудувала како Јана седи, како ги движи рацете и устата и како ѝ се дава храната.

„Отпрвин не ја знаевме ни правилната положба“, вели Марија. „Бубе ми покажа како да ја седнам исправено и да бидам сигурна дека е стабилна. Порано сè ѝ блендирав. Сега ѝ давам повеќе цврста храна, а Јана си џвака. Си пие и од чаша.“

„Секое дете е различно“, објаснува Бубе. „Затоа, процесот започнува со функционална проценка, со цел да се разбере до каде е детето во однос на промените што сме ги утврдиле како приоритет заедно со семејството. Во случајот на Јана, јадењето цврста храна беше посочено како прв приоритет. Оттука, разгледавме што може да прави со рацете, како ја користи устата, како џвака и голта. Врз основа на тоа и во консултација со тимот, изработивме стратегии прилагодени специјално на нејзините потреби.“

„Почнавме да користиме силиконски четки за да ѝ ги стимулираме мускулите што се користат за јадење и им покажавме на родителите како да ѝ даваат храна за да поттикнат движење на устата. Секоја цел прво ја разложуваме на изводливи чекори, потоа ги објаснуваме и ги демонстрираме чекорите, и ги запишуваме упатствата. Секоја недела го ревидираме напредокот на детето и ја прилагодуваме поддршката.“

„Благодарение на упатствата на Бубе, Јана сега сама си ја зема лажицата, ја става во чинијата и ја принесува кон устата.“ вели Петар.

Силуета од мало дете кое посегнува кон раката на возрасно лице
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2026 Напредокот се ревидира секоја недела, а стратегиите се прилагодуваат според тоа што може да направи Јана и на што нејзините родители сакаат да работат следно.

Учење преку поврзување

Во текот на целиот разговор, Петар постојано е блиску до ќерка си. Разговара со неа, реагира на нејзините звуци и го следи она што го привлекува нејзиното внимание. Во еден момент, Јана посегнува по неговите очила. Тој нежно ѝ ги става на главата.

„Види колку си убава, Јана“, ѝ велат возрасните. Таа им подарува широка насмевка и сите заедно се смеат.

Овие размени не се само мали семејни моменти, туку и можности за Јана да комуницира, да вежба нови вештини и да учи преку топлиот и внимателен однос со луѓето што ѝ се најблиски.

„Дури почна да станува и по малку срамежлива“, забележува Бубе. За семејството, ова е добар знак дека Јана станува сè посвесна за луѓето и интеракциите околу себе и сè повеќе се одзива на нив.

А почна по малку и да зборува. Си има и еден омилен израз: „Ете така“.

За Марија и Петар, промените се видливи не само во способностите на ќерка им, туку и во нивната самодоверба како родители. Сè уште користат специјализирани услуги, но веќе не чувствуваат дека се оставени сами на себе за секое прашање.

„Секое семејство кое се соочува со слични предизвици треба да има пристап до ваква поддршка.“, вели Петар. 

„Никој од нас дома не е експерт. Понекогаш се грижиме без причина; а другпат може да пропуштиме работи што се важни. Кога имаш некој што може да те насочи, тоа прави голема разлика.“, тој објаснува.

Мало дете држи книга со помош на возрасен
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2026 За Јана, малите секојдневни моменти се можности да комуницира, да вежба нови вештини и да учи преку топлиот и внимателен однос со луѓето што ѝ се најблиски.

Изградба на систем што ќе ги поддржува сите семејства

Напредокот на Јана е доказ за ефектот што може да го има координираната поддршка ориентирана кон семејството. Меѓутоа, ваквата поддршка во моментов не им е достапна на сите семејства на кои им е потребна. 

Се проценува дека во Северна Македонија повеќе од 11.000 деца помали од шест години имаат потреба од услуги за интервенција во раното детство. 

Многу семејства, сепак, и понатаму се соочуваат со тешкотии во пристапот до координирана поддршка, особено семејствата во ранлива положба, ромските семејства и оние што живеат во рурални и оддалечени средини.

За да одговорат на овие потреби, Министерството за здравство, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за образование и наука, со поддршка од УНИЦЕФ, го пилотираат овој пристап и ги поставуваат темелите за координиран национален систем за интервенција во раното детство. Работната рамка на пилот-проектот беше утврдена преку Меморандум за соработка меѓу трите министерства.

Преку пилот-проектот, обучени професионалци од здравствените институции, центрите за рехабилитација, градинките, ресурсните центри и давателите на социјални услуги остваруваат соработка за да ги поддржат децата кои се изложени на ризик од застој во развојот и попреченост, и за да ги зајакнат семејствата кои се грижат за нив.

Искуството од пилот-проектот влијае и врз долгорочните реформи. Со нацрт-законот за интервенција во раното детство се предлага координиран, семејно-ориентиран и трансдисциплинарен систем наменет за новороденчиња, па сè до деца на шестгодишна возраст. Доколку се усвои, законот би предвидувал услуги за интервенција во раното детство низ целата земја, индивидуални семејни планови за услуги и примарен давател на услуги како главно лице за контакт на секое семејство, кое ќе ја координира поддршката меѓу секторите здравство, образование и социјална заштита.

Најраните години од животот се уникатен развоен период кога детскиот мозок се развива побргу отколку во која било друга фаза од животот. Целта на моделот е едноставна, но амбициозна: секое семејство треба да има пристап до финансиски достапна, квалитетна поддршка во близина на домот, без оглед каде живее. За семејствата, ова значи да имаат доверливо лице на кое може да му се обратат за помош, поширок тим кога им е потребна специјалистичка експертиза, како и практична поддршка, со што на децата им се помага да учат, да учествуваат во секојдневниот живот и да напредуваат.