„Се чувствувавме сами во соба полна луѓе, а сега, кога сме изолирани, сите сме заедно“
Волонтерите-млади репортери изнаоѓаат начин да се изразат
- English
- Македонски
Живееме во тешко, неизвесно време и никој не е сигурен кога ќе заврши пандемијата со Ковид -19 . Ова е непозната територија дури и за стручните лица. Сепак, едно е јасно: сите – дури и младите –можат да помогнат за заедниците да бидат безбедни.
УНИЦЕФ соработува со млади луѓе од целата земја за да изнајдат применливи решенија на проблемите во заедницата. Преку иницијативата „Да се волонтира во време на КОВИД-19“, УНИЦЕФ им овозможува простор да се вмрежат и да го преземат водството во изготвување иницијативи за ангажирање како реакција на пандемијата. Шеснаесет од нив работат како волонтери-млади репортери на УНИЦЕФ. Целта е да се оформи мрежа млади луѓе кои се оспособени да преземат сѐ што е потребно за да им се чуе гласот и за да ги презентираат позитивните придонеси на нивните врсници додека трае пандемијата на КОВИД-19, а и долго време откако ќе заврши кризата.
Волонтерите-млади репортери се обучени да создаваат и изработуваат сопствена мултимедијална содржина, како што се блогови, видеа, влогови, пишани статии и постови на социјалните медиуми, на теми што им се битни. Соработуваат за да спроведат локални истражувања за предизвиците што ги засегаат децата и младите во нивните заедници за да ја подигнат свесноста за овие предизвици и за да изнајдат решенија.
Иницијативата се надоврзува на програмата за млади волонтери што се спроведуваше пред да се затворат училиштата и пред да се ограничи движењето. Сите 16 млади луѓе се јавија на конкурсот на УНИЦЕФ за волонтери и сѐ беше подготвено за обуката со која требаше да започне пионерската иницијатива.
Првичниот план беше волонтерите да доаѓаат во Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје секоја недела на работилници во период од два месеци, но поради КОВИД-19 планот се изјалови. Наместо да ја одложи обуката, УНИЦЕФ ја поедностави и ја префрли целата програма на интернет. Целта беше волонтерите да ги совладаат основните знаења за известување за да се оспособат за работа што поскоро преку работилници што се фокусираа на:
- Информации за КОВИД-19
- Медиумска писменост и пишување блогови
- Подготвување на блоговите
- Графички дизајн и видео-продукција
За кусо време стана јасно дека младите волонтери се подготвени да прифатат нови идеи и дека имаат голема желба да го искажат својот став. Покажаа голем ентузијазам за спроведување на повратните насоки што ги добиваа и кога видоа како се реализира нивниот труд. Но, пред сѐ беа пресреќни што придонесуваат во справување со КОВИД-19. Еве како ни објасни Вероника, која има 16 години:
„Зошто сум волонтер? Волонтер сум зашто навистина сакам да помогнам и зашто сум убедена дека секој човек може некако да придонесе кон заедничкото решение. Исто така, волонтерството е најсилната инјекција за зајакнување на добросостојбата:). Моето мото во времето на КОВИД-19 е следново: се чувствувавме осамено во соба полна луѓе, а сега, кога сме изолирани, сите сме заедно. Вирусот е само лекција што треба да ја научиме и ако останеме дома и ако ги почитуваме советите на стручните лица, наскоро ќе го совладаме. Не сме сами“.
Првата задача им беше да ги дефинираат темите, да побараат од врсниците да ги споделат ставовите за прашањата што најмногу ги засегаат, како што е менталното здравје, тешкотиите кога се прилагодуваме на учење од далечина и уште многу други теми. Преку работилниците учесниците се поврзаа и со стручњаци за КОВИД-19, но и со луѓе кои споделуваа информации за медиумските вештини.
Обучувачите за кусо време согледаа дека младите волонтери изобилуваат со информации и се навистина поврзани, а и дека имаат цврсти ставови – што им се оформиле под влијание на пристапот до мноштвото информации на социјалните медиуми и другите канали.
„Дојдоа подготвени со вештини за истражување,“ вели Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ „и беа обучени за брзо собирање информации, со едно кликање. Бидејќи се веќе медиумски писмени, информациите не треба да им ги служиме на тацна. Исто така се оспособени да разликуваат факти и лажни вести, а и се кадри да им објаснат на другите млади како да ја прават таа разлика“.
Повеќето волонтери-млади репортери во животот немаа напишано ништо освен училишните задачи. Но, учеа преку делување и тимски почнаа да пишуваат четири блога:
- „Здравје – да, стигма – не“, за ментално здравје
- Социјализација во новата нормала
- Учење од далечина: проблеми и можни решенија
- Кои поуки ќе ги извлече светот од пандемијата на КОВИД-19
На прашањето зошто се пријавила како волонтер, 15-годишната Марија рече: „Со волонтерството добивам елан, ми помага да ги усовршам вештините и способностите. Ќе се стекнам со вистинско искуство кое ќе ѝ придонесе на заедницата, а јас ќе оставам печат. Како млад репортер многу ми е забавно што правам нешто што ми значи и што ме исполнува. Исто така ми се допаѓа што секој од нас си има различна приказна од која учам нови нешта кои ми помгаат да ги погледнам работите низ поинаква призма“.
Ова е само почетокот: веќе се во план низа видеа со кои се опфаќаат различни теми како што е физичкото здравје во време на КОВИД-19. Ова е првата кохорта волонтери-млади репортери која ќе остане во УНИЦЕФ барем година дена. Работат во екипи како што се усовршуваат, но кога ќе се стекнат со доволно самодоверба ќе се поделат за да си креираат содржина на теми по избор. Во моментов, главната тема е КОВИД-19, но тоа веројатно ќе се смени како што ќе ослабне кризата.
Младите репортери ќе ја покриваат и работата на другите млади волонтери во УНИЦЕФ, како иницијативата #SadiSiDoma – предизвик за градинарство и нула отпад што го имаат осмислено и со кој предводат млади лица со цел да се потпомогне одржувањето на менталното здравје и да се подигне свесноста за животната средина. И, од подолгорочен аспект ќе соработуваат со УНИЦЕФ за да создаваат содржини за млади луѓе на многу различни теми.
„Со тоа што соработуваме како партнери со 16 волонтери-млади репортери, освен што го поддржуваме нивното право да им се слушне гласот, вложуваме и во нивната енергија, креативност и нивните врски со други луѓе,“ рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ . „Едноставно им ги даваме алатките за да се оспособат, да можат да ги споделат искуствата и да учествуваат во светскиот одговор на кризата со КОВИД-19. Потоа нашата задача ќе биде да се тргнеме настрана и да ги оставиме да се вивнат во небото“.