Средношколците понудија решенија за прочистување на воздухот

18 Март 2024
Photo collage of UPSHIFT winners
LEAD

Скопје, 18 март 2024: Пет средношколски тима освоија по 120,000 денари и тримесечна менторска поддршка за реализација на своите решенијa за справување со загадениот воздух преку различни модели за филтрација и прочистување на воздухот.

Од 4 до 6 март оваа година, вкупно десет групи средношколци од целата земја, што беа избрани за финалисти во програмата UPSHIFT на отворен повик, со поддршка на ментори креираа решенија за намалување на штетите од загадениот воздух. 

Петте најдобри тима кои добија средства за спроведување на предложените идеи се:

  • СОУ „Гостивар“- Гостивар ќе креираат мобилен прочистувач на воздух за надворешна и внатрешна употреба, кој ќе се употребува на училишниот терен за време на часовите по физичко воспитување, но и во самите училници за време на часовите. Прочистувачот ќе се напојува со соларна енергија и нема да биде зависен од електричната мрежа.
  • СОУ,,28 ноември“- Дебар ќе тестираат четири различни методи на прочистување на воздухот во нивното училиште. Учениците ќе ги мерат и објавуваат резултатите постигнати со секој од четирите методи на прочистување и ќе направат проценки за ефикасноста на секој од четирите методи.
  • СУГС „Владо Тасевски“- Скопје ќе креираат економичен и ефикасен прочистувач кој ќе има четиристепено филтрирање на воздухот составено од јонизатор, активен јаглен, хепа филтер и силика одвлажнувач.
  • СОУ „Орде Чопела“- Прилеп ќе креираат „паметен еко панел“  во форма на вертикална градина составена од растенија кои имаат својства за ефикасно прочистување на воздухот. Паметниот еко панел ќе има двојно својство, како прочистувач на воздухот, но и прочистувач на почвата од тешки метали.
  • СОУ „Љупчо Сантов“- Кочани ќе изработи прочистувач на воздух кој работи врз база на природни филтри изработени од мов, лушпи од ориз и црн јаглен. Честичките од загадениот воздух се прилепуваат за слоевите од природните филтри и се испушта прочистен воздух од излезната комора.

UPSHIFT  е програма наменета за ученици од средните училишта кои имаат идеја за решавање на одредени предизвици во нивната заедница. Во периодот кој следува ќе бидат спроведени уште два циклуси од програмата UPSHIFT, насочени кон намалување на штетите од загадениот воздух.

Програмата UPSHIFT ја спроведува УНИЦЕФ во партнерство со  Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD),  со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој. Програмата е дел од проектот „UPSHIFT-ers for air quality“.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.