КОВИД-19 и носењето маски: совети за семејствата

Што треба да се знае за маските и како да се воведат во семејството.

УНИЦЕФ
A boy putting on a mask
UNICEF
27 Август 2020

Како правилно да носите маска 

Маските помагаат да се спречи ширењето на вирусот КОВИД-19, но, како што откриваат многу родители, не е лесно да се воведе носење маски кај децата.

Практиката на носење маска за намалување на пренесувањето на бактерии има долга историја во некои земји. Но, многу семејства ќе ја запомнат 2020 година како време кога за првпат ставиле маска. 

Ако претходно не сте носеле маска, тогаш веројатно имате многу прашања. За да ви помогнеме да донесете најдобри одлуки за вашето семејство, ги заокруживме најновите стручни информации за маските и КОВИД-19, за тоа како правилно да ги носите и да се грижите за нив, а и ви даваме идеи за тоа како успешно да ги воведете во своето семејство: 

За општи информации околу КОВИД-19, неговите симптоми, како се шири и како да се заштитите себеси и своите деца, прочитајте КОВИД-19: што треба родителите да знаат.

 

Зошто да се носи маска или да се покрива лицето?

Еден од главните начини на кои се шири КОВИД-19 е преку респираторните капки што луѓето ги исфрлаат кога зборуваат, пеат, кашлаат или киваат. Иако истражувањата се во тек, сега знаеме дека вирусот може да го шират лица кои не покажуваат симптоми, што значи дека некои луѓе може да бидат заразни дури и не знаејќи за тоа.

Тоа е една од причините зошто физичкото растојание е толку важно на места каде е распространет КОВИД-19. Но, не секогаш е можно да се држи растојание од другите на преполни јавни места, па затоа во такви околности се препорачува употреба на маска од ткаенина за меѓусебна заштита. 

Но запомнете, маската сама по себе нема да спречи ширење на КОВИД-19 - ние сите треба и натаму да практицираме физичко дистанцирање и често миење на рацете. Ако заедно ги применуваме овие чекори, можеме да го победиме КОВИД-19. 


Каков вид маска треба да набавам за моето семејство? 

Немедицински маски (наречени и маски од ткаенина или прекривки за лицето): Ако вие и вашето семејство живеете на место каде е распространет КОВИД-19 и ако немате симптоми на КОВИД-19, тогаш се препорачуваат немедицински маски.

Медицински маски: Медицинските маски се дефицитарни во светот поради пандемијата. Тие се препорачуваат ако вие или член на семејството сте во поголем ризик од сериозна болест поради КОВИД-19 (лица над 60 години или со основни здравствени состојби), или ако се грижите за некој со КОВИД-19. Медицинската маска треба да се носи за да се заштитат другите, доколку имате симптоми на КОВИД-19.


Каков вид маска од ткаенина е најдобар?

Маските од ткаенина или прекривките за лице ги има од најразновидни материјали и може сами да си ги направите дома или да ги купите во продавница. Иако истражувањата за користење на маски од ткаенина се во тек, нивната делотворност зависи од видот на употребената ткаенина и од бројот на слоевите. Светската здравствена организација препорачува три слоја кои се состојат од:

  • внатрешен слој од апсорбирачки материјал како на пр., памук
  • среден слој од неткаен материјал како на пр., полипропилен 
  • надворешен слој од неапсорбирачки материјал, како на пр., полиестер или мешавина со полиестер

Без оглед на видот на прекривка за лицето што ќе ја изберете, таа треба да ги покрива носот, устата и брадата и да биде прицврстена со ластичиња или со еластични врвци. 


Кога моето семејство треба да носи маска?

Проверете дали локалните власти налагаат да носите маска во одредени околности и дали даваат конкретни препораки за возраста таму каде што живеете. 

Дали вашите деца треба да носат маска зависи од низа фактори, вклучувајќи ја нивната возраст и способност безбедно и соодветно да користат маска. За повеќе детали, видете Упатства на УНИЦЕФ и на Светската здравствена организација

Ако КОВИД-19 е широко распространет во вашето подрачје, маската од ткаенина треба да се носи на сите јавни места каде што е тешко да се држи физичко растојание од другите и секогаш кога сте во затворен јавен простор. Што повеќе избегнувајте одење на преполни места и во затворени простории со слаба вентилација. 

Кружат многу неточни информации за употребата на маските и КОВИД-19, па затоа користете проверени извори како УНИЦЕФ, СЗО и вашите национални и локални здравствени власти кога носите одлуки за здравјето на вашето семејство. 


Кога не треба да носите маска?

Маска не треба да користат сите што не можат да ја отстранат без помош, вклучително доенчиња и мали деца, а и сите што имаат тешкотии со дишењето.

УНИЦЕФ и СЗО препорачуваат децата до 5-годишна возраст да не носат маска. Ова е врз основа на безбедноста на децата и врз основа на сознанието дека децата ги достигнуваат развојните показатели на различна возраст.

Некои земји имаат различни препораки за употребата на маски кај децата, па затоа е важно да проверите какви конкретни барања за возраста имаат вашите локални власти. Доколку бараат децата на возраст до 5 години да носат маска, тогаш вие или друг старател треба да го имате детето во директен видокруг за да ја надгледувате безбедната употреба на маската. 

Ако вие или некој член на семејството имате здравствена состојба или попреченост што го отежнува носењето маска, побарајте совет од вашиот лекар за тоа што е најдобро за вас. 

Кога вежбате, изберете место каде што не е потребно да се носи маска, како на пр., дома или во простор (на отворено) каде што може да држите безбедно физичко растојание од другите. Децата и возрасните не треба да носат маски кога спортуваат или имаат физичка активност за да не си го загрозат дишењето. Исто така, потта може да ја навлажни маската, со што се отежнува дишењето, а микробите полесно се размножуваат. 
 

На што треба да внимавам кога набавувам маска за моите деца? 

Многу маски се дизајнирани за возрасни и нема да им бидат по мерка на децата. Ако купувате маски, изберете соодветна големина за вашето дете. Без разлика дали купувате или правите маски за децата, бидете сигурни дека им ги покриваат устата, носот и брадата, дека нема празен простор од страните и дека маската не им го блокира видот. Проверете дали децата слободно дишат во маската додека брзо одите и зборувате.


Како да исчистите маска направена од ткаенина

Перете ги маските од ткаенина со сапун или детергент, по можност во жешка вода (барем 60 степени целзиусови) најмалку еднаш на ден. Ако ги перете во машина, користете највисока можна температура за видот на ткаенината. Ако ги перете рачно, користете топла вода и сапуница. По перењето, маската треба целосно да се исуши пред повторно да се носи. Чувајте ги маските во чиста кесичка.

 

Како правилно да носите маска 

Illustration of a boy wearing a mask
UNICEF

Правилното носење, отстранување и грижа за маската се важни за да го заштитите своето  и здравјето на оние околу вас. Со семејството следете ја оваа чек-листа за носењето маска да го претворите во рутина.


Кога ставате маска

  • Секогаш започнете со миење на рацете со сапун и вода пред да ставите маска. 
  • Осигурете се дека маската е чиста. Проверете дали има скинатини или дупки. Не носете ја ако е валкана или оштетена.
  • Наместете ја маската за безбедно да ви ги покрива устата, носот и брадата, без да има празен простор на страните.
  • Бидете сигурни дека дишете слободно. 


Додека носите маска

  • Сменете ја маската ако е извалкана или влажна.
  • Не повлекувајте ја маската под носот или брадата и не носете ја на главата - таа треба целосно да ги покрива устата и носот за да биде ефективна.
  • Не допирајте ја маската додека ја носите. 

Совет: Ако вие и вашето семејство планирате да ги вадите маските и пак да ги користите во текот на денот, носете чисти кесички за чување што се затвораат. Користете посебна кесичка за секоја маска во семејството. Кога ја ставате или ја вадите маската од кесичката, држете ја за еластичните јамки или врвци (без да ја допирате површината на маската) за да избегнете можна контаминација. Не заборавајте да ги измиете рацете пред да ја ставите маската на себе. 


Кога ја вадите маската

  • Измијте ги рацете пред да ја тргнете маската.
  • Симнете ја маската фаќајќи ја за еластичните јамки или врвци. Избегнувајте допирање на предниот дел на маската.
  • Измијте ги рацете по вадењето на маската.
  • Маските од ткаенина треба да се перат по секоја употреба и да се чуваат во чиста кесичка.
  • Медицинските маски се за еднократна употреба и треба да се фрлат во затворена канта.


6 најчести грешки што треба да се избегнуваат  

 

Illustration of wrong way of wearing masks
Adobe Stock/Veronika

Одлево надесно:

  • Не повлекувајте ја под носот
  • Не оставајте ја брадата непокриена
  • Не повлекувајте ја под брадата
  • Не допирајте ја маската додека ја носите
  • Не носете лабава маска
  • Не носете валкана, оштетена или влажна маска.      

Разговарање со децата за маските

Пандемијата на КОВИД-19 го наруши семејниот живот ширум светот предизвикувајќи стрес, вознемиреност и тага. Разбирливо, маските уште повеќе ги нагласуваат ваквите чувства кај многу деца, посебно на места каде тие не се навикнати да носат маски. Носењето маски може да биде збунувачко и вознемирувачко особено за помалите деца. 

Ако вашето семејство претходно не носело маски, важно е на прашањето да му пристапите отворено и со поддршка кон вашите деца. Носењето маска значи развивање навика, така што постојаните потсетувања и доследното однесување ќе бидат клучни. Исто така, важно е децата да ги потсетите дека маската секогаш треба да се комбинира со други клучни мерки на претпазливост (како физичко растојание, често миење на рацете) за да се заштитат себеси и другите. 

Еве неколку идеи што ќе ви помогнат да воведете маски во вашето семејство:


Бидете искрени

Користете јазик што одговара на возраста и обрнете внимание на степенот на вознемиреност кај вашите деца. Се согласуваме дека маските и не се нешто супер забавни за сите нас. Но, објаснете дека со носењето маски, помагаме луѓето околу нас да бидат безбедни, вклучително и постарите и поранливи членови на општеството. Носењето маска покажува дека се грижиме едни за други.

Потсетете ги дека има многу стручни лица што вредно работат за да го запрат КОВИД-19, но им треба и нашата помош, а тоа значи преземање на сите мерки на претпазливост.

И, за сите нас е важно да запаметиме дека само носењето маска не значи дека сме безбедни, туку дека треба и постојано да ги миеме рацете и да држиме растојание од луѓето надвор од домот. 


Слушајте и покажете емпатија

Прашајте ги вашите деца што мислат и внимавајте на знаци на вознемиреност, како што е менување на изразот на лицето и гестовите или на тонот на гласот. Одговорете на нивните прашања најдобро што можете. Во ред е да не ги знаеме сите одговори - ова е нова ситуација за сите нас. Потсетете ги дека секогаш и во секое време можат да ви се обратат со прашања или со дилеми. Редовно проверувајте како се чувствуваат. Зависно од возраста, може да ги прашате што слушаат од другарите за да започнете разговор и да бидете сигурни дека имаат веродостојни информации. 


Започнете дома 

Обидете се некое време заедно да носите маски дома и постепено продолжувајте го времето за да им помогнете на вашите деца да се навикнат на носењето. Со помош на чек-листата погоре, заедно вежбајте да ги ставате, носите и да ги вадите маските. 

Запомнете дека помалите деца повеќе се потпираат на знаците за визуелна комуникација како насмевнување, па затоа со нив вежбајте насмевнување со маска и имајте предвид дека и тонот на гласот ќе ви помогне. Исто така, може да ставите маска на нивната омилена играчка за маските да им станат поприфатливи.


Вклучете ги децата 

Маските ги има во многу бои и дизајни, па децата ќе ги видат како можност да се изразат. Обидете се изборот на маска или ткаенина да го претворите во забавна активност и да ги вклучите што повеќе. Запомнете, колку повеќе на вашите деца им се допаѓа изгледот на маската, толку повеќе ќе ја носат дури и кога не сте во близина. 


Бидете доследни 

Успешното носење маска е поврзано со развивање нова навика, па моделирањето на правилното однесување и повторувањето се клучни. Пронајдете начини да ја повторувате важноста на правилното носење маска и да го поттикнете семејството меѓусебно да се потсетува ако забележи нешто неправилно. Децата бргу забележуваат недоследности, па затоа бидете внимателни со примерот што го давате, а исто така, поттикнете ги и роднините и пријателите на семејството да ги следат препораките за носење маски.