Дали децата треба да носат маска?

СЗО советува луѓето секогаш да ги консултираат и да ги почитуваат практиките препорачани од локалните власти во подрачјето во кое живеат.

УНИЦЕФ
A girl wearing a mask
UNICEF
10 Септември 2020

Дали децата треба да носат маска?

СЗО советува луѓето секогаш да ги консултираат и да ги почитуваат практиките препорачани од локалните власти во подрачјето во кое живеат. Меѓународната мултидисциплинарна експертска група што ја состави  СЗО, ги разгледа доказите за болеста КОВИД-19 и нејзиното пренесување кај децата, како и ограничените достапни докази за користење на маски меѓу нив.

Врз основа на ова и на други фактори, како што се психо-социјални потреби и развојни показатели на детето, СЗО и УНИЦЕФ го советуваат следново:

Децата на возраст до 5 години не треба да носат маски. Ова е врз основа на безбедноста и вкупниот интерес на детето, како и врз основа на неговата способност соодветно да користи маска со минимална помош.

СЗО и УНИЦЕФ советуваат одлуката за користење маски кај деца на возраст од 6 до 11 години да се заснова на следниве фактори:

  • Дали вирусот е многу распространет во подрачјето каде што живее детето
  • Способноста на детето безбедно и соодветно да користи маска
  • Пристап до маски, но, и перење и замена на маски во одредени средини (како што се училиштата и службите за згрижување деца)
  • Соодветен надзор од возрасни лица и упатства за детето како да ја стави, да ја извади и безбедно да ја носи маската
  • Потенцијално влијание од носењето маска врз учењето и психо-социјалниот развој, во консултација со наставниците, родителите/старателите и/или давателите на медицинска заштита
  • Конкретната средина и интеракциите што ги има детето со други луѓе кои имаат голем ризик од развивање сериозна болест, како што се постари лица и лица со други здравствени состојби

СЗО и УНИЦЕФ советуваат децата на возраст од 12 и повеќе години да носат маска под исти услови како и возрасните, особено кога не може да се гарантира барем 1 метар оддалеченост од другите и кога болеста е широко распространета во подрачјето во кое живеат.

Повеќе информации за типовите маски, како да се изберат и како да се носат, достапни се тука:  https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public/when-and-how-to-use-masks  

 

Има ли ситуации кога деца на возраст до 5 години може или мора да носат маска?

Општо, децата до 5 години не треба да носат маски. Овој совет е врз основа на безбедноста, вкупниот интерес на детето и способноста за соодветно користење маска со минимална помош. Може да постојат локални барања за децата на возраст до 5 години да носат маски, или да има конкретна потреба во одредени услови, како што е физичка близина до некој што е болен. Во овие околности, ако детето носи маска, родителот или друг старател треба да може директно да го гледа за да ја надгледува безбедната употреба на маската. 

 

Дали децата со попреченост во развојот треба да носат маски?

Употребата на маски кај деца со нарушувања во развојот, попреченост или други специфични здравствени состојби на било која возраст не треба да биде задолжителна и треба да ја процени родителот, старателот, воспитувачот и/или медицинското лице од случај до случај,. Во секој случај, децата со сериозни когнитивни или респираторни нарушувања и со тешкотии да поднесат маска не треба да носат маски. 

 

Дали децата кои имаат здравствени проблеми или медицинска состојба што го загрозува нивниот имунолошки систем треба да носат маска?

Децата со постоечки здравствени состојби, како што се цистична фиброза или карцином, треба да носат медицинска маска во консултација со својот лекар. Медицинската маска му дава заштита на лицето што ја носи и спречува пренесување на други. Таа се препорачува за секој што има основна здравствена состојба која го става во поголем ризик од сериозна болест.

 

Каков вид маска треба да носат децата?

Децата кои имаат добро општо здравје може да носат немедицинска или маска од ткаенина. Ова обезбедува контрола на изворот, што значи дека спречува вирусот да се пренесува на други, доколку некој е заразен, а не е свесен за тоа. Возрасниот што ја обезбедува маската треба да се погрижи маската од ткаенина да биде точна по големина и доволно да ги покрива носот, устата и брадата на детето.

Децата со постоечки здравствени состојби како што се цистична фиброза, карцином или имуносупресија, треба, во консултација со својот лекар, да носат медицинска маска. Медицинската маска го контролира ширењето на вирусот и му дава заштита на оној што ја носи, а се препорачува и за секој што има поголем ризик од сериозно заболување со КОВИД-19. 

 

Како треба децата да носат маска?

Децата треба да ги следат истите принципи како и возрасните за носење маски. Ова значи чистење на рацете барем 20 секунди ако се користи антисептик на база на алкохол, или барем 40 секунди ако се користи сапун и вода, пред да се стави маската. Внимавајте маската да биде со соодветна големина за покривање на носот, устата и брадата.  Децата треба да се научат како правилно да ја носат маската, при што не треба да го допираат предниот дел од маската, да ја повлекуваат под брадата или да ја ставаат в уста. Треба да ја чуваат маската во кесичка или кутивка и да не ја делат со други.

Повеќе информации и видеа за тоа како да се стави, да се извади и да се чува маската, може да се најдат тука: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public/when-and-how-to-use-masks

 

Дали детето треба да носи маска дома?

Секое дете кое има симптоми што укажуваат на КОВИД-19 треба да носи медицинска маска, доколку ја поднесува. Детето треба да се изолира и да се побара совет од лекар веднаш штом ќе почне да се чувствува лошо, дури и ако симптомите се благи. Членовите на семејството/старателите кои се во контакт со болното дете на помалку од 1 метар дома, исто така, треба да носат маска.

Член на домаќинството што е болен или покажал позитивен тест на вирусот на КОВИД-19 треба, ако е можно, да се изолира од сите други. Ако детето дојде во близина на болното лице помала од 1 метар дома, возрасниот и детето треба да носат медицинска маска за тоа време. 

 

Дали наставниците или другите возрасни кои работат со деца треба да носат маска?

Во подрачја каде вирусот е широко распространет, сите возрасни лица до 60-годишна возраст коишто општо имаат добро здравје треба да носат маски од ткаенина кога не може да се гарантира барем 1 метар оддалеченост од другите. Ова е особено важно за возрасните кои работат со деца, а коишто може да имаат близок контакт со децата и меѓусебно.

Возрасните лица над 60 години коишто имаат основни здравствени состојби, како на пр., срцево заболување, дијабетес или рак на белите дробови, треба да носат медицинска маска поради нивниот поголем ризик од сериозно заболување со КОВИД-19.

Повеќе информации и видеа за тоа како да се стави, да се извади и да се чува маската, може да се најдат тука: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public/when-and-how-to-use-masks

 

Дали децата треба да носат маска кога се занимаваат со спорт или кога се физички активни?

Децата не треба да носат маска кога се занимаваат со спорт или кога имаат физички активности како трчање, скокање или играње на игралиште, за таа да не им го загрози дишењето. При организирање вакви активности за децата, важно е да се поттикнат сите други критични јавно-здравствени мерки: одржување барем 1 метар оддалеченост од другите, ограничување на бројот на деца што играат заедно, обезбедување пристап до погодности за хигиена на рацете и поттикнување нивна употреба. 

 

Има ли алтернативи за маски од ткаенина како на пример визири?

Во контекст на КОВИД-19, некои деца можеби нема да можат да носат маска поради попреченост или специфични ситуации, како што се часови за говор, каде наставникот треба да ја гледа устата. Во овие случаи, визирите може да се разгледаат како алтернатива на маските, но тие не обезбедуваат еквивалентна заштита од пренесување на вирусот на други.

Ако се одлучи да се користи визир, тој треба да го покрива целото лице, да биде завиен на двете страни од лицето и да досега до под брадата. Додека се носи, треба да се внимава да се избегнуваат ситуации при кои може да се скрши и да ги повреди очите или лицето.