Принципи за правата на децата и бизнисот
About
Развиени од УНИЦЕФ, Глобалниот договор на Обединетите нации и „Save the Children“, Принципите за правата на децата и бизнисот претставуваат прв сеопфатен сет на принципи кои ги водат компаниите во целосниот опсег на активности што можат да ги преземат на работното место, на пазарот и во заедницата со цел да ги почитуваат и поддржат правата на децата. Втемелени на постојни стандарди, иницијативи и најдобри практики поврзани со бизнисот и децата, овие Принципи настојуваат да го дефинираат опсегот на корпоративната одговорност кон децата.
Опфатени се широк спектар критични прашања – од детски труд, до маркетинг и рекламни практики, па сè до улогата на бизнисот во поддршка на деца погодени од кризи. Принципите ги повикуваат компаниите насекаде да ги почитуваат правата на децата преку своите основни деловни активности, но и преку политички обврски, соодветна длабинска анализа, како и мерки за надомест и заштита.
Првично предложени во 2010 година, Принципите беа развиени преку обемна консултативна постапка која вклучуваше повеќе засегнати страни – бизнис-секторот, граѓанското општество, владите, националните институции за човекови права, академската заедница и самите деца. Се очекува дека овие Принципи ќе служат како инспирација и водич за сите бизниси во нивното постапување и интеракција со децата.