Ново партнерство на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија

Партнерството ќе поддржи нови иницијативи за младите во справување со најголемите предизвици на нивната генерација

05 Мај 2022
Creative
Foundation Telekom for Macedonia

Скопје, 5 мај 2022 – Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фондацијата Телеком за Македонија ја продлабочуваат повеќегодишната соработка со нови иницијативи за вклучување на младите во справување со најголемите предизвици на нивната генерација и унапредување на користењето дигитални решенија за квалитетно и инклузивно образование.

Новото партнерство се состои од: поддршка на дигиталното образование и веб платформата Едуино и комуникациски иницијативи предводени од младите за справување со сајбер булингот и говорот на омраза на социјалните медиуми и поддршка на  младински предизвик со фокус на дигитални решенија за справување со климатските промени.

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија ќе ја  започнат новата соработка преку  отворен повик, со кој се повикуваат млади иноватори да достават идеи за дигитални решенија за справување со климатските промени во рамките на глобалниот младински предизвик „Генерација без граници“ под слоганот „Технологија за планетата“.

„Преку партнерството со Фондацијата Телеком за Македонија сакаме да поттикнеме заедничко создавање со младите за да дојдеме до иновативни решенија за предизвиците со кои тие се соочуваат секој ден. Младите се длабоко засегнати од климатските промени и се целосно способни да бидат дел од решението. Овој предизвик овозможува младите да ја искористат креативноста што ја носат нивните години и сами да раководат со решенијата, да се поврзат со можностите за претприемништво и да станат  двигатели на позитивна промена во рамките на климатската акција во нивните локални заедници, но и пошироко,“ рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

„Технологијата е моќна алатка, особено во рацете на младите коишто се силно мотивирани да наоѓаат решенија за денешните предизвици. Климатските промени нè засегаат сите, а особено младите коишто треба активно да учествуваат во креирањето на решенијата.  Наша задача е да им овозможиме да ги реализираат своите идеи и да го поттикнеме нивниот потенцијал. Како носители на дигиталната трансформација, наша обврска е да им дадаме шанса на младите да бидат креатори на својата иднина“ – рече Никола Љушев, Главен извршен директор на Македонски Телеком.

Оваа година, младите иноватори ќе создаваат дигитални решенија за справување со една од најголемите закани со која се соочуваат децата и младите насекаде во светот - климатските промени.  Средношколци, студенти и заинтересирани млади ќе имаат можност да креираат иновативни, применливи и одржливи алатки и модели за да се обезбеди здрава животна средина и поквалитетен живот за сегашните и за идните генерации. На досегашните предизвици во рамките на иницијативата „Генерација без граници“ два тима од Северна Македонија добија глобално признание.  Во 2020 година, во категоријата севкупни победници на возраст под 18 години, победник беше тимот eBionics со решението „Раката на Венера“ – 3Д печатена бионичка рака за лица со недостаток на горен екстремитет. Во 2019 година, тимот АндроМета беше еден од глобалните победници со нивната мобилна апликација Speak Out, којашто е направена да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство.

Најдобрите десет тима на овогодинешниот предизвик ќе бидат поканети на работилници за натамошно развивање на нивните идеи. По овие работилници, ќе бидат избрани пет најдобри идеи коишто ќе бидат наградени со финансиски средства и со менторска поддршка. Тимовите ќе работат под менторство на стручни лица од областа на климатските промени и специјалисти од Македонски Телеком.

Двете најдобри решенија од финалето во земјата ќе влезат во светскиот избор. Овие проекти ќе имаат можност да добијат дополнителни средства во износ од 20.000 долари, заедно со глобална програма за инкубација од партнерите на „Генерација без граници“ за нивно проширување.


Ова е трето партнерство на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија. Во 2015 година, тие соработуваа на обезбедувањето еднакви можности за рана едукација на децата во руралните средини преку отворање 8 центри за ран детски развој, а во 2019 година соработуваа на дигитални решенија за намалување на бариерите со кои децата и лицата се попреченост се соочуваат во образованието и во секојдневниот живот.

Овогодинешниот младински предизвик на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија се спроведува во соработка со Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.

 

За повеќе информации, контактирајте со:

Фондација Телеком за Македонија: Леа Липша, тел.: +389 23242506,

e-пошта: FoundationTelekomforMacedonia@telekom.mk

УНИЦЕФ: Сузи Папас, тел.: (02) 3231-244, е-пошта: spappas@unicef.org или Ирина Ивановска, тел.: (02) 3231-172 е-пошта: iivanovska@unicef.org

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.