3 забавни начини да се вежба решавање проблеми

Играјте и учете заедно дома.

УНИЦЕФ и Фондацијата ЛЕГО
Taym, 4 years, plays in the UNICEF-supported Makani centre in Irbid, Jordan.
UNICEF/UN0218797/Shennawi

Можности за учење има насекаде – дури и во вашиот дом. Играњето заедно е одличен начин детето  да открие нови нешта и да изгради клучни вештини. Нашите пријатели од Фондацијата ЛЕГО изработија ЛИСТА СО ИГРИ – збирка од забавни активности за учење во семејството – и со задоволство ќе споделиме неколку со вас. Испробајте ги со вашето дете и поработете на решавање проблеми. Дали занете колку учењето може да биде забавно?!

Автопат од книги

Embedded video follows

Направете дома автопат...од книги! Со оваа забавна активност се развиваат моторните и креативните вештини на детето и способноста за решавање проблеми.

Ќе ви требаат: книги, сите што ќе ги најдете по дома. Автомобилче или можеби топка. Зошто да не направите автомобилче од ЛЕГО коцки?

  1. Наредете книги со мек повез на подот за да изградите автопат дома.
  2. Книгите со тврд повез се одлични за нешта што треба да стојат исправени како на пример  тунели и мостови.
  3. Книгите нека ви ја поттикнат фантазијата! Изградете куќа со покрив и додајте рид или кружен тек.
  4. Си правите ваш свет, бидете креативни!

Ветер

Embedded video follows

Истражувајте и бојте со помош на енергијата на ветерот. Оваа игра е одлична активност за разбирање на движењето и просторот преку сензорни вештини.

Ќе ви требаат: ЛЕГО-коцки, суви лисја, предмети од картон и хартија, ролни (или сламки) со различни големини, боја и камчиња или други мали предмети.

  1. Ајде прво да размислиме и да зборуваме за ветрот пред да ја употребиме неговата сила. Прашајте го детето: Го гледаш ли? Можеш ли да го вкусиш? Што чувствуваш на косата или кожата кога дува?
  2. Земете картонче или лист, затворете ги очите и дувајте правејќи ветер.
  3. А сега, да видиме што прави ветрот со потешките нешта. Дувајте потешки предмети како ЛЕГО-коцки или камчиња за да видите што ќе се случи.
  4. Време е да го насликате ветерот. Лесно е! Само земете сламка и преку неа дувајте ја бојата по хартијата. Дури може и да ги исцртате формите на предметите дувајќи боја околу нив.

Авиончиња од хартија

Embedded video follows

Умеете ли да направите авионче што лета? Пробајте ја оваа забавна игра со авиончиња од хартија која ќе ви помогне да решавате проблеми со тестирање идеи; ќе вежбате концентрација и надминување на фрустрациите. Усложнете ја играта додавајќи им тежина на авиончињата од хартија.

Ќе ви треба: хартија со различна големина, боја и дебелина, ножици, фломастери и селотејп.

  1. Секој играч зема парче хартија. Размислете кои се одликите на одличен авион. Поразговарајте за тоа.
  2. Поединечно или во тимови, направете авионче од хартија и набљудувајте како лета.
  3. Како помина? Обидете се со поинаков дизајн и видете дали ќе одлета подалеку.
  4. Ако сакате, украсете го авиончето, па дури и дајте му име.
  5. Кога сите ќе бидат задоволни со своето авионче, организирајте натпревар. Чие авионче лета најдалеку? Чие прави акробации? Чие има најубав изглед?

За уште повеќе игри, посетете ја ЛИСТАТА СО ИГРИ од нашите пријатели во Фондацијата ЛЕГО.