УНИЦЕФ во вонредни состојби
Секогаш кога има криза, УНИЦЕФ се стреми да допре до децата за да ги поддржи нивното достоинство и отпорност и да обезбеди нивните права и потреби да бидат во сржта на секој одговор
- Достапно на:
- English
- Македонски
Предизвик
Од самиот наш почеток - од најпрвата испорака на итни резерви со храна, облека и хигиенски производи за децата во Југославија во 1947 година - па сѐ до последната поддршка за децата во движење за време на европската бегалско-мигрантска криза - УНИЦЕФ е на терен за да одговори на непосредните потреби на децата во време на криза.
Итните ситуации се закана по чувството на сигурност кај детето
Исто како и непосредните закани по опстанокот, итните ситуации се закануваат по долгорочното ментално здравје и благосостојба на децата. Кризата може да претставува закана по чувството на сигурност кај децата - темелен дел во детството - особено кога гледаат и доживуваат работи што ниедно дете не треба да ги доживее. Тие стануваат подложни на експлоатација, насилство и злоупотреба, а нивната перспектива се влошува поради загубените можности за образование, здравствена заштита и економска активност.
Каде и да се, од каде и да доаѓаат, децата, пред сѐ, се деца
Долгата историја на УНИЦЕФ за поддршка на напорите предводени од Владата во време на криза ја вклучува поддршката по земјотресот што го разурна Скопје во 1963 година и поддршката за децата-бегалци кои дојдоа во земјата бегајќи од војната во Босна и Херцеговина во 1993 година, а подоцна и за време на косовската криза во 1999 година.
Од 2015 до 2017 година, УНИЦЕФ беше на терен во Гевгелија и Табановце, работејќи со партнерите на поддршка и заштита на децата-бегалци и мигранти кои транзитираа или останаа заглавени во земјата на патот кон Европа. Денес, ние поддржуваме јакнење на напорите на земјата да изгради цврсти системи за заштита и превенција од катастрофи, со цел да одговори на потенцијалните вонредни ситуации во иднина.
Решение
Во време на криза, УНИЦЕФ прави сѐ што може за да ги поддржи достоинството и отпорноста на децата, и да обезбеди нивните права и потреби да бидат во сржта на одговорот.
Заедно со нашите партнери, ние се стремиме да допреме до секое дете, за да ги исполниме неговите потреби за безбедност, заштита, здравствена заштита, соодветна исхрана и образование.
Ги обезбедуваме потребните материјали, воспоставуваме простори по мерка на децата за да добијат психо-социјална поддршка и пристап кон учење, кога образованието е прекинато. Исто така, обезбедуваме техничка помош за посилна поддршка и заштита на непридружуваните и децата одвоени од семејствата, како и за јакнење на капацитетот на работниците во предните редови, вклучувајќи ги здравствените работници, социјалните работници и членовите на НВО, за најдобриот интерес на детето секогаш да биде на прво место. Поддржуваме и намалување на ризиците од катастрофи ориентирано кон децата, заради спречување или ублажување на хуманитарни катастрофи преку намалување на ефектите од природните непогоди.
Се залагаме и ја подигаме свеста за тоа дека без оглед каде се или од каде доаѓаат, децата пред сѐ, треба да се гледаат како деца, а нивните права да бидат заштитени!