Изјава на претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс за насилството во училиштата

25 Јули 2018
Дете седи само во училница со главата потпрана на столчето пред него
UNICEF/2018/Zehbrauskas

Скопје, 16 април 2018: „УНИЦЕФ со загриженост ја следи состојбата со насилството врз и помеѓу децата во земјата.  Неодамнешниот инцидент во кој се вклучени ученици од основното училиште „Гоце Делчев“- Неготино е неспорен доказ за потребата повторно да се разгледаат начините на кои образовниот систем и целата заедница постапуваат во однос на насилното однесување.

Насилството во училиштата е првенствено одраз на тоа што се случува дома, но и на тоа што се случува во целата заедница. Седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години во земјата се дисциплинирани дома со насилни методи – физичко казнување или психолошка агресија. Децата кои имаат доживеано постојано малтретирање (bullying) или други форми на насилство на  училиште е многу поверојатно да бидат насилни дома, но и да страдаат од долгорочни психолошки последици. Малтретирањето (bullying) честопати е повик за помош. Децата кои се служат со насилство честопати и самите се жртви на насилство.

За да се создадат училишта во кои нема насилство неопходно е да се создаде опкружување кое не толерира насилството. Кога зборуваме за создавање безбедна училишна средина, мислиме на создавање позитивна училишна клима во која се создаваат позитивни односи и каде сите членови на училишната заедница се чувствуваат почитувано, безбедно и сигурно. Од податоците од други европски земји постојат сознанија дека кога на насилството во училиштата се одговара со зголемена контрола и санкции има мали шанси проблемот да се реши на долг рок.

За да се постигне безбедна училишна средина неопходно е да се јакнат капацитетите на наставниците за спречување насилно однесување. Наставниците кои применуваат превенција и поддршка наспроти контрола и казнување им помагаат на учениците да развиваат комуникациски и емоционални вештини, градење самодоверба и капацитет за емпатија.

Исто така, треба да се воспостават механизми за интервенција во случаите на насилство за да се спречи повторна појава на насилство.

И на крајот, ситуацијата бара да се зајакне соработката помеѓу институциите и организациите. Безбедните училишта не се случуваат сами по себе, туку се создаваат и одржуваат од луѓе кои се посветени на обезбедување позитивни односи и опкружување со почит. Тие луѓе ја претставуваат целата заедница во училиштето – децата, наставниците, училишниот кадар, родителите и пошироката заедница.” 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.