Интерактивен настан за климатска акција и образование за животната средина во Градскиот парк во Скопје

21 Март 2024
Interactive Event on Climate Action and Environmental Education in the Skopje City Park
UNICEF North Macedonia / 2024

Скопје, 21 март 2024 година: На првиот ден од пролетта, деца, млади и просветни работници го развеселија Градскиот парк во Скопје со интерактивен настан на кој имаа можност да ги прикажат иницијативите за климатска акција и образование за животната средина што се спроведуваат во земјата. 

Настанот беше организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање и УНИЦЕФ, со поддршка од Шведска и други партнери, меѓу кои и Град Скопје.

„Министерството за животна средина и просторно планирање ги поздравува ваквите иницијативи за поддршка на едукацијата за животната средина и иницијативите предводени од младите. Длабоко сме уверени дека за правилно адресирање и решавање на климатската криза, заштитата на животната средина и градење на одржлива и отпорна иднина од суштинско значење е правилна едукација на младите генерации, развивање на нивната еколошка свест и љубопитност за науката,“ изјави Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање додавајќи дека Министерството за живоптна средина и просторно планирање (МЖСПП) гради партнерства со сите засегнати страни, вклучително и меѓународните имплементирачки агенции  како што е УНИЦЕФ, ја креира потребната стратешка и правна рамка, како што е Законот за климатска акција, а климатските акции мора да бидат олицетворение на заедничко, партнерско делување во корист на локалните заедници, засновано на знаење и правилно адресирање.   Исто така,  Шукова истакна дека МЖСПП активно ја поддржува ГЛОБЕ програмата која дава неверојатни можности за искуствено спознавање на природата, еко-системите и го развива интересот на учениците кон науката, а на  наставниците и професорите им овозможува неверојатна едукативна алатка.

Околу 250 деца од целата земја се вклучија во интерактивни работилници организирани од Мрежата за искуствено учење, Биотехнолошката лабораторија на Град Скопје и програмата ГЛОУБ (GLOBE). Овие работилници, осмислени да поттикнат љубопитност за науката и еколошка свест, опфатија практични експерименти за учениците и наставниците. Мрежата за искуствено учење беше воспоставена во 2023 година како дел од иницијативата на УНИЦЕФ, финансирана од Шведска, за да се поттикнат децата и младите да размислуваат за решенија поврзани со предизвиците од климатските промени. Од нејзиниот почеток, околу 1300 ученици учествувале во работилници и воннаставни активности, кои и натаму им се достапни на сите основни и средни училишта преку систем за регистрација.  

„Како Министерство, посветени сме на подигнувањето на свеста на учениците за екологијата. Во рамки на реформата на образовниот систем, што е во тек, наша цел е да го подобриме квалитетот на образованието и во делот на разбирањето на климатските промени и одржливоста. Преку наставните и воннаставните активности, учениците стекнуваат и ги прошируваат знаењата за околината, за природните ресурси, за живеење во поврзаност со природата, за климатските промени и ефектите од нив. ,“ рече Јетон Шаќири, министер за образование и наука. Тој додаде дека училиштата активно имплементираат практики за заштита на животната средина и организираат настани за подигање на свеста за важноста на здравата животна средина, нагласувајќи дека овие напори имаат за цел да промовираат однесување кај студентите кое е пријателски настроено кон природата. Шаќири исто така нагласи дека настани како денешниот имаат клучна улога во креирање одржлива иднина за нашата планета и негување на грижливи генерации кои ја вреднуваат и штитат средината во која живеат.

На Изложбата за иновации (Innovation Expo), над 60 млади иноватори и климатски активисти ги промовираа локалните иницијативи за животната средина и климатските промени развиени преку програмите UPSHIFT и Младински иновациски кампови. За време на средбата, младите се вклучија во консултации околу идентификување на приоритетните области што треба да бидат опфатени во стратегија за климатски промени на УНИЦЕФ.

„Навистина е одлично да се видат сите активности за климатска акција и образование за животна средина претставени на овој интерактивен настан. Не само што ги прикажува можностите за младите во оваа земја, туку покажува дека решавањето сложени прашања како што е климатската криза бара системски партнерства и интервенции, рака под рака со акција во локалните заедници. УНИЦЕФ работи на сите нивоа, почнувајќи од поддршката на Мрежата за искуствено учење; преку интегрирање на искуственото учење во образовниот систем и оспособување на наставниците и младите ученици со практични вештини; па сѐ до работа со млади иноватори и климатски активисти заради промовирање на нивните локални иницијативи. Заедно, ние не само што учиме за климатската акција и животната средина, туку и обликуваме одржлива и отпорна иднина“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Настанот беше заокружен со средба на наставници за искуствено учење за климатските промени и одржливоста на животната средина. Притоа, 60 наставници од градинките и основните училишта низ земјата се собраа за да дознаат за воннаставните активности што ги нуди Мрежата за искуствено учење, како и за новите алатки и прирачници изработени со цел да им се помогне во образованието да ги интегрираат искуственото учење и образование за животната средина. Досега, опфатени се близу 6.000 наставници преку различни можности за професионално усовршување околу искуственото учење.

Настанот овозможи да се прикажат дел од резултатите што ги постигнаа партнерите во рамките на програмата на УНИЦЕФ „Охрабрување на децата и младите да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ финансирана од Шведска. Програмата се спроведува во соработка со Министерството за животна средина, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за иновации и технолошки развој и други партнери, вклучувајќи ги Град Скопје, Македонското еколошко друштво, ЛЕАД, Центарот за ресурси во животната средина и Еко Лоџик.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.