Детската сиромаштија во источна Европа и Централна Азија се зголемува драстично, за 19 проценти, бидејќи четири милиони деца стануваат сиромашни како последица на војната во Украина и зголемената инфлација - УНИЦЕФ

На Меѓународниот ден за сузбивање на сиромаштијата, УНИЦЕФ предупредува дека поради посредните последици на зголемувањето на детската сиромаштија, може да дојде до драстичен пораст на отсипувањето и доеничката смртност

17 Октомври 2022

ЖЕНЕВА/ЊУЈОРК, 17 октомври 2022 г.  - Војната во Украина и зголемената инфлација принудиле уште четири милиони деца во источна Европа и Централна Азија да станат сиромашни, што е зголемување од 19 проценти од 2021 г., според новата студија на УНИЦЕФ објавена денеска.

Влијание на војната во Украина и последователното ослабување на економијата врз детската сиромаштија во источна Европа и Централна Азија  со податоци од 22 земји* во регионот - укажува на тоа дека децата го сносат најголемиот товар од економската криза предизвикана од војната во Украина.   Иако 25 проценти од населението се деца, тие се речиси 40 проценти од дополнителните 10,4 милиони луѓе кои оваа година станале сиромашни.

Во Руската Федерација се наоѓаат речиси три четвртини од вкупниот број деца кои од сега живеат во сиромаштија поради војната во Украина и кризата со високата цена на животот во регионот, при што уште 2,8 милиони деца сега живеат во домаќинства под линијата на сиромаштијата. Во Украина живеат уште половина милион деца во сиромаштија, што е вториот по големина удел, по која следи Романија, со уште 110.000 деца, се забележува во студијата.

„Освен очигледните грозотии на војната - убивањето и осакатувањето деца, масовното раселување - економските последици на војната во Украина имаат страшни последици по децата во Источна Европа и Централна Азија,“ изјави Афшан Кан, регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија. „Децата во целиот регион се дават во страотниот бран на војната. Ако не ги поддржиме овие деца и семејства веднаш, драстичниот пораст на сиромаштијата безмалку загарантирано ќе резултира со загубени животи, загубено образование и загубени иднини“.

Последиците на детската сиромаштија се многу поголеми од семејства кои се финансиски немоќни. Поради страшното зголемување, може да се случи уште 4.500 деца да умрат пред првиот роденден, а поради загубата во образование може да има отсипување на уште 117.000 деца само во оваа година, пишува во студијата.

Што е посиромашно семејството, тоа е поголем уделот на нивниот приход кој го трошат на основните животни потреби, како храна и гориво. Кога драстично ќе се зголеми цената на основните добра, остануваат помалку пари за другите потреби, како здравствена нега и образование, се забележува во студијата. Последователната криза со високата цена на животот значи дека е уште помалку веројатно најсиромашните деца да имаат пристап до основните услуги, а дека се во поголем ризик од насилство, експлоатација и злоупотреба.

За многумина, детската сиромаштија трае цел живот. Едно од три деца родени и пораснати во сиромаштија како возрасни ќе живеат во сиромаштија, што ќе предизвика меѓугенерациски циклус на мачење и лишување, се вели во студијата.

Семејствата кои се сиромашни или кои живеат на работ на сиромаштијата имаат поголеми предизвици кога владите ги намалуваат јавните расходи, ги зголемуваат даноците на потрошувачка или воспоставуваат мерки за штедење во рамките на ограничени залагања за поддршка на економијата краткорочно, бидејќи на овој начин се намалуваат досегот и квалитетот на услугите за поддршка од кои зависат семејствата.

Со студијата се поставува рамка за да се придонесе на намалувањето на бројот деца кои живеат во сиромаштија и да се спречи уште семејства да се соочат со финансиски проблеми:

  • Да се обезбедат универзални парични надоместоци за децата и да се гарантира безбедноста на минимален приход.
  • Да се прошират додатоците за социјална помош за да ги опфатат сите семејства со загрозени деца, меѓу кои и бегалците.
  • Да се заштитат расходите за социјална помош, особено за најранливите деца и семејства.
  • Да се заштити и поддржи обезбедувањето услуги поврзани со здравјето, исхраната и социјалната нега на мајките, новороденчињата и децата од предучилишна возраст.
  • Да се воведат регулативи за цената на основните прехранбени продукти за семејствата.

УНИЦЕФ од неодамна соработува со Комисијата на ЕУ и неколку земји од ЕУ за да ја спроведе пилот-иницијативата „Гаранција за децата од ЕУ“ која има за цел да го ублажи влијанието на сиромаштијата врз децата и да им даде можности да успеат како возрасни. Бидејќи повеќе и повеќе деца и семејства се сега принудени да живеат во сиромаштија, во целиот регион е неопходна силна реакција.

УНИЦЕФ апелира за продолжена и проширена поддршка за да се зајакнат системите за социјална заштита во земјите со високи и средни примања во источна Европа и Централна Азија; како и да се приоретизира финансирањето на програмите за социјална заштита, меѓу кои и програмите за парична помош за ранливите деца и семејства.

„Мерките за штедење најмногу ќе ги погодат децата - ќе повлечат уште повеќе деца во сиромаштија, а на семејствата кои веќе се мачат ќе им биде уште потешко,“ рече Кан. „Мора да ја заштитиме и прошириме социјалната поддршка за ранливите семејства пред уште повеќе да се влоши состојбата“.

### 

*Во кои спаѓа и Косово, согласно резолуцијата на Безбедносниот совет на ОН бр. 1244

 

За УНИЦЕФ 

УНИЦЕФ работи во некои од најмрачните места на светот за да допре до некои од децата што се во најнезавидна положба. Работиме за секое дете, насекаде, во над 190 земји и територии, со цел да изградиме подобар свет за сите. 

Следете го УНИЦЕФ на Твитер  и Фејсбук 

Белешки за уредникот

Во Северна Македонија се очекува кризата да повлече уште 5.500 возрасни и 1.600 деца во сиромаштија. Поради кризата, можно е да се отсипат уште приближно 500 деца.

За повеќе информации обратете се на: 


Ирина Мазур, УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, imazur@unicef.org

Георгина Диало, УНИЦЕФ Њујорк, +1 917 238 1559/ gdiallo@unicef.org

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.