Новата претставничка на УНИЦЕФ, г-а Лесли Милер, ги предаде акредитивните писма на министерот за надворешни работи
СКОПЈЕ, 2 јули, 2024 г.: Новоименуваната претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија, г-а Лесли Милер, му го предаде акредитивното писмо на министерот за надворешни работи, г. Тимчо Муцунски.
Посакувајќи ѝ добредојде на новата претставничка на УНИЦЕФ, министерот Муцунски изрази благодарност за 30-годишното партнерство меѓу Владата и УНИЦЕФ во земјава. Тој истакна дека промената во општеството мора да започне од децата и нагласи дека продолжувањето на оваа соработка е важно за унапредување на детските права.
Г-а Милер упати пофалба до министерот за достигнувањата на земјата во областа на децата, забележувајќи дека откако е ратификувана Конвенцијата за правата на детето пред 30 години, законодавно-политичките рамки се подобрени, а вака зајакнатите системи придонесуваат за подобрување на правата и благосостојбата на децата.
Уважувајќи ги аспирациите на земјата за поодржлив социо-економски развој и подобра благосостојба на сите нејзини граѓани, претставничката на УНИЦЕФ се обврза дека ќе продолжи да соработува со Владата за да се одговори на потребите и да се заштитат правата на децата и нивните семејства. Оваа соработказначи продолжена поддршка на важни реформи во здравството, образованието, детската и социјалната заштита, правдата и животната средина, како и решавање на новите предизвици за децата. Таа додаде дека новата програма за земјата (2026-2030) ќе биде единствена можност да се обноват заедничките заложби за сите деца во земјата – особено за најранливите девојчиња и момчиња – да напредуваат, да учат, да бидат заштитени и вклучени.
Пред да стапи на должност во Северна Македонија, г-а Лесли Милер била заменик-претставник на УНИЦЕФ во Виетнам. Таа има повеќе од 30 години искуство во УНИЦЕФ на повеќе лидерски, партнерски и програмски позиции. Покрај службата во Виетнам, работела и во Србија и Камбоџа, во Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија со седиште во Женева и во седиштето на УНИЦЕФ во Њујорк.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.