Градење лична отпорност и ментално здравје кај социјалните работници што работат во првите редови на социјалната заштита

Стручните работници од службите за социјална заштита кои работат со деца се запознаа со техники и механизми за справување со стрес и зајакнување на личната отпорност

01 Август 2022

Скопје, 29 јули 2022: Во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија, УНИЦЕФ отпочна низа работилници за стручните лица од службите за социјална заштита на кои ќе се запознаат со алатки и техники за градење ментална добросостојба и отпорност во контекст на долготрајна изложеност на стресни ситуации.

На првата работилница учествуваа психолози, социјални работници, педагози и други стручни работници од Центрите за социјална работа од Скопје, Тетово, Куманово и Штип, како и стручни лица од Заводот за социјални дејности.

Отпорноста може да се дефинира како способност успешно да се снаоѓаме во променливи околности. Отпорност е конструктивна вештина што го надминува основното ниво на преживување, прифаќање или препуштање на тешка ситуација. Станува збор за процес на однесување во насока на справување со тешкотиите на активен и промислен начин, со свесност за менталното здравје и благосостојба.

„Ги поддржуваме експертите за детска заштита, социјалните работници, психолозите, логопедите и специјалните едукатори за да негуваат отпорност кај децата кои се наоѓаат во тешки услови, да им дадат надеж и способност да градат подобра иднина. Притоа и тие самите треба да се грижат и за сопственото ментално здравје и добросостојба. Градењето отпорност на индивидуално ниво кај стручните лица понатаму ќе доведе до системска отпорност, што е клучен елемент за обезбедување квалитетни услуги на социјална заштита за сите деца и семејства во време на криза или по надминувањето на кризната состојба“, изјави претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Некои од главните теми на обуката се: како да станеме отпорни на стрес и траума; ефекти, влијанија и исходи од стрес врз стручните лица што работат во првите редови; барање помош за себе и за другите; лична и професионална добросостојба; и како да се состават програми за градење отпорност и лична и професионална добросостојба.

Се очекува приближно 112 стручни работници во областа на социјалната заштита да учествуваат на дводневните работилници, а потоа ќе следува обука на обучувачи кои ќе ги пренесат знаењата до сите стручни работници за социјална заштита и заштита на децата во државата.

Во текот на обуката, во атмосфера на доверба и безбеден простор, стручните работници споделуваа лични и професионални искуства од доживеани стресови и трауми, и покажаа интерес како да изградат механизми на отпорност. Многумина наведоа дека чувствуваат потреба од посилна стручна поддршка на работното место во времиња на промени, дека секојдневно се справуваат со најсложените случаи на злоупотреба, загуба, тешкотии и сиромаштија, и доживуваат емоционална исцрпеност од тешки случаи за кои немаат механизми за справување.

На следните обуки ќе учествуваат вработените и раководствата од Центрите за социјална работа и Заводот за социјални дејности, и ќе бидат опфатени сите региони во државата. Освен тоа, предвидени се и менторски сесии за поддршка на размена на знаења помеѓу стручните работници. 

Материјалот за обуката е изработен од јавно-здравствените установи и болници на градот Њујорк (New York City Health and Hospitals  HERO-NY) и е прилагоден кон локалниот контекст од страна на домашни стручни советници за ментално здравје. Истата едукативна обука се реализираше за здравствени работници во регионот Југоисточна Европа, спроведена од Здравствената мрежа на ЈИЕ, поддржана од проектот HOPE.

Оваа иницијатива е дел од пошироката рамка на поддршка на УНИЦЕФ за Министерството за труд и социјална политика и Заводот за социјални дејности, со финансиска поддршка од Американската агенција за меѓународен развој.  

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube