Продолжување на образованието во Северна Македонија за време на пандемијата од КОВИД-19
Програмите за учење на далечина кои се подготвија за кратко време им овозможуваат на децата да најдат „спас во учењето“ и чувство на нормалност.

- Достапно на:
- English
- Македонски
Прашање: Како во само две недели да го преселите образованието од училницата во дневната соба за јавноста да се заштити од КОВИД-19?
Одговор: Преку пренамена на алатките што се веќе подготвени.
Прашање: Како да воспоставите баланс меѓу правото на здравје и правото на образование?
Одговор: Со заштита и на двете права истовремено, комбинирајќи го националниот радиодифузен сервис со е-учењето за децата да останат дома и да учат и со користење здравствени пораки - вклучително и пораки за миење на рацете - за да го заштитат своето и здравјето на другите.
Како што покажува искуството на УНИЦЕФ во текот на многу децении, образованието е пресудно за чувството на нормалност - како за родителите, така и за децата - особено во време кое е сѐ друго, само не нормално. Образовните иницијативи поддржани од УНИЦЕФ во Северна Македонија покажуваат што сѐ може да се направи и наспроти КОВИД-19, со херојските напори на наставниците и со проширување на постоечките програми.

Седумгодишните близначки Ана и Каја и нивната братучетка Стела, на возраст од 3 години, не знаат ништо за огромниот напор што го направи Владата, со поддршка од УНИЦЕФ, за тие да го добијат часот што сега го гледаат на ТВ. Тие само ја слушаат наставничката и се концентрираат исто толку внимателно како што би го правеле тоа и на училиште.
Како и сите деца во Северна Македонија, Ана и Каја се дома од 10 март, кога Владата ги затвори училиштата и градинките поради ширењето на КОВИД-19. Меѓутоа, по само неколку дена од затворањето, УНИЦЕФ и Владата презедоа брзи чекори за да најдат решение и образованието да продолжи и понатаму така што ги префрлија часовите од училниците во дневните соби низ земјата. Само неколку недели по затворањето, децата сега може да следат низа преноси во живо и онлајн-часови прилагодени за различни одделенија и предмети.
Не е за изненадување тоа што наставниците, родителите и децата од целата земја ја поздравија оваа многу потребна доза на „нормалност“, а се известува и дека некои деца го гушкале ТВ-екранот за да покажат колку многу им недостасуваат наставниците.
Изводливи решенија
Со неизбежното затворање на училиштата, УНИЦЕФ се обрати до Министерството за образование и наука со две изводливи решенија, „ТВ-училница“ и „Е-училница“.
„ТВ-училница“ претставува соработка меѓу Министерството, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ, детската телевизиска продукција ОХО и националниот радиодифузер Македонската радио-телевизија, при што се обезбедуваат програми за помалите деца. На 16 март, нешто помалку од една недела по затворањето на градинките, наставниците-волонтери веќе беа на ТВ, покажувајќи цела низа активности коишто родителите и наставниците може да ги употребат за олеснување на стресот, вклучувајќи и вежби, при што часовите се одвиваат на сите пет наставни јазици што се користат во Северна Македонија: македонски, албански, турски, српски и босански. Многу од наставниците што децата ги гледаат на ТВ-екраните веќе се дел од програмата финансирана од УНИЦЕФ и од Владата на Обединетото Кралство за воведување на социјално-емоционално учење во предучилишните установи, чија цел е да им се помогне на децата да се справат со стресот и траумата, да ги контролираат своите емоции и да развијат вештини како што се емпатија, издржливост, добрина и самодоверба.

За Александра Симова Клинчарова, 39 години, „ТВ-училница“ нуди ретка можност барем малку да се опушти во стресното време за сите семејства. Како и милиони други родители во светот, таа беше сведок на ширењето на КОВИД-19 низ светот, принудното затворање на границите, социјалното дистанцирање, и се разбира, затворањето на училиштата и градинките. Уште од затворањето на нивната градинка, таа се обидува да ги ангажира и да ги развесели своите петгодишни близнаци Максим и Јан, истовремено грижејќи се за 15-месечната ќеркичка, Стела.
„Предизвик е да се балансираат и да се забавуваат три деца дома“, вели Александра. „За среќа, 'ТВ-училница' доволно ги занимава близнаците, така што јас можам малку повеќе да му се посветам на бебето. Со оглед на тоа што градинката е затворена, мило ми е што тие добиваат образование соодветно за нивната возраст.“

Е-училница
Е-училница е надградба врз платформата Едуино за онлајн-учење поддржана од УНИЦЕФ: платформа која веќе постоеше во Северна Македонија за поддршка на раното учење и која требаше да биде пуштена кон крајот на 2020 година. Но, УНИЦЕФ заедно со партнерот за имплементација СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, ги мобилизира сите достапни ресурси за таа да стане достапна веднаш, проширувајќи го опфатот на оваа платформа којашто има образовни содржини за пониските и повисоките одделенија и почетните години од средно училиште за сите деца на возраст од 6 до 14 години.
Само три дена по затворањето на училиштата, Министерството и УНИЦЕФ упатија заеднички повик до наставниците да волонтираат за снимање на часови за платформата. Одговорот беше фантастичен: се одѕваа околу 1.000 наставници. Досега се добиени 500 часови, а секојдневно се поставуваат уште часови на ЈуТјуб-базираната платформа, коишто се подредени според тема и одделение, при што има часови на македонски и албански, а се планира и проширување за да се вклучат и други јазици.

Ова е вистинска помош за децата како што е 10-годишната Леа. За да го исполни времето, таа досега читаше книги, ги прегледуваше учебниците и се поврзуваше со другарите на телефон. Но, сега, може да ја користи новата платформа „Е-училница“ за нејзиниот ден да добие соодветна структура.
Меѓу стотиците видеа што веќе ѝ се достапни, таа може да ја слуша Ана Бошкова - само една од 1.000-те наставници кои се одѕваа на повикот - која ќе ѝ објасни што е математичка анализа, користејќи метод на игра за пазарење во продавница - или Јованка Спасеска, чиј час по математика се карактеризира со шарени, анимирани равенки.
На платформата „Е-училница“ може да пристапат до 100.000 корисници во исто време и нејзината цел е да се опфатат сите образовни содржини што треба да се предадат до крајот на учебната година. Таа постојано се подобрува за да одговори на повратните коментари од учениците, родителите и просветните работници и е регистрирана со домен на Бирото за развој на образованието, кое е надлежно за наставната програма на земјата и за професионалниот развој на наставниците.
Прв принцип: проширување на она што веќе функционира
Да се биде брз е многу полесно кога темелите се веќе поставени - ова важи и за Северна Македонија. Брзиот напредок постигнат досега не е случаен: тој се потпира на добар кадар на наставници кои веќе знаат како да се грижат за емотивната благосостојба на децата, се потпира и на цврсти партнерства со владините институции и медиумите, како и на постоечката онлајн-платформа чиј развој може да се забрза и да се прошири.
Како што објаснува Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија: „Предучилишните воспитувачи со кои работевме веќе знаат како да го унапредуваат емотивното здравје и благосостојба на децата, како да им помогнат да се справат со стресни ситуации и како да ја јакнат нивната отпорност. Обуката на овие наставници е само еден дел од нашата работа за градење отпорност во секој аспект од нашата програма, во која влегува и образованието – иако не само тоа - за децата да бидат подобро оспособени во време на криза.“
Поглед во иднината
Со оглед на популарноста на „Е-училница“ меѓу родителите, наставниците и децата, во тек се планови содржината уште повеќе да се прошири за да се опфатат децата на предучилишна возраст и на средношколска возраст. Постојаното менување на ситуацијата налага флексибилност наместо канализирање на сите содржини преку една платформа.
УНИЦЕФ соработува и со наставниците низ целата земја за да истражи начини на кои тие може да користат и други бесплатни онлајн-наставни платформи (како на пр., Гугл Класрум, Фејсбук, Вибер/ВотсАп) за да започнат со свои онлајн-часови.
Во меѓувреме, УНИЦЕФ, исто така, нуди листа на алатки за учење преку игра за деца на возраст од 3 до 10 години, каде се дадени книги со приказни за социо-емоционален развој; како и листа на бесплатни и отворени дигитални алатки за поддршка на далечинско учење додека училиштата се затворени.
Што по КОВИД-19
Проширувањето на иницијативата „Е-училница“ ќе помогне таа да се позиционира како извор на ресурси за е-учење долго по сегашната криза. Министерството за образование и наука планира да ја промовира платформата како нова и одржлива алатка за поддршка на далечинско учење, секогаш кога тоа е потребно.
Иако ниедна од овие иницијативи не може целосно да го замени формалното образование или настава - каде што децата учат многу од личната интеракција со другарите и наставниците - тие сепак овозможуваат учениците да најдат„спас во учењето“ сѐ додека не помине опасноста од КОВИД-19, како и витално чувство на рутина во ова тешко време.