Придобивките од волонтирањето како млади репортери на УНИЦЕФ

Заеднички блог на младите репортери на УНИЦЕФ

Млади репортери на УНИЦЕФ
UNICEF volunteers wearing blue shirts and masks pose holding Thank you teacher signs
UNICEF/2020
04 Декември 2020

Пандемијата КОВИД-19 донесе многу ограничувања, но волонтерската иницијатива на УНИЦЕФ нам младите ни отвори нови можности да се вклучиме и да бидеме дел од решенијата за справување со оваа пандемија. Млади репортери на УНИЦЕФ е волонтерска иницијатива што ги здружува младите и им нуди несекојдневна можност да ги искажат своите гледишта, да споделат искуства, да стекнат знаења и вештини и да учествуваат во иницијативите за промени во нивните заедници.

„Како волонтер, млад репортер на УНИЦЕФ, добив шанса да си го кажам своето мислење за нешта кои нѐ засегаат нас младите.“ (Бранислав, 16)

Се среќаваме секоја недела и учествувавме во обуки за медиумска писменост, пишување блогови и написи, видео-продукција и графички дизајн. Секоја недела имаме нова активност и тоа нè мотивира да работиме повеќе, и ни нуди повеќе можности за дружење. Тимската работа е тоа што нè поврзува нас младите репортери, а секоја активност е ново искуство. Пишуваме блогови, снимаме видео-записи и дизајнираме содржини за социјалните медиуми на теми важни за децата и младите.

„Благодарение на волонтерскта иницијатива на УНИЦЕФ запознав прекрасни личности, си ја подобрив мојата способност за работа во тим и чувствувам дека придонесувам за унапредување на правата на детето и одговорот на земјата на КОВИД-19.“ (Матеј, 16)

Начинот на кој се изразуваме, комуницираме и тимската работа се некои од вештините што ги развивме како личности. Честопати разговараме меѓусебно за тоа колку позитивно влијае нашиот волонтерски ангажман кон нашите заедници и нашата благосостојба.

„Како млада репортерка на УНИЦЕФ стекнав многу нови искуства, знаења, вештини, пријателства. Добив чувство дека правам нешто вредно и придонесувам за заедницата.“ (Јана, 16)

Нашата работа започна во април годинава и оттогаш наваму, цело време, се одвива онлајн. Тоа не ни претставува пречка, туку дополнително нѐ инспирира вешто да ги користиме ресурсите кои ги имаме. Идеите и содржините ги развиваме соработувајќи во помали групи, а потоа се консултираме со целиот тим за да ги подобриме и финализираме различните приказни. Иако сме со свои различни искуства одлично се разбираме и функционираме како да се познаваме со години. Волонтирањето за време на пандемијата и имањето нешто што може да го насочи нашиот фокус придонесе полесно да се справуваме со новата состојба. Тоа значително ни помогна да го одржиме нашето ментално здравје, а нашата тимска работа ни дава чувство на припадност. Сите се зближивме, се поддржуваме и градиме нови пријателства.

„Можноста да волонтирам со УНИЦЕФ ми дојде во тежок период за време на КОВИД-19 карантинот. Токму тогаш, кога се чувствував изолирано, можев да правам нешто значајно и да се чувствувам поврзана со другите.“ (Вероника, 17)

 

„Мојата одлука да станам млад репортер на УНИЦЕФ можеби беше една од најдобрите одлуки што ги донесов оваа година. Многу ми помогна за време на пандемијата на многу различни начини!“ (Ерблин, 16)

Значајно ни е што стекнуваме знаења и искуства, но исто така цениме што ни се дава простор да ги искажеме своите ставови и да се слушне гласот на младите. Работата со персоналот на УНИЦЕФ и експертите од различни области, ни овозможи да го продлабочиме нашето разбирање за различни теми. Исто така, дополнително сме мотивирани да работиме уште подобро кога ќе видиме како реагира јавноста на нашите блогови и видеа.

„Секоја минута помината волонтирајќи како млада репортерка на УНИЦЕФ е вредна, бидејќи на крајот на денот се чувствувам корисно и сум предизвикана да изнаоѓам решенија на некои од постојните проблеми. Знам дека иднината е во наши раце и нашиот глас треба да биде слушнат.“ (Дориса, 16)

Сѐ додека ја имаме оваа можност да делуваме како млади репортери на УНИЦЕФ ќе се трудиме да напредуваме, да придонесуваме и гордо да ја продолжиме нашата волонтерска работа. Има толку многу работи што треба да се променат во светот, особено сега. Како млади треба да зборуваме гласно и да си го кажеме своето мислење. Светот треба да знае како се чувствуваме, а волонтирањето со УНИЦЕФ ни ја дава таа можност.

Ајде да го направиме овој свет подобро место.

Придружете ни се да продолжиме да обликуваме подобар свет!