#СадиСиДома – Нов тренд што ги поврзува младите
#СадиСиДома има за цел да го поддржи менталното здравје на младите преку поврзување со нивните врсници, ширење позитивна енергија и подигање на еко-свесноста.
- Достапно на:
- English
- Македонски
Иницијативата #СадиСиДома #VolunteersForChildren поддржана од УНИЦЕФ е иницијатива создадена од млади за млади. #СадиСиДома има за цел да го поддржи менталното здравје на младите преку поврзување со нивните врсници, ширење позитивна енергија и подигање на еко-свесноста. Преку Инстаграм-профилот @sadisidoma младите го следат новиот тренд, подготвуваат градинарски предизвици за своите врсници, споделуваат идеи и совети за садење и негување растенија.
Младите репортери на УНИЦЕФ, Вероника Гијовска (16) и Кристијан Поповски (17) ја имаа можноста да се запознаат и да разговараат со Ангела Блажевска (24) и Филип Тодосов (18), двајца од лидерите зад иницијативата #СадиСиДома.
Велат дека градинарството му додава денови на нашиот живот, но и живот на нашите денови. Токму затоа, може да се рече дека тимот на #СадиСиДома одбрал одлична стратегија - за поддршка на младите и нивното ментално здравје - што ни ги прави поинтересни деновите, нѐ оддржува активни во домашни услови, нѐ охрабрува дека сето ова ќе помине.
Кој се крие зад #СадиСиДома?
Волонтерите на УНИЦЕФ, Филип и Ангела се насмеани млади луѓе со прекрасна идеја и огромна мотивација. Тие, заедно со волонтерките Милка Мукаетова (19), Анастасија Анастасовска (16) и Светлана Зузаровска (24) неодамна ја започнаа иницијативата #СадиСиДома, која многу брзо прерасна во нешто кое ни тие не го очекувале.
Зачетокот на оваа иницијатива се роди уште на првите работилници за креирање на иницијативата на УНИЦЕФ, „Волонтирање во време на КОВИД-19“. На овие работилници бea создадени многу идеи, но #СадиСиДома беше таа што привлече најмногу учесници.
По некое време напорна работа, подготовки, споделување идеи и возбуда тие, на 6-ти април оваа година, го објавија нивниот прв предизвик на Инстаграм-профилот @sadisidoma, предизвикувајќи ги волонтерите да се приклучат на предизвикот и да постават слика од својата домашна градина.
Какви активности спроведуваат?
Нивната замисла е секоја среда на Инстаграм да објавуваат по еден предизвик за своите поддржувачи и следбеници. Предизвиците што ние ги погледнавме мораме да кажеме дека се исклучително забавни и интересни за правење - вклучувајќи одгледување семиња од самиот јагодов плод, како и користење рециклирани предмети коишто луѓето ги имаат во нивните домови, како на пример различни садови.
Тие, исто така, ги мотивираат своите следбеници и поддржувачи преку споделување позитивни пораки за влијанието на градинарството врз менталното здравје, интересни квизови и помалку познати факти. Ни открија дека во наредниот период (штом дозволат околностите) планираат да прават помали настани каде што волонтерите ќе можат да дојдат и да си разменат садници и семиња кои ги подготвиле за садење.
Со цел понатамошно ширење на идејата планираат на своите волонтери активатори да им делат „Starter Кits“ што ќе содржат семиња од интересни растенија.
Каква идеја сакаат да прошират?
Садењето има многу повеќе бенефити отколку што всушност мислиме. Садејќи, луѓето добиваат многу повеќе од кислород, многу повеќе од занимација и шаренило во градината - тие така се инспирираат, учат како да се грижат и да негуваат и стекнуваат силно чувство на надеж.
Споделувајќи го успехот со нашите следбеници и најблиските, следејќи го успехот на растението на кое ние сме му помогнале да цвета, учиме колку е битно да си ги средиме мислите и чувствата, така цветајќи самите однатре.
„Сите сме заедно во оваа (COVID-19) ситуација, па сето ова побрзо ќе помине само ако се фокусираме на позитивни мисли и работи како што е градинарството. Луѓето можат да го искористат нашиот предизвик и едноставно да уживаат сѐ додека состојбата не се нормализира“- рече Филип.
Освен тоа, #СадиСиДома го адресира и проблемот со глобалното затоплување за кој сѐ повеќе зборуваат младите. Рециклирањето, садењето нови растенија и љубовта кон растенијата што ќе се роди патем, можеби еден ден, ќе донесе поголема промена. Сепак, секој чекор нѐ доближува до целта.
„Би кажала дека младиот човек треба да се стреми да ја реализира секоја идеја што ја има и да ѝ помогне на својата заедница, бидејки еден мал гест може да значи многу.“- сподели Ангела.
Што е тоа што ги мотивира да продолжат со својата работа?
Тие всушност својата најмоќна мотивација ја црпат од големиот број луѓе кои се придружуваат на иницијативата, како и од другите волонтери. Со нас споделија дека секојдневно добиваат огромна поддршка од заедницата и интерес за вклучување. За помалку од два месеца по започнувањето, тие добија повеќе од 1000 следбеници и повеќе од 50 волонтери активатори што секојдневно се вклучени во проширувањето на иницијативата.
Помислата дека се прави промена во општеството, како и позитивните пораки кои ги создаваат заедно со сите волонтери, дополнително ги мотивира да ја продолжат оваа иницијатива и по завршувањето на оваа кризна состојба со КОВИД-19.
По отварањето на профилот и започнувањето на првиот предизвик, тие добиле пораки од многу следбеници на Инстаграм што им го разубавуваат денот со нивните пофалби и идеи како да се подобрат и едноставно со вреднување на нивниот напредок.
Која е улогата на волонтерите лидери, а која на волонтерите активатори?
Волонтерите лидери ја водат иницијативата и Инстаграм-профилот, а волонтерите активатори придонесуваат со содржини и активности во нивните заедници. Лидерите немаше да успеат во овој процес, доколку не беа и волонтерите активатори. Ангела и Филип велат дека активаторите се навистина важен дел од нивниот успех и без нив сѐ би било многу потешко.
Во моментов, околу 50 млади активатори неуморно им помагаат и постојано им даваат идеи. „Соработката оди совршено, а активаторите се инспирирани и секогаш нѐ изненадуваат“ - велат тие.
Не може да се каже ништо друго освен „БРАВО“ за овие млади луѓе што решија своето време да го посветат на нешто толку убаво.
Тие нѐ потсетија дека секогаш има надеж и дека секој може да ја има, ни олеснија во пребродувањето на овие тешки денови и, едноставно, ни покажаа дека може да се постигне сѐ што ќе посакаме - среќата е тука, а сѐ што ни е потребно се само неколку семиња и малку земјичка.
Па, што чекате? Земете саксија, чизма, фиока, кутија, шише или лименка и неколку семиња од вашето омилено растение. Придружете им се, а во меѓувреме „шкрапнете” и некоја фотографија која можете да ја поставите на пост или на стори (користејќи го хаштагот #СадиСиДома и #VolunteersForChildren), помагајќи ни да ја пораснеме нивната голема, виртуелна градина на надежта.
Следниот предизвик очекувајте го наредната среда, а дотогаш останете позитивни, пријатели.
Подготвено од младите репортери на УНИЦЕФ:
Вероника, 16
Кристијан, 17
Блоговите напишани од младите репортери на УНИЦЕФ се дел од волонтерската иницијатива која има за цел да им даде на младите луѓе простор да ги споделат своите видувања на теми значајни за нив. Работата на Младите репортери за време на пандемијата КОВИД-19 делумно е финансирана од УСАИД.