Сајбер-булинг: Што претставува и како да се запре

10 нешта кои тинејџерите треба да ги знаат за онлајн - насилството.

Adolescent girls in a school yard looking at a phone and smiling
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2019

Справувањето со сајбер-булингот може да биде тешко, но не сте сами. Споделуваме одговори на најчестите прашања, комбинирајќи практични совети од експертите на УНИЦЕФ со информации од познати апликации и гејминг платформи како што се Facebook, Instagram, Roblox, Snapchat, Threads, TikTok и X.

Без разлика дали се соочуваш со онлајн малтретирање или сакаш да му помогнеш на пријател кој се соочува со ваков проблем,  тука ќе најдеш поддршка и корисни совети. Ајде заедно да се справиме со ова и да го направиме интернетот побезбедно место за сите.

Што е сајбер-булинг?

Сајбер-булинг е насилство со употреба на дигиталните технологии. Може да се одвива на социјалните медиуми, платформите за размена на пораки („месиџинг“), платформите за играње („гејминг“) и на мобилните телефони. Станува збор за однесување кое се повторува, а чија цел е да се заплашат, разлутат или посрамат оние кон кои е насочено. Такви примери се:

  • Ширење лаги или објавување засрамувачки пораки, слики или видеа преку платформи за размена на пораки
  • Претставување како друга личност и испраќање злобни пораки во нивно име или преку лажни профили
  • Сексуално вознемирување или малтретирање со користење на алатки базирани на генеративна вештачка интелигенција

Насилството лице в лице и онлајн-насилството често се случуваат паралелно. Но, сајбер-силеџиството остава дигитален отпечаток – запис кој може да биде од корист и да послужи како доказ кој ќе помогне да се запре малтретирањето.

Што е сајбер-насилство

УНИЦЕФ

Сите пријатели се шегуваат меѓу себе, но понекогаш тешко е да препознаеш дали некој само се забавува, се шегува или пак се обидува да те повреди, особено онлајн. Понекогаш постапката ќе ја сведат на шега и ќе ти речат „А бе, само се шегував“ или „Не си ставај при срце“.

Но ако се чувствуваш повредено или пак мислиш дека другите ти се смеат тебе, наместо со тебе, тогаш шегата отишла предалеку. Ако пак, шегувањето продолжува дури и откако ќе побараш од лицето да запре и ако сè уште се чувствуваш неубаво во врска со тоа, тогаш може да се смета за булинг. 

А кога таквото насилство се одвива онлајн, може да предизвика несакано внимание од широк круг луѓе, вклучително и од непознати. Каде и да се случува, ако поради таа постапка не се чувствуваш убаво, тогаш и не мора да ја трпиш.

Како и да го наречеш – ако те повредува и не престанува, тогаш вреди да побараш помош. Запирањето на сајбер малтретирањето не само што е важно за да запрат насилниците, туку и да сфатиме дека секој заслужува почит – и на интернет и во вистинскиот живот. 

УНИЦЕФ

Кога насилството се случува онлајн се чувствуваш како да те напаѓаат отсекаде дури и во сопствениот дом. Може да ти се чини дека не постои излез. Ефектите може да траат долго и да влијаат врз тебе на повеќе начини:

Ментално – чувства на тага, срам, збунетост или лутина

Емоционално – чувство на вина, срам или губење интерес за работите што ги сакаш

Физички –  замор (поради губење сон), болки во стомакот или главоболки

Чувствата на исмевање или вознемирување од другите може да те спречат да проговориш или да се справиш со проблемот. 

Сајбер-булингот може да влијае на нас на многу начини – но со поддршка од семејството и пријателите, можеме да ги надминеме последиците и повторно да ја изградиме самодовербата и психофизичката благосостојба. 

УНИЦЕФ

Кога си жртва на oнлајн-насилство, може да се чувствуваш срам, нервоза, вознемиреност и несигуреност за тоа што велат или мислат другите за тебе. Поради тоа може да се повлечеш од другарите и семејството, да имаш негативни мисли и да зборуваш сам/а со себе на негативен начин, да имаш грижа на совест за нешто што си направил/а или не, или да имаш чувство дека те судат.

Може да изгубиш мотивација за работите во кои обично уживаш и може да се чувствуваш изолирано од луѓето кои ги сакаш и во кои имаш доверба. Ова може да ги продлабочи негативните чувства и мисли, што пак може негативно да им влијае на твоите ментално здравје и благосостојба.

Бегањето од часови е уште една честа последица на онлајн-насилство и може да влијае на менталното здравје на младите луѓе, кои се обидуваат психолошката и физичката болка да ги надминат со алкохол и дрога или со насилничко однесување. Разговорот со другар или возрасен на кој му веруваш може да биде првиот чекор кон наоѓањето помош.

Роблокс

Сајбер малтретирањето може сериозно да влијае врз твоето ментално здравје и општа благосостојба. Важно е да разговараш за тоа што го доживуваш, идеално со возрасен на кој му веруваш. Може да ти помогне да пронајдеш начин како да се справиш со ситуацијата и да се погрижи да добиеш потребна поддршка.

Roblox во соработка со фондацијата Jed ја креираше оваа корисна алатка – Водич за тинејџери за емоционална безбедност на Roblox, кој содржи многу совети за грижа за твоето ментално здравје.

Дополнително, можеш да пристапиш до телефонски линии за психосоцијална поддршка во твојот регион преку платформата: roblox.findahelpline.com – дел од нашето партнерство.

Снепчет

Сајбер малтретирањето отвора врата за 24-часовно вознемирување и може сериозно да наштети. Затоа на Snapchat нудиме вградени алатки за заштита, како и поддршка за ментално здравје и благосостојба директно во апликацијата. 

Сепак, нашиот најважен совет кога станува збор за било каков проблем поврзан со благосостојбата е: разговарај со некого – пријател, родител, старател или возрасен во кој имаш доверба.

На Snap, ништо не е поважно од безбедноста и благосостојбата на нашата заедница. Обрати се и кажи ни како можеме да помогнеме.

ТикТок

Онлајн-насилството може негативно да влијае на менталното здравје на луѓето. Затоа е важно да побараш помош од некој во кого имаш доверба – без оглед дали е родител, наставник, другар или лице кое се грижи за тебе – и да му кажеш што ти се случува за да ти помогне. Во нашиот водич за спречување онлајн-насилство има список со ресурси со кои полесно ќе најдеш поддршка.

Благосостојбата на нашата заедница ни е од огромно значење и во целост го препознаваме фактот дека онлајн-насилството може да има сериозно влијание врз менталното здравје на луѓето. Покрај тоа што преземаме сериозен чекор против содржини и однесувања што предизвикуваат засрамување, насилство или вознемирување на членовите на нашата заедница, во партнерство со стручни лица, го развивме нашиот Водич за благосостојба, сѐ со цел да им помогнеме на луѓето да разберат повеќе за подобрување на нивната состојба, воедно и да го одржиме Тикток како безбеден и инклузивен простор за нашата заедница.

УНИЦЕФ

Ако сметаш дека си изложен/а на булинг, првиот чекор е да побараш помош од некој на кого му веруваш, како што се родителите, близок член од семејството или друго возрасно лице на кое му веруваш.

Во училиштето може да му се обратиш на психологот или на омилениот наставник.

Доколку булингот се случува на социјална платформа, блокирај го силеџијата и формално пријави го неговото однесување на самата платформа. Компаниите што ги водат социјалните медиуми имаат обврска да се грижат за безбедноста на своите корисници.

Може да биде корисно да собереш докази – текстуални пораки и кадри од екран („скриншот“) од објавите – за да покажеш што се случувало.

За да запре силеџиството, мора да се идентификува како такво, а клучот е во неговото пријавување. На тој начин ќе му се покаже на силеџијата дека неговото однесување е неприфатливо.

Доколку се наоѓаш во непосредна опасност, тогаш повикај полиција или итна служба во твојата земја.

Фејсбук/Инстаграм/Тредс 

Во Meta, сериозно пристапуваме кон ситуациите со малтретирање и вознемирување. Овие појави се особено чувствителни и комплексни, бидејќи контекстот игра клучна улога. Затоа постојано работиме на отстранување на ваквата содржина, но и на тоа да ѝ овозможиме на нашата заедница алатки со кои самите ќе можат да се заштитат на начин што им одговара најмногу.

Доколку те малтретираат онлајн, те поттикнуваме да разговараш со родителот, наставникот или со некој друг на кого му веруваш – имаш право да бидеш безбеден/а. 

Исто така, ја олеснивме постапката за секое насилство да може да се пријави директно на Фејсбук или Инстаграм. Во секое време може да му доставиш на нашиот тим анонимна пријава за објава, коментар или приказна на Фејсбук или Инстаграм. Ние располагаме со тим кој ги прегледува овие пријави 24/7 ширум светот на над 50 јазици и ќе отстраниме сè што има за цел злоупотреба или силеџиство. Овие пријави секогаш се анонимни.

На Фејсбук имаме упатство кое може да ти помогне да поминеш низ процесот на справување со сајбер булинг – или што да направиш ако видиш дека малтретираат некој друг. На Инстаграм исто така има и водич за родителите со препораки за родителите, старателите и возрасните од доверба за тоа како да се справат со онлајн-насилството, како и страница каде што може да ги дознаеш нашите безбедносни алатки.

Роблокс

На Roblox активно ги охрабруваме корисниците да пријават каква било активност или содржина која им создава непријатност или загриженост. Лесно можеш да исклучиш (mute) или блокираш играчи во игрите, како и да пријавиш несоодветна содржина или однесување преку системот Report Abuse (Пријави злоупотреба). Кога ќе биде поднесена пријава за прекршување на правилата, нашиот тим за безбедност ја разгледува и презема соодветни мерки што е можно побрзо. Со самото пријавување не се заштитуваш само ти, туку и други кои можеби се изложени.

Ако некој те малтретира, важно е да разговараш со возрасен во кој имаш доверба. Понекогаш може да биде премногу тешко сам/а да се справиш, а споделувањето на тоа што го доживуваш навистина може да помогне.

Снепчет

Никој не треба да биде изложен на малтретирање – ниту во живо, ниту онлајн.

Ако сакаш да пријавиш закана по безбедноста, вклучително и вознемирување, малтретирање или друго прекршување на нашите Насоки за заедницата, само притисни и задржи на Snap, Story или Chat, па избери „пријави“ за да нè известиш што се случува. Исто така, можеш да испратиш пријава преку нашата страница за поддршка.

Ако доживуваш емоционална вознемиреност, можеш да ги посетиш Ресурсите за безбедност на Snapchat корисници

Повеќе за тоа како да пријавиш злоупотреба или загриженост за безбедноста можеш да прочиташ овде.

Со пријавувањето ни помагаш да преземеме соодветна акција и со тоа да те заштитиме тебе и другите членови на нашата заедница. Освен што ќе пријавиш содржина или однесување на Snapchat, разговарај и со пријател, родител, старател или друг возрасен во кој имаш доверба. Нашата цел е секој да биде безбеден – и да се забавува!

ТикТок 

Сите имаат право да се чувствуваат безбедно и да бидат третирани со почит и достоинство. Меѓуврсничко насилство и вознемирувањето не се во духот на инклузивната средина која ја негуваме на ТикТок.

Ако некогаш ти се чини дека си жртва на меѓуврсничко насилство или ако некој се однесува недолично кон тебе, побарај помош од човек од доверба - на пример, од родител, наставник или лице кое се грижи тебе - кој може да ти обезбеди поддршка.

Користиме и технологија и илјадници стручни лица од областа на безбедноста за ТикТок да биде без меѓуврсничко насилство. Исто така ги поттикнуваме членовите на заедницата да ги користат пристапните алатки за пријавување во самата апликација со цел да ни алармираат ако некој кој им е познат бил жртва на меѓуврсничко насилство. Може да пријавиш видеа, коментари, сметки или директни пораки, за да преземеме соодветни активности и да придонесеме да си безбеден/безбедна. Пријавите се секогаш доверливи.

Во Упатството за превенција на онлајн-насилство за тинејџери, лица што се грижат за децата и едукатори може да најдеш уште информации за идентификација и спречување меѓуврсничко насилство, како и за обезбедување поддршка.

X (поранешен Твитер)

Да бидеш мета на онлајн малтретирање е тешко искуство. Ако си жртва на сајбер малтретирање, најважно е прво да се погрижиш за сопствената безбедност. Многу е важно да имаш некого со кого можеш да разговараш за тоа низ што поминуваш – тоа може да биде наставник, родител или друг возрасен во кој имаш доверба. Разговарај со родителите и пријателите за тоа што да направите ако ти или некој близок е изложен на сајбер малтретирање.

Ги охрабруваме корисниците да пријавуваат профили кои можеби ги прекршуваат нашите правила. Тоа можеш да го направиш преку нашиот Help Center или преку самата објава со кликнување на опцијата „Пријави објава“.

УНИЦЕФ

Ако доживуваш онлајн-насилство, еден од најважните први чекори е да разговараш со возрасно лице на кое му веруваш – некој со кого се чувствуваш безбедно кога разговараш.

Да се разговара со родителите не е секогаш лесно. Но постојат начини да си помогнеш и да го олесниш разговорот. Избери момент кога знаеш дека ќе те слушаат со целосно внимание. Објасни им колку е сериозен проблемот за тебе. Имај на ум дека можеби не се толку запознаени со технологија како ти, па ќе треба да им помогнеш подобро да разберат што точно се случува.

Можно е да не се во состојба веднаш да ти одговорат, но најверојатно ќе сакаат да ти помогнат и заедно ќе дојдете до решението. Две глави секогаш подобро размислуваат од една! Ако сè уште не си сигурен/а што треба да направиш, размисли дали може да контактираш некој друг на кого му веруваш. Најчесто постојат многу повеќе луѓе што се грижат за тебе и кои би сакале да ти помогнат одошто претпоставуваш!

УНИЦЕФ

Секој може да стане жртва на онлајн-насилство. Доколку видиш дека нешто вакво му се случува на некој друг, обиди се да му ја пружиш својата поддршка.

Важно е да ги сослушаш пријателите. Зошто не сакаат да го пријават онлајн-насилството? Како се чувствуваат? Објасни им дека случајот не мора формално да го пријават, но дека е многу важно да разговараат со некој што може да помогне.

Запомни, пријателот/ката може да се чувствува кревко. Биди љубезен/а. Помогни им да размислат што може да кажат и на кого. Понуди се да појдеш со нив, доколку одлучат да го пријават случајот. Најважно од сè, потсети ги дека си тука за нив и дека сакаш да помогнеш.

Доколку пријателот/ката сепак не сака да го пријави случајот, тогаш помогни им да најдат возрасно лице од доверба кое ќе може да им помогне да се справат со ситуацијата. Запомни дека во одредени ситуации последиците од онлајн-насилство може да бидат и опасни по животот.

Ако никој ништо не преземе, можно е твојот пријател или пријателка да почне да се чувствува како сите да се против него и дека  никому не му е грижа. Твоите зборови може да доведат до промена.

Фејсбук/Инстаграм/Тредс

Знаеме дека може да биде тешко да пријавиш некого. Но  и некој да биде малтретиран воопшто не е во ред.

Со пријавувањето на одредена содржина до надлежните во Фејсбук или Инстаграм ни помагаш да ја зачуваме твојата безбедност на нашите платформи. Насилството и вознемирувањето се многу лични по своја природа, така што во голем број случаи нам ни е потребно некој да го пријави ваквото однесување за ние да може да го идентификуваме како такво и да го отстраниме.

Пријавувањето случај со онлајн-насилство на Инстаграм и на Фејсбук е секогаш анонимно и никој никогаш нема да дознае дека токму ти си нè известил/а за ваквото однесување.

Може да пријавиш нешто што самиот/ата го доживуваш, но подеднакво е лесно да пријавиш случај и во име на некој друг со помош на алатките што се достапни во самата апликација. Повеќе информации за пријавувањето се достапни во Центарот за помош на Инстаграм или Центарот за помош на Фејсбук.

Роблокс

Разговарај со пријателот за добрите и лошите страни на пријавувањето и обиди се да разбереш зошто можеби не сака да пријави. Дали ја познава личноста во реалниот живот и се плаши од последици, на пример? Секогаш е важно да се побара помош – предложи му да разговара со возрасен во кој има доверба, како член на семејството или наставник.

Потсети го дека може доверливо да го пријави малтретирањето преку системот Report Abuse на Roblox, и дека со тоа не само што се штити себеси, туку придонесува за побезбедна и попријатна заедница.

Снепчет

Ти и твоите пријатели можеби се двоумите дали да пријавите нешто на нашата платформа, но важно е да знаете дека пријавувањето на Snapchat е доверливо и едноставно. Запомни: можеш да пријавиш Snaps (фотографии и видеа), Chats (пораки) и цели профили – било за свои искуства или во име на друг.

Во попознати делови од Snapchat, како што се Stories и Spotlight, само притисни и задржи на содржината и ќе се појави мени со опција „Report Tile“ во црвено. Кликни таму и ќе ти се појави мени за пријавување. Малтретирањето и вознемирувањето се меѓу првите категории. Следи ги инструкциите и сподели што е можно повеќе детали за настанот.

Ти благодариме што ни помагаш да ја заштитиме Snapchat заедницата!

TikTok

Ако мислиш дека некој друг член на TikTok заедницата е жртва на малтретирање или вознемирување, постојат начини на кои можеш да му помогнеш. На пример, можеш доверливо да го пријавиш случајот преку TikTok, за ние да преземеме соодветни мерки и да го заштитиме твојот пријател.

Ако го познаваш лицето, провери како е и охрабри го да го прочита нашиот Водич за спречување со малтретирање – за да дознае повеќе за тоа како да препознае и спречи насилно однесување и како да постапи.

X (поранешен Twitter)

Ако твоите пријатели се соочуваат со сајбер малтретирање, охрабри ги да разговараат со родител, наставник или друг возрасен во кој имаат доверба.

Ако пријателот не сака да го пријави искуството сам, можеш ти да поднесеш пријава како набљудувач (bystander report) во негово име. Ова може да вклучува пријави за злоупотреба и вознемирување, споделување лични информации, интимна содржина без согласност или лажно претставување.

УНИЦЕФ: Да се биде онлајн ни носи голем број придобивки. Сепак, како и со многу други работи во животот, да се биде онлајн со себе носи и ризици од кои мора да се заштитиш.

Ако доживуваш онлајн-насилство, можеби ќе треба да избришеш одредени апликации или да бидеш офлајн некое време, за да си дадеш  време за закрепнување. Но исклучувањето од Интернетот не е долгорочно решение. Ти не си направил/а ништо лошо, зошто тогаш ти да бидеш обесправениот/ата? Тоа дури може на силеџиите да им прати погрешен сигнал – само ќе го поттикнеш нивното неприфатливо однесување.

Сите ние сакаме онлајн-насилството да запре, а тоа е една од причините зошто е важно да се пријавуваат таквите случаи. Но за создавањето на  Интернет каков што посакуваме, потребно е повеќе од едноставно посочување на силеџиството. И самите треба да размислуваме што споделуваме или кажуваме за да не повредиме други. Треба да бидеме љубезни едни со други, и онлајн, и во реалниот живот. Од сите нас зависи!

Facebook / Instagram / Threads

Континуирано развиваме нови технологии за да поттикнеме позитивна комуникација и да реагираме на штетна содржина, како и нови алатки што им даваат поголема контрола на луѓето врз нивното онлајн искуство. Еве дел од нив:

  • Предупредување за коментари: Кога некој ќе напише опис или коментар кој нашата вештачка интелигенција го препознава како потенцијално навредлив или вознемирувачки, се појавува известување што го поттикнува корисникот да размисли и евентуално да го измени текстот пред објавување.
  • Контроли за коментари и пораки: Со функцијата Hidden words, која е вклучена како стандарден сетинг, се филтрираат коментари со навредливи зборови, фрази, емоџи или пораки од непознати лица. Можеш и сам/а да креираш листа со термини што не сакаш да ги гледаш – и тие нема да се појавуваат под твоите објави, а пораки со таква содржина ќе одат во посебно сандаче. Сите Instagram профили можат да ги исклучат DM-пораките од луѓе што не ги следат. Во Messenger можеш да „игнорираш“ разговор и тој автоматски ќе се премести надвор од сандачето, без да го блокираш испраќачот.
  • Блокирање и исклучување (mute): Секогаш можеш да блокираш или исклучиш профил што те малтретира. Лицето нема да биде известено за тоа. Дополнително, кога ќе блокираш некого на Instagram, имаш можност да блокираш и други профили што можеби ги има или ќе ги креира.
  • Restrict (Ограничување): Со оваа функција можеш тивко и дискретно да се заштитиш од несакани интеракции. Коментарите од ограничен корисник ќе бидат видливи само за него/неа. Можеш да одлучиш дали ќе ги видиш, одобриш, избришеш или игнорираш. Нема да добиваш нотификации од тие профили.
  • Limits (Ограничувања): Автоматски скриј коментари и DM пораки од лица кои не те следат или те следат од неодамна. Оваа алатка е корисна кога се соочуваш со наплив на несакани пораки.

Roblox

Roblox е посветен на создавање безбедна и пријателска платформа каде што луѓето можат да се поврзуваат додека играат, учат и создаваат. Обезбедуваме алатки за спречување на сајбер малтретирање, како што се блокирање и исклучување (mute), и користиме строги филтри во четот за да спречиме ширење на штетни пораки.

TikTok

Наш приоритет е да изградиме безбедна и пријатна средина каде што луѓето можат слободно и автентично да се изразат. Нашите Насоки за заедницата јасно наведуваат дека не толерираме срамење, малтретирање или вознемирување.

Користиме комбинација од технологија и тимови за модерирање за да препознаеме и отстраниме навредлива содржина или однесување.

Дополнително, обезбедуваме широк спектар на алатки за заедницата со кои корисниците имаат контрола – од тоа кој може да гледа и комуницира со нивната содржина, до филтрирање коментари. Повеќе информации можеш да најдеш тука: TikTok Safety Center

X (поранешен Twitter)

Секој ден стотици милиони луѓе споделуваат идеи на X, и сосема е нормално што не се согласуваме секогаш. Придобивката од јавната дебата е што можеме да учиме од различни мислења и ставови – сè додека тие се изразени со почит.

Но ако, по некое време, повеќе не сакаш да слушаш одреден корисник, тоа е во ред. Нивното право да се изразуваат не значи дека мораш да ги слушаш. Ако добиеш одговор кој не ти се допаѓа, можеш да престанеш да го следиш тој профил и да ја прекинеш комуникацијата. Ако однесувањето продолжи, се препорачува да го блокираш тој профил. Ако добиваш упорни, несакани и насочени пораки, можеш да го пријавиш однесувањето тука Report to X

Работиме и проактивно за да ги заштитиме корисниците преку комбинација на човечка проценка и технологија. Повеќе за тоа како да бидеш побезбеден на X: Feeling safer on X

Можеш и да ги заштитиш своите објави, така што ќе бидат видливи само за твоите следбеници. Во тој случај, секој што ќе сака да те следи мора да добие одобрување од тебе. Повеќе за тоа тука: Public vs. Protected Posts

УНИЦЕФ

Размисли два пати пред нешто да објавиш или споделиш онлајн – може да остане онлајн засекогаш и да се искористи на твоја штета подоцна. Не оддавај лични податоци, како што се адреса, телефонски број, или називот на твоето училиште.

Научи ги нагодувањата за приватност на апликациите на твоите омилени социјални медиуми. Еве неколку работи што може да ги направиш на повеќето апликации:

  • Може да одлучиш кој ќе го гледа твојот профил, кој може да ти праќа директни пораки или да коментира на твоите објави така што ќе си ги прилагодиш нагодувањата за приватност на твојот налог.
  • Може да пријавиш навредливи коментари, пораки и фотографии и да побараш да се отстранат.
  • Покрај тоа што може да избришеш некој од листата на пријатели (да го „анфренднеш“), луѓето може и целосно да ги блокираш (да ги „блокнеш“), така што повеќе нема да може да ти го гледаат профилот ниту пак да те контактираат.
  • Може да избереш коментарите од некои луѓе да им се појавуваат само ним, а да не мора при тоа целосно да ги блокираш.
  • Објавите на твојот профил може да ги избришеш, или да ги сокриеш од одредени луѓе.

Кај повеќето од твоите омилени социјални медиуми луѓето нема да добијат известување ако ги блокираш, им го ограничиш пристапот, или пак, ги пријавиш.

Интернет компаниите сè повеќе му обрнуваат внимание на прашањето на онлајн-насилство.

Многу од нив воведуваат механизми за негово решавање и за подобра заштита на своите корисници со помош на нови алатки, упатства и начини за пријавување на малтретирањето онлајн.

Но, точно е дека е потребно да се направи уште повеќе. Голем број младинци секојдневно доживуваат онлајн-насилство. Некои се соочуваат и со екстремни облици на онлајн насилство. Некои, како последица на тоа, посегнаа и по своите животи.

Технолошките компании се одговорни да ги заштитат своите корисници, особено децата и младинците.

Сите ние треба да ги повикаме на одговорност кога не си ги исполнуваат своите обврски.

УНИЦЕФ: На секоја социјална платформа се нудат различни алатки (види подолу) со кои може да ограничиш кој може да ги гледа или коментира твоите објави, или кој може автоматски да те додаде за пријател, како и да пријавиш случаи на силеџиство. Голем број од овие алатки се состојат од едноставни чекори, како што е да блокираш некого, да го замолчиш (да го „мјутнеш“), или, пак, да пријавиш онлајн-насилство. Те охрабруваме да ги разгледаш.

Компаниите на социјалните медиуми исто така нудат и алатки за едукација и насочување на децата, родителите и наставниците, за да научат за ризиците и за тоа како да останат безбедни онлајн.

Исто така, првата линија на одбраната против онлајн-насилство можеш да бидеш и ти. Размисли каде во твојата заедница се случува онлајн-насилство и како може да помогнеш – така што ќе го кренеш гласот, ќе ги посочиш насилниците, ќе им се обратиш на возрасните лица на кои им веруваш, или ќе ги освестиш луѓето за овој проблем. Дури и едноставен чин на љубезност може чуда да направи.

Ако си загрижен за својата безбедност или за нешто што ти се случило онлајн, под итно разговарај со некое возрасно лице на кое му веруваш/ Повикај ја линијата за помош на децата за да ти помогнат.

Фејсбук/Инстаграм: Располагаме со повеќе алатки за зачувување на безбедноста на младитеЧ

  • Може да избереш да ги игнорираш сите пораки од насилникот или да ја искористиш нашата алатка за ограничување за дискретно да си го заштитиш налогот без тоа лице да биде известено.
  • Може да ги модерираш коментарите под своите објави.
  • Може да ги измениш нагодувањата така што само луѓето што ги следиш да може да ти пратат директна порака.
  • А пак на Инстаграм, ти испраќаме известување кога сметаме дека сакаш да објавиш нешто што ги преминува границите и те поттикнуваме да се преиспиташ.

За повеќе совети за тоа како да се заштитиш себеси и другите од онлајн-насилство, погледни ги нашите ресурси на Фејсбук или Инстаграм,

Твитер: Доколку некои луѓе на Твитер ти станат здодевни или негативни, располагаме со алатки што може да ти помогнат, а следниов список е поврзан со упатства како да ги активираш.

  • Mute – да ги отстраниш твитовите од некој налог, без да го отследиш („анфолоу“) или блокираш тој налог
  • Block – да ограничиш одредени налози да не може да те контактираат, да ги гледаат твоите твитови, или, пак, да те заследат.
  • Report – да пополниш пријава за злонамерно однесување

ТикТок: Освен мерките што ги преземаат тимовите за сигурност за да придонесат нашата платформа да биде без меѓуврсничко насилство и вознемирување, обезбедуваме и широка палета алатки со кои полесно ќе го контролирате вашето искуство на ТикТок. Целосно се претставени во Центарот за сигурност. Еве неколку главни точки:

  • Можеш да ограничиш кој смее да ти коментира на видеата на никого, само другарите или сите (за лицата под 16-годишна возраст, ја отстранивме опцијата „сите“)
  • Можеш да ги филтрираш сите коментари или само коментарите со конкретни клучни зборови, што ги избираш ти. Кога ќе ги откриеме, спамот и навредливите коментари се сокриени од корисниците автоматски.
  • Можеш да избришеш или пријавиш неколку коментари наеднаш, и можеш да блокираш сметки кои постираат коментари со кои се врши меѓуврсничко насилство и други негативни коментари во група, до 100 наеднаш.
  • Со командна линија се поттикнуваат лицата да размислат двапати пред да постираат коментар кој е недоличен или некултурен, со што се потсетуваат на Упатството за заедницата и им се дава можност да ги уредат коментарите пред да ги споделат.