Како да ги отстраните родовите стереотипи од играта

Инклузивна игра за сите деца.

УНИЦЕФ
Girl crawling and playing through hoops in kindergarten
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2019

Играта е суштинска за учењето и развојот на секое дете. Како родител, вие имате клучна улога во ова – како во однос на времето што ќе го одвоите за игра со вашите деца, така и во однос на играчките, игрите и активностите што ќе ги изберете.

Притоа, дали сте помислиле дека можеби, дури и несвесно, придонесувате за зацврстување на родовите стереотипи, како и стереотипите поврзани со попреченоста, расата, етничката припадност или културата? Начинот на којшто го воспитувате детето дома придонесува кон социјализацијата на децата (т.е. како учат да се однесуваат според општествените норми), а играта е една област каде што тоа се случува.

На пример, кога размислуваме за родовите стереотипи, девојчињата се поттикнуваат да играат со кукли во затворен простор, а машките се поттикнуваат да играат надвор. Иако девојчињата вака се учат да бидат грижливи уште од мали нозе, тоа може да ги попречи да развијат други видови когнитивни, физички и социјални вештини. На машките често им се даваат играчки како што се пиштоли и се охрабруваат да учествуваат во физички и честопати поагресивни активности со други момчиња или машки старатели, со што може да се поттикне нездраво изразување на машкоста.

Децата со попреченост, како и децата од маргинализираните групи, може воопшто да не се претставени во играчките со кои си играат вашите деца или во книгите што ги читаат, или пак, може да бидат прикажани стереотипно,  што всушност е штетно за нив. 

Како родител, вие имате директно влијание врз вашето дете и имате можност да спречите вакви предрасуди додека   учите низ игра. Еве неколку начини на поттикнување родово нестереотипна и инклузивна игра дома.

  1. Зборувајте позитивно за  одење на училиште и дајте им на девојчињата и машките еднакво и соодветно време да играат и да учествуваат во домашните обврски, без оглед на полот.
     
  2. Дајте им на вашите деца да играат со играчки и игри низ кои се развиваат сите социјални и когнитивни вештини. На пример, барајте игри кои развиваат писменост, математички, просторни, когнитивни и социјални вештини, т.е. играчки кои стимулираат креативност и решавање проблеми.   
     
  3. Помогнете им на вашите деца да читаат книги и да гледаат серии, филмови или видеа кои раскажуваат инклузивни и позитивни приказни за децата во сета нивна различност, кои слават различни култури, опфаќаат деца со попреченост и даваат позитивен приказ на родовите улоги.
     
  4. Понудете им на децата да играат со играчки и игри кои традиционално се поврзани со спротивниот пол. И девојчињата и момчињата може да играат со кукли и играчки за готвење, како и да се занимаваат со физички активни игри и спортови. Во крајна линија, играчките и игрите треба да бидат алатки со кои децата ќе станат агилни и прилагодливи ученици и ќе учат вештини како што се креативност, комуникација и решавање проблеми.  
     
  5. Избегнувајте играчки и игри кои намерно поттикнуваат родови стереотипи, како што се розови опаковки, еднорози, виножита и срца за девојчињата, наспроти сини пакувања, роботи, вселенски бродови и кутии со алати за машките. Погрижете се играчките и игрите што им се даваат на децата да бидат инклузивни и разновидни во она што го претставуваат. 
     
  6. Бидете свесни дека маркетингот и рекламите може да ги зацврстат штетните родови норми и да ги исклучат децата. Избирајте играчки, книги и игри што испраќаат позитивни пораки до вашите деца.
     
  7. Спречете ги децата да играат со пиштоли и насилни играчки, како и отворено насилни или дигитални игри во кои на ликовите им се истакнуваат сексуалните карактеристики. Индустријата за дигитални игри е брзорастечки сектор што има и длабоки родови предрасуди, ги истакнува сексуалните карактеристики  и одобрува насилство во голем дел од својата содржина. Ваквите игри, кои често ги играат деца и се насочени кон адолесценти, имаат потенцијал да ги продлабочат родовите предрасуди и да промовираат нездраво и штетно однесување и ставови кај идните генерации.
     
  8. Заменете ги или дополнете ги дигиталните игри со конструктивни физички активности, како што се спорт и игри на отворено. Физичката активност е од суштинско значење за здрав развој на сите деца, без оглед на нивниот пол, а децата треба од најмали нозе да се поттикнуваат да учествуваат во физички игри преку спорт, одење на игралиште или играње со другарите. Како родител, обидете се да поддржувате цела низа когнитивни и креативни вештини кај вашите деца и погрижете се девојчињата и машките да добијат еднакво време за игра, и во домот и надвор.
     
  9. Поттикнете го детето да ги преточи гневот и фрустрацијата во решавање проблеми, позитивна комуникација и конструктивна физичка активност наместо да користи агресија или малтретирање.

И запомнете, играта ги гради односите и поврзаноста меѓу родителот и детето, па погрижете се да уживате во секој заеднички момент!


Оваа статија е поддржана од Фондацијата ЛЕГО. За забавни идеи со кои се поддржува учењето, посетете го Учење низ игра.