Детска заштита
Секое дете има право да расте безбедно
Секое дете има право да расте без страв, насилство и злоупотреба, да се чувствува безбедно, заштитено и поддржано за да расте, учи и напредува - дома и во заедницата.
Во Северна Македонија, постигнат е значаен напредок. Но, за премногу деца, ова ветување сè уште не е исполнето.
Предизвикот
Насилството врз децата останува скриена, но широко распространета реалност во Северна Македонија, која често се случува во домовите, училиштата и заедниците, каде што децата треба да се чувствуваат најбезбедно.
За многу деца, насилството не е изолирано искуство. Тоа е дел од секојдневниот живот. Податоците покажуваат дека над две третини од децата на возраст од 1 до 14 години доживуваат насилна дисциплина дома, вклучувајќи психолошка агресија и физичко казнување.
Како што децата растат, насилството ги следи во нови простори. Речиси 25 отсто од адолесцентите на возраст од 13 до 15 години пријавуваат дека се жртви на врсничко насилство, што го прави една од најчестите и највидливи форми на насилство врз децата. [unicef.org]
Кај некои деца, ризиците се уште посериозни. Стотици од нив биле жртви на сексуално насилство во последниве години, што открива критични недостатоци во системите за заштита и итна потреба од посилна превенција и реакција.
Овие искуства не се случуваат изолирано. Насилството често е меѓусебно поврзано - дома, на училиште и сè повеќе онлајн - создавајќи циклуси на злоупотреба што може да го обликуваат секој дел од животот на детето.
Исто така, се појавуваат нови ризици. Децата денес растат во дигитални средини каде што насилството и злоупотребата не се ограничени само на физичкиот простор, додека адолесцентите сè повеќе се соочуваат со притисоци врз менталното здравје на коишто недоволно им се обрнува внимание.
И покрај тоа што постојат системи за детска заштита, премногу деца сè уште се незаштитени. Услугите не се секогаш достапни, институциите не секогаш реагираат навремено или координирано, а децата не се секогаш во можност да ја добијат потребната поддршка тогаш кога им е најпотребна.
За премногу деца, ова значи дека насилството не се спречува навреме, а заштитата доаѓа предоцна.
Решението
Заштитата на децата значи повеќе од само реагирање кога ќе се случи насилство - тоа значи градење систем што го спречува, навреме го препознава и обезбедува соодветен одговорна начин што навистина ги става децата на прво место.
УНИЦЕФ работи токму на ова, заедно со Владата и партнерите, со цел да поттикне трајни промени.
Фокусот е ставен врз зајакнување на системите на кои децата се потпираат секојдневно - од социјалните служби и училиштата до здравството и правосудството. Овие системи мора да соработуваат, да реагираат побрзо и да стигнат до секое дете на кое му се потребни.
Сѐ започнува со превенција. Поддршка на родителите, вклучување на заедниците и менување на општествените норми, при што насилството повеќе нема да се прифаќа, ниту да се игнорира. Бидејќи најдобриот начин да се заштитат децата е да се спречи штетата пред таа да се случи.
Се продолжува со поцврсти, покоординирани услуги. Кога на детето му е потребна помош, системот реагира како еден - брзо, ефикасно и грижливо. Децата ја добиваат потребната поддршка без одлагање, без дуплирање и без натамошни трауми.
Тоа значи да се стигне и до оние деца кои се во најголем ризик. Услугите мора да бидат инклузивни, достапни и осмислени имајќи ја рамноправноста на ум - при што сиромаштијата, попреченоста, полот или дискриминацијата нема да одредат дали детето ќе биде заштитено.
Децата во контакт со законот, било како жртви, сведоци или во судир со законот, имаат право на одговор од институциите што ги почитува нивните права и достоинство. Ова значи постапки по мерка на децата, обучени стручни лица и пристап заснован на разбирање на последиците од траумата, за децата да продолжат понатаму,добивајќи поддршка и грижа.
За сите деца, како што се развиваат ризиците, така мора да се развива и одговорот. Од безбедноста на интернет до поддршката за менталното здравје, системите за детска заштита мора да се приспособат на реалноста со која се соочуваат децата денес.
Во основа на сето ова стојат поквалитетни податоци, подобри политики, добро поддржана работна сила и одржливи инвестиции - заштитата не само што е можна, туку мора да биде и доволно сигурна, постојана и цврста за да стигне до секое дете.
Побезбедна иднина за секое дете
Детството без насилство не е привилегија - тоа е право.
Вистинските промени се случуваат кога системите функционираат заедно, кога услугите стигнуваат до оние на кои им се најпотребни и кога превенцијата станува приоритет. Не само за поединечни деца, туку за цели заедници и идни генерации.
Затоа што заштитата на децата не е само заштита денес - таазначи поставување на темелите за посилно, поправедно и поотпорно општество утре.
А започнува со едно важно ветување: безбедност на секое дете, насекаде.