Државниот завод за статистика и УНИЦЕФ ќе ја зајакнат базата со податоци за децата и жените во Северна Македонија

09 Април 2026
Претставничката на УНИЦЕФ и Директорот го потпишуваат меморандумот.
UNICEF North Macedonia/2026

Скопје, 9 април 2026 – Државниот завод за статистика (ДЗС) и УНИЦЕФ потпишаа Меморандум за разбирање, со што официјално започнуваат подготовките за новиот циклус на Мултииндикаторското кластерско истражување (MICS), 2027 во Северна Македонија. Ова партнерство ја потврдува заедничката заложба за зајакнување на креирањето јавни политики за децата и жените, засновани на докази.

Истражувањето за состојбата на децата и жените е едно од најсеопфатните во светот и обезбедува висококвалитетни, меѓународно споредливи и расчленети податоци (односно податоци раздвоени по клучни карактеристики како полот, возраста, местото на живеење и социјалниот статус), за клучни области како што се здравството, исхраната, образованието, раниот детски развој, заштитата на децата, попреченоста, родовата еднаквост и условите за живот. Со пополнување на празнините во податоците што административните извори не можат да ги опфатат целосно, ова истражување придонесува за поинформирано креирање политики и пофер распределба на ресурсите за децата и семејствата.

„Преку оваа соработка со УНИЦЕФ, ги зајакнуваме националните капацитети за спроведување големи истражувања кај домаќинствата и обезбедуваме носителите на одлуки да имаат пристап до квалитетни податоци,“ изјави Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика. „MICS 2027 ќе обезбеди важни сознанија за условите за живот на децата и жените и ќе придонесе за подобро информирани јавни политики.“

Повеќе од две децении, податоците од истражувањата MICS претставуваат клучен извор на докази за разбирање на состојбите со кои се соочуваат децата и жените во Северна Македонија. Една од нивните најголеми вредности е можноста за детално расчленување, вклучително и сеопфатен збир на податоци за состојбата на децата и жените во ромските населби. Овие истражувања помогнаа нееднаквостите да станат видливи и овозможија креирање понасочени и поефективни политики и програми.

„Секое дете е важно и секое дете треба да биде евидентирано,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Сигурните и расчленети податоци се клучни за да разбереме како навистина живеат децата и жените денес и каде постојат нееднаквости. MICS7 ќе обезбеди ажурирани и кредибилни докази за следење на напредокот и за дизајнирање насочени интервенции, особено за децата коишто се изложени на ризик да бидат изоставени.“

Истражувањето ќе се спроведува под водство на Државниот завод за статистика, со техничка поддршка од УНИЦЕФ, во согласност со глобалните стандарди за обезбедување квалитет на податоците, етички принципи и меѓународна споредливост.


За повеќе информации:

Државен завод за статистика: Кирил Ангелов| тел. (02)-3295-642 |[email protected]

УНИЦЕФ: Сузи Папас-Чаповска| тел. (02)-3231-244 | [email protected] или Симона Миркоска | тел. (02)-3231-172 | [email protected]

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: [email protected]

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ, агенцијата на Обединетите нации за деца, работи на заштита на правата на секое дете, насекаде, особено на најранливите деца и на места до кои е најтешко да се допре. Во повеќе од 190 земји и територии, правиме сè што е потребно за да им помогнеме на децата да преживеат, да напредуваат и да го исполнат својот потенцијал.