21 активност за учење кај бебиња и мали деца

Секогаш имајте идеи за игри за поддршка на развојот на вашето дете!

Mother and baby playing and smiling
UNICEF/UN0202886/Szabo

Сакате да знаете како да го исполните денот со вашето бебе? Играта е важен дел од учењето и растењето на детето – низ игра детето ја истражува околината, вежба развивање вештини и се поврзува со оние што се грижат за него (значи, со вас!). Како што  вашето бебе расте, игрите ќе се менуваат во зависност од вештините кои таа игра ќе ги развие кај вашето дете.

Подготвени? Погледнете ги овие идеи за поддршка на развојот на вашето дете во првите две години од животот преку забава!

Иако во овие активности може да уживаат деца со различни способности, слободно модифицирајте ги според потребите на вашето малечко. За уште повеќе идеи, погледнете ја нашата листа на игри за деца со развојни тешкотии.

Arrow
the playbox icon 3

Активности за деца од 2 месеци

Тапкање во такт
Ставете го бебето на грб и пејте му. Додека пеете, тапкајте му ги табанчињата во такт со песната. 
Зошто е ова корисно: Оваа игра е одлична за развивање вештини на слушање. Вашето малечко ќе се озари кога ќе ви го чуе гласот, а тапкањето претставува нов начин заедно да го доживеете пеењето.

Гугање
Свртете се кон бебето, гледајте го в очи, смешкајте се и зборувајте му кога ќе почне да произведува звуци. Одговорете на гугањето, па направете пауза за тоа да ви одговори.
Зошто е ова корисно: Овој „муабет“ му помага на вашето дете да го учи јазикот, но и да разговара – а ќе му се допадне и вниманието што го добива од вас! Гледањето в очи му покажува на вашето бебе дека сакате да комуницирате со него и го поддржува неговото учење.

Фати, фати, фати!
Земете играчка или друг предмет што е безбеден за бебето, како на пр., крпа, и доближете ја кон неговото раче, охрабрувајќи го да ја фати. Менувајте ги страните за да посега и со двете раце.
Зошто е ова корисно: Со оваа едноставна игра, вашето бебе ги развива фините моторни вештини давајќи му шанса да вежба отпуштање и стегање на тупаничките.

the playbox icon 7

Активности за деца од 4 месеци

Време за приказни
Разгледувајте и читајте детски сликовници заедно. Покажувајте му ги предметите, животните или растенијата прикажани во сликовниците и именувајте ги. 
Зошто е ова корисно: Читањето заедно ги унапредува зближувањето, јазичните вештини и развојот на видот.

Разговор за текстури
Давајте му на бебето да допира разни ткаенини и користете зборови како „мазно“ или „грубо“ за да ги опишете. 
Зошто е ова корисно: Новите сетилни искуства му помагаат на вашето бебе да го развие чувството за допир, а внесувањето нови зборови сѐ повеќе му го збогатува речникот.

Вклучи/исклучи

Одете низ дома и вклучувајте и исклучувајте работи како што се светла, чешми, батериски ламби, радија и други уреди. Притоа велете „вклучено“, „исклучено“.
Зошто е ова корисно: Оваа активност ги покажува причината и последицата учејќи го вашето бебе на нови зборови.


 

Father and baby daughter in a library
UNICEF North Macedonia / 2018

Активности за деца од 6 месеци

Ајде да се тркаламе!
Ставете го вашето бебе на грб или на стомак на безбедна површина и ставете  му ја на дофат омилената играчка или друг безбеден предмет. Поттикнете го да се преврти за да ја дофати играчката.
Зошто е ова корисно: Со оваа игра се поддржува развојот на грубите моторни вештини кај вашето бебе, со што се постигнува крупна развојна точка како што е превртувањето.

Одиме да истражуваме!
Излезете со бебето надвор на прошетка и зборувајте за работите што ги гледате и за звуците што ги слушате.
Зошто е ова корисно: Кога излегувате  надвор го изложувате вашето бебе на нови глетки и звуци, помагајќи му да ги развие вештините на слушање, гледање и социјализација.

Магично возење
Ставете го бебето на стомачена крпа или ќебе, на рамна површина без препреки. Фатете ги ќошињата и полека движете се низ собата, поведувајќи го бебето на забавно, безбедно возење!
Зошто е ова корисно: Оваа забавна авантура му помага на вашето малечко да ги зајакне мускулите на стомакот и грбот, а и да ја подобри контролата на главата и вратот.

 

the playbox icon 1

Активности за деца од 9 месеци

Папагал
Набљудувајте што прави вашето бебе и копирајте ги неговите постапки. На овој начин, вашето малечко ја води играта!
Зошто е ова корисно: Покажувајќи интерес и уважувајќи го она што го прави вашето бебе, му помагате да ги развие своите социјални и емоционални вештини.

Независен истражувач
Пуштете го вашето бебе самостојно да го истражува домот, но бидете во близина за да се осигурате дека се движи во безбедна околина. Ова му дава чувство на сигурност додека испробува нови работи.
Зошто е ова корисно: Давајќи му на бебето слобода под надзор, му помагате да изгради независност и самодоверба.

Игра на имитација
Давајте му на вашето бебе команди како „плескај со рачињата!“ и покажете му како се прави тоа. Ако повтори по вас, пофалете го со насмевка.
Зошто е ова корисно: Вежбањето едноставни наредби го учи вашето бебе да следи упатства.

mental health icon - abc_cubes

Активности за деца од 1 година

Криенка
Додека играте заедно, скријте играчка или друг безбеден предмет под крпа или ќебе. Охрабрете го вашето малечко да го најде и ако треба, помогнете му така што ќе го извлечете предметот и ќе кажете „еве го!“. 
Зошто е ова корисно: Со оваа игра, вашето бебе учи за постојаноста на предметите: дури и ако не се гледаат, не значи дека засекогаш ги нема!

Зборови, зборови, зборови!
Кога вашето бебе ќе покаже кон некој предмет, одговорете со именување на предметот и зборувајте за него. На пример, ако покаже на топка, кажете „Ја сакаш ли топката? Еве ја твојата топка! Ајде да играме со топката!“.
Зошто е ова корисно: Со именување на предметите што го интересираат вашето бебе, му помагате да научи нови зборови. Исто така, обрнувањето внимание на работите што ги покажува го учи дека неговите потреби се важни и му ја зацврстува самодовербата.

Водено чудо
Ставете монистра или џамлии во шише или мал сад, наполнете го со вода и добро затворете го. Дајте му го на вашето малечко да го протресе и да набљудува.
Зошто е ова корисно: Со оваа рачно направена играчка, вашето бебе го вежба видот.

A father plays with his daughter in Serbia.
UNICEF/UNI220315/Pancic

Активности за деца од 18 месеци

Другарче за одење
Поттикнете го детенцето штом ќе може, да оди со вас низ безбеден простор. Одете полека, со негово темпо.
Зошто е ова корисно: Вашето малечко ќе се чувствува посигурно вежбајќи ја својата нова вештина со вас покрај себе. Исто така, ова е одличен начин да уживате додека вежбате заедно!

Преправање
Преправајте се играјќи со играчка или друг предмет што е безбеден за бебето. На пример, нишкајте плишано мече за да го успиете или земете дрвена лажица и користете ја како микрофон.
Зошто е ова корисно: Овој вид игра го учи вашето дете да покажува емпатија и да вежба социјални вештини.

Внатре-надвор
Земете кутија, кофа или друг сад и поттикнете го детето  внатре да става играчки или други безбедни предмети, а потоа да ги вади. Додека го прави тоа, велете „внатре“, „надвор“ за да ги опишете неговите постапки.
Зошто е ова корисно: Забавувајќи се, вашето малечко ги развива фините моторни вештини со фаќање предмети, а и своите комуникациски вештини слушајќи упатства.

the playbox icon 1

Активности за деца од 2 години

Куќен помошник
Понудете му на  детето да помогне со куќни обврски што му одговараат на возраста, како што се сортирање облека или сервирање храна. Обидете се ова да го претворите во игра и дајте му до знаење дека е одличен помошник!
Зошто е ова корисно: Вклучувањето на вашето дете во активности во домаќинството му ја поттикнува самостојноста и му ја гради самодовербата, притоа ставајќи му на знаење дека е ценет член на семејството.

Надежен уметник
Правете едноставни уметнички проекти со вашето дете, како што се цртежи, слики насликани со прсти или аранжирање материјали што ќе ги најдете надвор, како на пр., суви листови или камчиња. Кога ќе заврши, изложете ги на место што е видливо за детето .
Зошто е ова корисно: Разгорувањето на фантазијата на вашето дете преку уметност ја поттикнува неговата креативност и самостојност.

Кула
Користете коцки или други безбедни предмети што се редат еден врз друг за заедно да изградите „кула“, а потоа детето нека ја сруши!
Зошто е ова корисно: Не само што вашето малечко ќе се забавува гледајќи ја својата креација како паѓа, туку ќе ги развива и своите фини моторни вештини користејќи ги двете раце заедно.