Што е анксиозност?
Анксиозноста кај децата може да се спречи и лекува.
Сосема е природно децата повремено да се чувствуваат загрижено и анксиозно, за работи како што се пријателства, зборување пред други луѓе или полагање испит. Кога таквата загриженост продолжува и го отежнува секојдневното живеење, анксиозноста станува проблем. Добрата вест е дека со правилна професионална помош и преку развој на позитивни вештини за справување, анксиозноста може да се излекува.
Што е анксиозност?
Анксиозност е чувството што ве обзема кога сте загрижени или уплашени за нешто. Тоа е природно чувство на страв или паника кај луѓето. По едно такво доживување, вообичаено се смируваме и се чувствуваме подобро.
Загриженост или страв од мал размер може да ни помогне да останеме безбедни и да се заштитиме од опасност. Меѓутоа, анксиозноста понекогаш може да не направи да се чувствуваме дека работите се полоши отколку што навистина се и чувството може да е неиздржливо. Постојаната загриженост може да доведе до пролонгирана анксиозност.
Ако анксиозноста го спречува вашето дете да ги прави работите во кои ужива или чувствува загриженост или паника во ситуација што не е стресна, важно е да добие поддршка за да му помогнете да се чувствува подобро.
Што може да предизвика анксиозност?
Тешко е точно да се одреди што може да предизвика анксиозност. Кога сме соочени со стресни ситуации, нашиот мозок ни алармира дека нешто не е во ред и дека треба да се справиме со тоа. За да се надмине тешката ситуација, нашиот мозок не прави да бидеме попретпазливи, престануваме да размислуваме за други работи, па дури и во нашите нозе се слева повеќе крв за да ни помогне да побегнеме.
Анксиозност кај деца и адолесценти
Децата може да чувствуваат анксиозност за различни работи на различна возраст. Голем број од тие грижи се природен дел од растењето.
Од возраст на околу 6 месеци до 4 години, многу е вообичаено за децата да чувствуваат анксиозност поради разделување. Тие може да станат зависни и да плачат кога се разделуваат од родителите или згрижувачите. Тоа е нормална фаза во детскиот развој што треба да заврши додека наполнат 2 или 3 години.
Исто така, за деца на предучилишна возраст, вообичаено е да развиваат специфични стравови или фобии, вклучувајќи од животни, инсекти, невреме, височина, вода, крв или темница. Таквите стравови обично постепено ќе исчезнат сами од себе.
Многу деца чувствуваат анксиозност кога одат во ново училиште или се пред испит. Некои деца се чувствуваат срамежливо во ситуации на социјализација.
Ако вашето дете не ги надрасне вообичаените стравови и загрижености, или ако тоа почне да влијае на училиштето, домот или играњето, тоа може да значи дека е потребна поддршка од стручно лице за ментално здравје.
Запомнете, само лекар или стручно лице за ментално здравје може да дијагностицира одредена состојба со менталното здравје, и затоа не се колебајте да побарате совет од здравствен работник доколку сте загрижени за вашето дете.
Знаци и симптоми на анксиозност кај деца
Симптомите на анксиозност може да бидат сложени и може дури и да се појават долго време откако некоја стресна случка завршила. Некои вообичаени знаци и симптоми се:
Физички:
- Тешкотии во дишењето, главоболки или чувство на несвестица
- Брзо срцебиење и понекогаш висок крвен притисок
- Чувство на немир, тресење или слабост во нозете
- Чувство на мачнина во стомакот – грчеви, дијареја или често одење во тоалет
- Проблеми со спиењето или намален апетит
- Сува уста, прекумерно потење или чувство на топлина.
Емоционални и ментални:
- Напор да се фокусира на нештата – недостиг на концентрација
- Чувство на паника, нервоза или напнатост
- Чувство на обземеност од чувства или чувство на преплашеност
- Чувство на немање контрола врз ситуацијата
- Чувство на умор и раздразливост
Сите луѓе различно ја доживуваат анксиозноста. Нормално е во иста ситуација да се чувствувате повеќе или помалку анксиозни од останатите луѓе.
Анксиозните деца се склони да имаат потреба од постојано разубедување од нивните родители и згрижувачи. Бидејќи децата може да бидат молчаливи и да сакаат да ги задоволат другите, така може лесно да пропуштите да ја разберете нивната состојба. Бидете претпазливи на знаците на анксиозност за да можете да побарате помош и грижа за вашето дете колку што можете порано, ако е неопходно.
Начини да му помогнете на детето да се справи
Ако вашето дете се чувствува анксиозно, првата работа што можете да ја направите е да го потсетите дека тоа чувство ќе помине. Тоа ќе помогне детето да се успокои и да не се чувствува толку анксиозно. Постојат начини на коишто можете да му помогнете на детето да се справи и да бидете подготвени за тоа.
- Заедно истражувајте ги чувствата: Побарајте од вашето детето да ги набљудува своите чувства на анксиозност и да ви каже што се случува кога се чувствува анксиозно, како се чувствува, колку време трае таквото чувство и што може да биде причината за таквото чувство на анксиозност. Колку подобро го разбере чувството и се почувствува безбедно, толку полесно ќе може да се справи со тоа чувство.
- Пренасочете го фокусот: Бидејќи не може да ги контролира своите чувства, анксиозното дете честопати ќе си поставува прашања на коишто не може да си одговори, како што се „зошто се случува ова” или „зошто јас?” Поставувајќи прашање како што е „Што сакаш да јадеш за вечера?” може да му помогнете да се почувствува зајакнато и да се фокусира на сегашниот момент.
- Поддржувајте ги здравите навики: Добриот сон и исхрана може позитивно да влијаат на чувствата на анксиозност, бидејќи често се чувствуваме исцрпено по подолги периоди на анксиозност. Експертите препорачуваат дека деца на возраст од 6-12 години треба да спијат од 9 до дванаесет часови навечер. На тинејџерите им се потребни осум до 10 часа спиење навечер. За да го заштитите времето за спиење, ограничете го времето поминато пред екраните навечер и избегнувајте да чувате дигитални уреди во спалната соба.
- Помогнете им да ги користат сетилата: Нашите сетила се можни алатки за справување со чувства на паника, анксиозност и стрес. Еден лесен начин да го охрабрите вашето дете да ги користи сетилата е следниот:
Кажете му на детето да седне во удобна положба и полека да вдишува и издишува. Сега побарајте да каже неколку работи што не му предизвикуваат стрес: 4 работи што може да ги види, 3 работи што може да ги слушне, 2 работи што може да ги помириса и 1 работа што може да ја вкуси. - Практикувајте дишење со фокус на стомакот: Честопати кога сме анксиозни, дишењето станува плитко и само во горниот дел на градниот кош, и забораваме да дишеме длабоко од стомакот. Стомачното дишење може многу да не смири и помага да го впишеме кислородот длабоко во белите дробови. Еден лесен процес од 3 чекори е следниот:
- Поставете ја дланката на стомакот
- Вдишете 5 пати, вдишете во траење од 5 секунди и издишете во траење од 5 секунди, вдишете преку носот и издишете преку устата
- Објаснувајте му на вашето дете додека вдишува дека стомачето благо се дува како балон, и додека полека издишува дека тоа е исто како кога се издишува балонот.
Кога да се побара професионална помош
Ако анксиозноста влијае на секојдневното живеење на вашето дете, огромна разлика може да се постигне преку работа со стручно лице. Вашиот здравствен работник може да ве упати кај стручно лице за ментално здравје за да направи проценка и да даде совет какво лекување е правилно за вашето дете. Ако биде понудено советување или терапија преку разговор со вашето дете, детето ќе разговара со обучено стручно лице за ментално здравје зошто се чувствува така и на кои начини може да се справи со тоа.
Важно е вие како родител да знаете дека чувството на анксиозност кај вашето дете не е одраз на вашето родителство и дека вашето дете не реагира со анксиозност намерно или за да побара внимание. Тоа може да биде стресна и сериозна ситуација, но, со вашето внимание, љубов и грижа, анксиозноста може да се реши и надмине.