Да не дозволиме насилството да биде секојдневна лекција

Обраќање на претставникот на УНИЦЕФ, г. Бенџамин Перкс

23 Октомври 2018
Photo of Benjamin Perks, UNICEF Representative
UNICEF/2017/Georgiev

Главен предизвик за земјата во наредниот период е да поттикне развој на образовниот систем во чекор со балканските и европските соседи. Ова претставува и клуч за економската конкурентност и долгорочниот социјално-демократски развој на општеството. 

Но, не можеме да го подобриме успехот во учењето, ако нашите деца не се чувствуваат безбедно и сигурно на училиште. Денес УНИЦЕФ објави извештај и започна глобална кампања против насилството и малтретирањето во училиштата, со цел кон овој проблем да го привлече вниманието на креаторите на политики и на заедниците. 

Во извештајот се дадени убедливи докази за потребата да се преиспита како насилното однесување се контролира во образовниот систем и во заедницата како целина. Ниедно дете не треба да се плаши да оди на училиште. Сепак, за многу голем број ученици од светот училиштето не е безбедно место. Половина од учениците во светот на возраст од 13 до 15 години, околу 150 милиони, пријавиле дека доживеале насилство од врсниците - малтретирање и физички пресметки во и околу училиштето. Во земјава, 42% од учениците на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство во и околу училиштето.

За жал, кога ќе видиме насилство на училиште, тоа често е резултат на насилство или запоставеност дома, во семејството. Од истражувањата сега знаеме дека семејното насилство има силно негативно влијание врз развојот на самодовербата и делотворноста на умот на детето. Насилството предизвикува токсичен, постојан стрес кој прекумерно ги активира деловите од мозокот што предизвикуваат импулсивност и насилство, а ги деактивира деловите одговорни за самоконтрола, фокус во учењето, претпазливост и интегритет. Децата кои трпат семејно насилство и негрижа се исклучително подложни на ризикот да станат сторители или жртви на насилство при турбулентниот и ризичен премин во адолесценцијата. Понекогаш, одлуките што детето ќе ги донесе во адолесценцијата имаат влијание врз целиот негов живот.

Семејното насилство не е маргинален проблем. Според Светската здравствена организација 30% од децата во земјава се изложени на запоставеност, а податоците на УНИЦЕФ велат дека 52% трпат физичко насилство во домот. Стапките низ светот се слични. Но, образовните системи не треба да го спречуваат насилството само во училиште. Тие треба да се обидат да го намалат и ефектот од насилството дома и на тој начин да им обезбедат напредок на сите деца. Три клучни мерки се потребни за намалување на насилството во училиштата.

Прво, важно е да се создаде училишна средина во која секој ќе се чувствува безбедно, сигурно и ќе има чувство на припадност. Припадноста е особено важна за ублажување на долгорочните доживотни последици од запоставеноста на детето дома. Училиштата треба да бидат места каде интегритетот и човечноста на секое дете и наставник бескомпромисно ќе се почитуваат и каде за ова ќе постојат мерки, обука и следење.

Второ, училиштата треба да бидат информирани за ефектите од траумата. Треба да  прифатат дека семејното насилство е насекаде и дека образованието треба да се спроведува на начин со кој ќе се ублажи и ќе се намали хаотичното влијание од семејното насилство врз развојот на мозокот на детето, при што ќе му се помогне да се концентрира на учењето.

Трето, училиштата треба да го унапредат развојот на карактерот и вредностите преку редовната настава и да им помогнат да се снајдат со ризиците и да развијат атрибути со кои ќе се гордеат нивните семејства, заедници и земји.

Ова треба да се дополни со подигање на свеста кај родителите и наставниците за тоа како социјалните медиуми влијаат на зголемување на малтретирањето и насилството, како и за стратегии на одговор.

Насилството во училиштата може да се спречи. И бидејќи може да се спречи, ние мора да го направиме тоа. Училница по училница, училиште по училиште, ние можеме да ставиме #КРАЈнанасилството во училиштата. Учениците од целиот свет истапуваат за да побараат безбедност и образование што ги заслужуваат. Време е да тргнеме по нив. Треба да им се придружиме.

 

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.