Следење на детските права
Секое дете се брои. Податоците ни помагаат да се осигураме дека ниту едно дете не е изоставено.
Податоците се многу повеќе од бројки - тие се основата за разбирање на животот на децата, откривање кои деца се изоставени и осигурување дека правата на секое дете се почитуваат, заштитуваат и исполнуваат.
Во Северна Македонија, напредокот за децата е очигледен. Меѓутоа, без цврсти системи за следење и откривање на преостанатите недостатоци, многу деца се во ризик да останат невидливи.
Предизвикот
Кога децата се изоставени - поради местото каде што живеат, поради тоа кои се или поради околностите во кои се родени - последиците може да траат цел живот.
За да се реагира ефикасно и согласно потребите на децата, политиките мора да се темелат на докази. Сепак, и покрај подобрувањата, податоците за децата во Северна Македонија остануваат фрагментирани, нецелосни и честопати недоволно искористени при носењето одлуки.
Важни информации постојат во сите сектори - образование, здравство, социјална заштита и правосудство - но не се доследно поврзани, достапни, ниту, пак, се користат при креирањето политики и носењето одлуки за инвестиции. Ова може да доведе до одлуки во кои не се земаат предвид реалните потреби на децата и ресурси што не стигнуваат до оние на кои им се најпотребни.
Некои од најранливите деца остануваат најневидливи. Недоволните податоци - особено за децата со попреченост, децата-Роми и оние што живеат во сиромаштија - го ограничуваат разбирањето на нивните потреби и ја намалуваат ефикасноста на одговорот од институциите.
Кога проблемите не се мерат, тие остануваат незабележани - а децата кои не се видливи во податоците,имаат ризик да бидат исклучени од политиките, услугите и системите за заштита.
Во исто време, растечката сложеност на животот на децата денес - од дигиталните ризици до еколошките предизвици - налага посилни и подобро интегрирани системи за податоциво согласност со новата реалност, кои истовремено ќе бидат извор на информации за навремени одговори од институциите.
Без посилни системи за следење, станува тешко: да се следи напредокот; да се идентификуваат нееднаквостите и да се повикаат системите на одговорност за постигнување резултати за децата.
Во овој контекст, подобрувањето на начинот на кој се генерираат, споделуваат и користат податоците повеќе не е опционално - туку е од суштинско значење.
Решението
Зајакнување на мониторингот на детските права значи градење системи во кои секое дете е видливо и во кои одлуките се засновани на докази.
УНИЦЕФ соработува со партнерите за да поддржи силни и интегрирани системи за податоци прилагодени на потребите на децата, кои водат кон подобри политики, подобри инвестиции и подобри резултати за децата.
Ова започнува со подобрување на достапноста и квалитетот на податоците, во што спаѓа зајакнување на националните статистички системи, проширување на употребата на административни податоци и обезбедување информациите да бидат веродостојни, споредливи и ажурирани.
Подеднакво важно е податоците да бидат посеопфатни. Со подобрарасчленетост на податоците - според возраст, пол, место, попреченост и социо-економски статус - системите може подобро да ги идентификуваат нееднаквостите и да обезбедат најранливите деца да не бидат занемарени.
Исто така, УНИЦЕФ поддржува поцврста координација меѓу институциите. Собирањето податоци од различни сектори помага да се изгради поцелосна слика за животот на децата и овозможува покоординирани одговори.
Истовремено, постои силен фокус врз употребата – не само врз изработката – на податоци. Со зајакнување на капацитетот на институциите за анализа, толкување и примена на податоци, се води сметка доказите да дадат информации кои ќе се користат при носење на одлуки за политики, програми и буџети.
Системите за следење, исто така, се усогласени со глобалните рамки, вклучувајќи ги Целите за одржлив развој (ЦОР) и Конвенцијата за правата на детето, со што се обезбедува напредокот за децата да се следи доследно и транспарентно.
Конечно, УНИЦЕФ поддржува поголема достапност на податоците - преку публикации и јавни дигитални платформи - за креаторите на политики, партнерите и заедниците да ги земат предвид доказите и да ги искористат за покренување промени.
Секое дете да се брои
Кога системите за податоци функционираат, децата стануваат видливи.
Нивните потреби се разбрани. Нивните права се признати. А системите се одговорни да ги исполнат.
Со зајакнување на следењето на детските права, Северна Македонија може да го обезбеди следново: ниедно дете да не остане невидливо, нееднаквостите да се идентификуваат и да се третираат, а напредокот за децата да биде мерлив и одржлив.
Затоа што она што се мери може да се промени, и секое дете има право да биде видливо.