Општествени норми
Менување на ставовите за да се остварат детските права
Секое дете има право да биде вклучено, почитувано и да добие еднакви можности.
Но, дури и кога постојат услуги, не секое дете ги користи поради стигма, дискриминација и штетни општествени норми коишто стојат на патот.
Промената на системите е неопходна, но токму промената на ставовите, однесувањето и општествените норми е она што овозможува тие системи да функционираат за секое дете.
Предизвикот
Во Северна Македонија, многу деца и натаму се соочуваат со бариери кои не се напишани во закони или политики, туку произлегуваат од уверувања, ставови и општествени норми.
Стигмата и стереотипите сè уште ги спречуваат децата да добијат пристап до услугите и можностите што им се потребни.
На пример, децата-Роми често се соочуваат со исклучување и дискриминација, со што се ограничува нивниот пристап до образование, здравствена и социјална заштита. Кај нив, веројатноста да живеат во сиромаштија е поголема, а да имаат пристап до основни услуги помала, не само поради економските бариери, туку и поради долгорочната социјална исклученост.
И децата со попреченост се соочуваат со невидливи бариери. Заблудите за попреченоста, ниските очекувања и општествената стигма може да спречат тие да се вклучат во образованието, животот на заедницата и во одлучувањето.
Родовите норми и натаму ги обликуваат можностите како за машките, така и за девојчињата. Очекувањата поврзани со родовите улоги, однесувањето и животните избори може да го ограничат нивното учеството во образованието и подоцна на лидерски позиции, а во некои случаи ги изложуваат децата на поголем ризик од насилство и други штетни искуства.
Овие бариери често се длабоко вкоренети во општествените ставови, во она што се смета за „нормално“, прифатено и што се очекува.
Истовремено, самото подобрување на услугите не е доволно. Дури и кога услугите се достапни, семејствата може да не ги користат доколку немаат доверба, информации или сигурност.
Без решавање на овие бихевиорални и општествени фактрои, нееднаквоста и натаму опстојува, а најранливите деца остануваат исклучени.
Решението
Унапредувањето на детските права налага да се направи повеќе од политики и услуги. Потребно е менување на општествените норми и однесувања што ги обликуваат секојдневните одлуки и можности.
УНИЦЕФ соработува со партнерите за да поттикне општествени и промени во однесувањето, помагајќи им на заедниците, системите и на институциите да станат поинклузивни, со поддршка и одговорност кон секое дете.
Општествената промена и промената во однесувањето не значат само подигање на свеста. Тие се засноваат на разбирање зошто луѓето се однесуваат така како што се однесуваат и осврт кон индивидуалните, социјалните и структурните фактори што го обликуваат тоа однесување.
Ова започнува со слушање. УНИЦЕФ работи со заедниците за да ги сфати нивните уверувања, пречки и мотиви, со цел решенијата да бидат втемелени во реални искуства и контекст.
Исто така, тоа значи вклучување на децата и заедниците како партнери во промените. Преку дијалог, учество и јакнење на нивните капацитети, заедниците можат да ги преиспитаат штетните норми и да промовираат позитивно однесување со кое се поддржува детската благосостојба.
Комуникацијата игра клучна улога преку кампањи, приказни и соработка со медиумите со цел промена на перцепциите, преиспитување на стереотипите и промовирање инклузија. Но, комуникацијата е само еден дел од поширок пристап кој вклучува и ангажирање на заедницата и социјална мобилизација, сознанија и докази за однесувањето, и зајакнување на системите за да бидат поодговорни и поинклузивни.
Голем фокус се става врз инклузијата, при што децата кои најчесто се исклучени се во центарот на напорите за промена.
Ова подразбира намалување на стигмата околу попреченоста и промовирање на инклузијата; спротивставување на дискриминацијата врз децата-Роми и поддршка на нивниот еднаков пристап до услугите; осврт кон штетните прехранбени системи што придонесуваат за прекумерна тежина и дебелина кај децата преку промовирање поздрави средини и однесувања; справување со насилството на интернет и онлајн-штетите преку јакнење на децата и заедниците да создадат побезбеден дигитален простор; поддршка на родителите со знаења и вештини на грижа преку иновативни платформи; и промовирање на родовата еднаквост, овозможувајќи им на секое девојче и момче целосно да учествуваат и да го достигнат својот полн потенцијал.
Преку решавање на основните причини за исклучување и штетни практики, општествените и промените во однесувањето го потпомагаат функционирањето на системите што се осмислени да го поддржат секое дете.
Менување на нормите. Менување на животот.
Кога ставовите се менуваат, се отвораат можности.
Децата се вклучени и напредуваат во училниците, заедниците и услугите. Семејствата се поддржани за носење позитивни одлуки. Системите стануваат поодговорни и поправедни.
Промената во општеството и однесувањето ги чини невидливите бариери видливи и помага во нивното отстранување.
Затоа што реалната промена се случува кога: инклузијата и грижливоста стануваат норма, различноста се цени, а секое дете е видено, слушнато и поддржано.
И кога тоа ќе се случи, секое дете има фер шанса да напредува.