Образование за развој на основни вештини

Секое дете има право да учи и да успее

Two children playing
UNICEF North Macedonia / 2022

Образованието е еден од најмоќните двигатели - ја обликува иднината на децата, ги јакне заедниците и го движи економскиот раст. Но, во Северна Македонија, одењето на училиште не секогаш значи и учење.

Предизвикот

Северна Македонија се соочува со образовна криза - криза што ги попречува децата и ја ограничува иднината на земјата.

Неодамнешните меѓународни податоци покажуваат дека премногу деца завршуваат училиште без основните вештини. Според резултатите од ПИСА (PISA) 2022, три четвртини од учениците на 15-годишна возраст имаат проблеми со читањето, додека две третини имаат резултати под основното ниво во математика и природни науки.

Ова не се само статистички податоци. Тие претставуваат изгубени можности - за децата, за семејствата и за земјата како целина.

Корените на предизвикот се појавуваат рано. Многу деца не ја добиваат цврстата основа што им е потребна за понатамошен развој и учење. Само околу 46% од децата на возраст од 3 до 5 години се вклучени во предучилишно образование, а опфатот е далеку помал за децата-Роми и деца од други ранливи групи.

Од најмали нозе, нееднаквоста го обликува учењето. Децата од посиромашните домаќинства, руралните средини, децата од ромските заедници и децата со попреченост имаат помалку шансиза пристап до квалитетно рано образование, а со тоа и поголем ризик да се соочат со тешкотии подоцна на училиште.

Како што децата се движат низ образовниот систем, ваквиот јаз се продлабочува. Нееднаквата распределбана наставници и ресурси, како и застарените пристапи во наставата и учењето, придонесуваат за слабирезултати. Учениците минуваат помалку време во учење во споредба со нивните врсници од други земји, а на наставниците честопати им недостига поддршка, обука и помагала потребни за современо, инклузивно образование.

Резултатот е систем во кој голем број деца заостануваат, нееднаквостите се продлабочуваат, а наученото не се претвора во вештини потребни за реалниот свет.

Без суштински реформи, образовниот систем ризикува дополнително продлабочување на нееднаквостите и ограничување на човечкиот капитал и идниот раст на земјата.

Решението

Подобрувањето на резултатите во образованието бара повеќе од постепени промени. Потребна е системска реформа со фокус врз квалитет, ефикасност, еднаквост, безбедност и инклузија.

УНИЦЕФ соработува со Владата и партнерите со цел трансформација на образованието, за секое дете да може да учи, да се развива и да успее.

Ова започнува со зајакнување на темелите. Проширување на пристапот до квалитетно образование во раното детство овозможува сите деца - особено најранливите - да тргнат на училиште подготвени за учење.

Исто така, тоа значи подобрување на начинот на кој е организиран системот. Оптимизацијата на училишната мрежа, порамноправното финансирање и подоброто користење на човечките ресурси придонесуваат за тоа секое дете, каде и да живее, да има пристап до квалитетно образование.

Истовремено се става акцент врз она што се случува в училница. Современите наставни програми, поквалитетната подготовка и професионалниот развој на наставниците, како и подобра средина за учење, се пресудни за подобрување на резултатите од учењето, градејќи основни и преносливи вештини и на тој начин, правејќи го образованието релевантно за денешниот свет.

Учењето се случува само кога децата се чувствуваат безбедно, поддржано и вклучено. Јакнење на напорите за спречување врничко насилство и дискриминација во училиштата, додека истовремено се работи на унапредување на позитивната училишна клима и ученичка благосостојба, помага да се создаде средина во која секое дете може да учи и да напредува. Освен тоа, со зајакнување на системот за поддршка на децата со попреченост, децата-Роми и другите маргинализирани групи се овозможува образовните системи никого да не изостават, туку активно да работат на намалување на јазот.

Со појавата на нови предизвици, системот мора да еволуира. Инвестициите во климатски отпорна и безбедна училишна инфраструктура, заедно со дигиталното учење и иновациите, обезбедуваат образованието да остане достапно и непрекинато, дури и во време на криза.

Сето ова мора да се темели на докази. Подобрите податоци, поцврстиот мониторинг и континуираното учење може да осигурат политиките да бидат информирани, насочени и ефикасни.

Подобра иднина преку образование

Кога образованието функционира, се менува сè.

Децата се оспособуваат со основни, преносливи и животни вештини за успех, се отвораат патишта кон вработување, се намалува нееднаквоста и се зајакнува општеството во целост.

Но, ова се случува само кога секое дете има пристап до квалитетно, инклузивно образование.

Со трансформирање на системот во насока на учење, еднаквост и инклузија, Северна Македонија ќе обезбеди секое дете не само да оди на училиште, туку и да го завршисо знаење, вештини и самодоверба што ќе му помогнат да ја обликува својата иднина.

Затоа што секое дете има право на квалитетно образование што ќе му овозможи да учи и да успее.