Како да почнете разговор за менталното здравје: 11–13 години
Физички промени, изглед и пријателства – во овој период на предизвици потребно е справување со многу работи.
Кога вашето дете ќе влезе во пубертет, тогаш ќе може подобро да ги искаже своите чувства и да има посилно чувство за тоа што е исправно и погрешно.
Сега може да прави свој избор за пријателите, спортот и училиштето. Од оваа независност произлегува и поголемиот фокус на својата личност, интереси и пријатели.
Кај детето се случуваат и многу физички промени, како што е на пример почеток на циклусот кај девојчињата и подлабок глас кај момчињата. За некои деца овие промени може да бидат загрижувачки или заплашувачки.
Време на промени
Брзите физички промени во комбинација со загриженоста за изгледот и важноста на пријателствата може да влијаат на менталната и емоционалната добросостојба на детето. Тоа може да биде период на големи предизвици за децата бидејќи тие минуваат низ оваа важна фаза од развојот. Кога знаат дека можат да зборуваат со вас за нивните грижи или проблеми, тоа за нив прави огромна разлика.
Децата на оваа возраст може
- Да имаат променливо расположение – постојани промени од лошо кон добро расположение.
- Да се чувствуваат преоптоварени со училишната работа.
- Да имаат проблеми/грижи во врска со јадењето.
- Да се чувствуваат тажно или анксиозно што може да ја намали самодовербата, самопочитта и други проблеми зависно од детето.
Како да започнете разговор
- Одвојте време и простор за да започнете разговор без притисоци или очекувања.
- Размислете тоа да биде време додека ги вршите домашните работи, готвите или патувате заедно.
- Оставете разговорот да тече природно – разговарајте наместо да го „испрашувате’.
- Бидете сензитивни на неговото расположение – одберете друго време ако на детето не му е добар денот или е зафатено.
Отворена, искрена и директна комуникација
Ако забележите промени во расположението или однесувањето на детето, љубезно посочете дека сте забележале и прашајте дали би сакало да зборува за тоа. На пример:
- Се чини дека не се дружи со пријателите како претходно – дали се скарале?
- Послаби оценки на училиште – дали има проблем со некој конкретен предмет?
Се чини како да станува понерасположено, потажно или помолчаливо – дали има нешто за коешто размислува?
Што треба да правите
Слушајте: Активно слушајте што кажува без да дозволите вашите мисли и осудување да го водат разговорот. Почитувајте го и охрабрувајте го мислењето на вашето дете.
Прифатете: Уверете го дека му ги разбирате мислите и чувствата, охрабрете го да се отвори пред вас и уверете го дека сте тука за него. Потсетете го дека и вие некогаш сте биле на таа возраст и се сеќавате дека сте ги имале истите чувства.
Понудете решенија: Прашајте дали размислувало за нештата што може треба да се сменат – „Што мислиш дека треба да се направи?” Ако детето не размислувало за тоа, понудете се да го слушнете и дискутирате за тоа заедно. Дајте му поддршка за сѐ што е потребно за да се чувствува подобро.
Што не треба да правите
- Не кажувајте му што треба да прави. Наместо тоа, прашајте како можете да помогнете.
- Не потценувајте ги неговите чувства. Запомнете, на детето му е тешко да се отвори и да зборува за чувства што можеби го збунуваат.
- Не расправајте се. Следете ги вашите мисли и чувства и внимавајте да не дојде до конфликт. Доколку дојде до конфликит и караници, обидете се поскоро да ги разрешите, извинете се и почнете од почеток.
- Не обвинувајте ги другите. Кога на пример ќе кажете „Тоа е грешка на твоето училиште!”, проблемот се префрла надвор, но не се решава.
- Не споредувајте. Избегнувајте да кажувате работи како „Другите деца немаат вакви проблеми.”
Запомнете: Трпението и доследноста се клучни
- На оваа возраст, вашето дете може да ви покажува помалку љубов и понекогаш да се чини дека е неучтиво или избувливо.
- Како што ќе станува понезависно и сака да има поголема контрола, шансите се дека на моменти ќе се соочите со отпор од негова страна. Овие разговори се нови за детето и може понекогаш да му бидат непријатни.
Запомнете, може ќе биде потребно време, но обидете се секогаш да му дадете на знаење на детето дека го сакате и дека мислите само на неговата добросостојба.