Инклузивното образование е право, а не среќа

Разговаравме со Христина, мајка на дете со аутизам за нејзиното искуство со инклузивното образование

A mother of a child with disabilities sits in her daughters classroom
UNICEF North Macedonia / Klincharov / 2024

Христина е мајка на дете со аутизам, кое во моментов посетува модифицирана образовна програма во редовно основно училиште. Таа зборува за своето искуство со функционалната проценка, ресурсните центри и поддршката при учењето, нагласувајќи го влијанието од соработката меѓу родителите и наставниците и прилагодувањата во училницата кои во голема мера му помогнале на детето да учи и да се изразува. Христина е свесна дека треба да се направи многу повеќе, но го поздравува напредокот воведен со Законот за основно образование од 2019 година. Таа споделува вредни согледувања за предизвиците и успесите на инклузивното образование од перспектива на родител. Погледнете го видеото  за да дознаете повеќе.

Embedded video follows
UNICEF North Macedonia / Klincharov / 2024

Одлучувачки фактор за промени: Законот за основно образование

Мислам дека Законот за инклузија е добра почетна точка за многу промени, подигање на свеста и иницирање напредок. Така, децата ќе може да функционираат и да имаат квалитетно образование. И да станат граѓани како сите други, со исти права.

Прифаќање наспроти еднакви можности

Па ние како родители, за децата секогаш ќе си го имаме стравот, нели? А што после? Јас знам дека повеќето се со таа мисла. Меѓутоа јас ги охрабрувам, системот, каков и да е, да не ги обесхрабрува. Ги повикувам да не си го потиснуваат родителскиот инстинкт. Не треба да бараат секогаш да бидат прифатени; треба да знаат дека се како и сите други и дека ги имаат истите права. Моето дете треба да има квалитетно образование како и секое друго дете.

Ценета поддршка – образовни асистенти

Седум години имаше кога доби асистент и еве со неа е веќе четири години. Секоја година од нас бараат да дадеме мислење за работата на асистентката и дали би сакале таа да продолжи да работи со нашето дете. Со повторната проценка според Меѓународната класификација на функционалности (МКФ) се дава конечно мислење за тоа дали сè уште има потреба од асистент или не.

 

Проценка на бариерите и насочување кон способностите

Добро е што се отвори Центарот за функционална проценка. МКФ е добро затоа што таму сè се решава. На пример, дали детето има потреба од асистент, дополнителни часови во училиштето со друг специјален едукатор, дефектолог или логопед; дали детето има потреба од визуелна поддршка, асистивна технологија. Значи, ги гледаат потребите на детето за да може да добие квалитетно образование и да може да напредува.

 

Ресурсни центри: мост меѓу училиштата и специјалното образование

Со Законот за инклузија, посебните училишта сега станаа ресурсни центри. Ресурсниот центар ги насочува образовните асистенти. Секој образовен асистент има ментор. Исто така, ресурсните центри ги поддржуваат асистентите со материјали, дидактички вежби и со совети за тоа како да се снајдат во разни ситуации.

Моќта на соработката родител-наставник

Соработката родител-наставник мора да постои за детето да може да оди напред. Моето дете сега е четврто одделение и веќе има подобра рутина. Говорот ѝ е малку подобро развиен. Имаме потреба и од асистивна технологија затоа што таа е невербална и многу ни помогна што опремата беше обезбедена во училиштето. Училницата е целосно опремена со визуелни прикази за да може полесно да функционира.

 

Инвестиција во инклузијата, инвестиција во ресурсите

За инклузијата да биде функционална во пракса, мора да се инвестира во училиштата, почнувајќи од образовните асистенти, апаратурата, условите во училиштата, просториите. Од знаење, од обуки, од наставни материјали.

Права, а не среќа

Секогаш се смеам затоа што кога разговараме со некои други родители кои се во иста ситуација како мене, тие постојано велат: „Еј, вие сте имале среќа“. И мене ми е тоа толку горко-слатко, оти не треба да го гледаме како среќа. Само мене ми се погодило? Ми паднало на лото? Не. Јас го гледам тоа како право. И ти го имаш истото право. И ти треба да ги имаш истите работи ако му требаат на твоето дете.

 


 

Правото на образование е основно човеково право и му се гарантира на секое дете преку низа правно обврзувачки меѓународни инструменти, вклучувајќи ги Конвенцијата за правата на детето (КПД) и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (КППР). Правото на инклузивно образование важи за секое дете, каде што спаѓаат и децата со попреченост. Инклузивниот образовен систем им излегува во пресрет на сите ученици без оглед на нивните способности или потреби, на сите нивоа – предучилишно, основно, средно, високо, стручно и доживотно образование. Тоа значи дека децата учат заедно во исти училници и во исти училишта. Инклузивните системи го ценат уникатниот придонес што учениците од секое потекло го внесуваат в училница и им овозможуваат на различните групи да растат заедно, за доброто на сите.