Грижа за здрав развој

Секое дете заслужува најдобар можен почеток во животот

Two parents hold a newborn baby.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025

Најраните години од животот се најпресудни.

Од бременоста до раното детство, мозокот на детето се развива побрзо од кога било. Овие рани искуства ги обликуваат здравјето, учењето и благосостојбата за цел живот.

Во Северна Македонија, многу деца опстануваат, но не сите напредуваат.

Предизвикот

Северна Македонија постигна значаен напредок во подобрување на преживувањето и здравствениот исход кај децата.

Но, се појавуваат нови и сложени ризици, а премногу деца сè уште не ја добиваат поддршката што им е потребна во најраните и најкритични години од животот.

Темелите за здрав развој не се подеднакво цврсти кај сите деца. Оние родени во ранливи семејства – каде што спаѓаат децата кои живеат во сиромаштија, децата-Роми, децата со попреченост и оние соочени со повеќекратна лишеност – имаат помали изгледи за користење на услугите за рана поддршка. Децата со доцнење во развојот или со попреченост често се откриваат предоцна, со што се намалува можноста за рана интервенција и поддршка во годините кога тоа има најголем ефект.

И натаму постојат критични недостатоци во основното здравство и исхраната. Покриеноста со имунизација сè уште не е доволно висока за целосно да ги заштити децата, при што само 84,7% од децата ја примаат втората доза од вакцината против мали сипаници (MMR2), а 85,8% ја примаат третата доза од вакцината ДиТеПер (DTP), со што некои доенчиња остануваат во ризик од болести што може да се спречат.

Притисоците врз животната средина растат. Загадувањето на воздухот претставува значителна закана по здравјето на децата, придонесувајќи за респираторни заболувања и предвремена смртност. Сепак, само 59,7% од децата се целосно имунизирани против пневмококна болест. Широко распространетата употреба на тутун дополнително ги влошува овие ризици: 47% од возрасните пушат, зголемувајќи ја изложеноста на децата на пасивно пушење дома и на јавни места. Како главен загадувач во затворен простор, тутунскиот чад го зголемува ризикот од респираторни инфекции, астма и долгорочни здравствени компликации, усложнувајќи ги ефектите од загадувањето на амбиентален воздух.

Во исто време, предизвиците со исхраната се менуваат. Околу 30% од децата живеат со прекумерна тежина или дебелина, додека стапките на исклучиво доење остануваат ниски, само 28%, што го засега здравиот раст и развој од самиот почеток.

Пристапот до услугите останува нееднаков. Околу 20.000 деца немаат здравствено осигурување, а децата од ранливите групи - особено децата-Роми - се соочуваат со дополнителни пречки поради административни предизвици како што е недостигот на лични документи.

Овие предизвици дополнително се продлабочуваат поради слабостите во системот за рана поддршка. Услугите честопати се фрагментирани, а семејствата не секогаш добиваат координирана и интегрирана поддршка за здравјето, исхраната, раното учење, одговорната грижа и позитивното родителство. Многу родители и старатели, особено оние што се соочуваат со неповолни животни околности, немаат пристап до информациите и поддршката што им се потребни за да го поттикнат здравиот развој и благосостојбата на своите деца.

Од суштинска важност е тоа што сè уште не постои целосно воспоставен систем за континуирано следење на детскиот развој во почетните години. Без рано откривање, ризиците и доцнењата може да останат незабележани, пропуштајќи можност да се постапи кога е најнеопходно.

Резултатот е тоа што премногу деца го започнуваат животот обесправени, а таквите почетни разлики може да пораснат со текот на времето.

Решението

Да му се пружи на секое дете најдобар почеток во животот значи фокусот да се пренасочи од реагирање на проблемите кон нивно рано препознавање и спречување, како и навремена поддршка на семејствата уште од самиот почеток.

УНИЦЕФ работи со партнерите на зајакнување на системите што обезбедуваат рана, интегрирана поддршка за децата и нивните старатели, прво давајќи им предност на најранливите – во кои спаѓаат децата со попреченост, децата во ризик од доцнење со развојот, децата-Роми и децата што живеат во сиромаштија.

Клучен дел од овој пристап е проширување на улогата на патронажните сестри. Преку директен контакт со семејствата - особено оние со ранливи новороденчиња - овие служби даваат сигурна, практична поддршка таму каде што е најважна: во домот.

Ваквата поддршка оди подалеку од основната здравствена заштита. Семејствата добиваат насоки за детскиот развој, исхраната, менталното здравје, одговорната грижа, позитивното родителство и заштитата од еколошки ризици како што е загадувањето. Службите за домашна посета им помагаат на родителите да изградат самодоверба и вештини потребни за поддршка на учењето, развојот и емоционалната благосостојба на своите деца уште од најраните денови од животот.

Истовремено, напорите се фокусираат врз воведување универзално следење на развојот кај децата на возраст од 0 до 6 години, со што се обезбедува следење на развојот на секое дете и рано откривање на доцнењата, кога интервенциите имаат најголем ефект. Раната идентификација им овозможува на децата и семејствата пристап до навремена поддршка и услуги, подобрувајќи ги можностите за вклучување, учење и благосостојба.

Интеграцијата е од централно значење за оваа работа. Службите за здравство, исхрана, ран детски развој и социјалните служби се поттикнуваат на соработка, обезбедувајќи координирана, сеопфатна поддршка по мерка на потребите на секое дете и семејство.

Со рано инвестирање и рано дејствување, системите може да спречат долгорочни предизвици, да ја намалат нееднаквоста и да го поддржат секое дете да го достигне својот целосен потенцијал.

Здрав почеток за подобра иднина

Кога децата добиваат вистинска поддршка во најраните години, влијанието трае цел живот.

Тие се поздрави. Учат подобро. Поголема е веројатноста дека ќе напредуваат в училиште, во своите заедници и во животот.

Со зајакнување на системите за грижа и поддршка во раното детство, Северна Македонија може да овозможи: секое дете да добие најдобар можен почеток, секој родител и старател да ја има поддршката што му треба при грижата и ниедно дете да не биде изоставено.

Затоа што првите години се најважни и секое дете заслужува силен почеток.