Адолесцентите и младите
Да ги оспособиме младите да напредуваат во утрешниот свет

- English
- Македонски
Предизвик
Адолесцентите претставуваат околу дванаесет отсто од приближно двата милиони жители во земјата. Тоа се околу 247.000 млади луѓе на возраст од 10 до 19 години. Кога ќе ги земете предвид и младите под 24-годишна возраст, ќе сфатите дека се работи за огромен потенцијал и креативна енергија. Ако имаат пристап до образование, ако ги градат своите вештини и ако се оспособат, овие момчиња и девојчиња можат да го преобразат економскиот раст и развојот на општеството.
Но, во глобалната економија која се менува со голема брзина се бараат вештини кои се сѐ поспецијализирани и полесно преносливи, па образовните системи тешко држат чекор со толку брзите промени. Поради технолошкиот развој се појавија нови предизвици, но и можности за адолесцентите и младите, преку образовниот систем, да се подготват за пазарот на труд и за животот.
Веќе не е доволно само да им се помогне да го завршат образовниот процес. Како што растат, на девојчињата и момчињата на адолесцентна возраст им е потребно образование со содржајни образовни цели, како и цели, вредности и искуства од пошироки размери, за да го усвојат менталитетот на развој и да се стекнат со вештини за соработка, како и вештини со кои полесно ќе се вработат и ќе бидат подобри граѓани.
Ако адолесцентите и младите не се обучат како што треба и не се стекнат со потребните вештини, тешко ќе успеат да се прилагодат на променливите услови на работните места утре.
Бидејќи државата е петта во светот во однос на невработеност кај младите лица (47,2%) – што претставува повеќе од двојно од стапката на вкупната невработеност (22,3%) - Северна Македонија веќе трпи страшна загуба на потенцијал и креативна енергија. Згора на тоа, според неодамнешните истражувања, постои висока стапка на несоодветна вработеност (57,1%) - со други зборови, многу млади луѓе кои се доволно среќни што имаат работа, работат помалку часови отколку што сакаат, имаат несигурна работа, преквалификувани се, недоволно платени, вработени се хонорарно или работат без писмен договор - што укажува на разединување на вештините и на понудата/побарувачката на пазарот на труд.
Постојат многу причини за ова, но клучен фактор е несоодветната понуда на образовниот систем. Северна Македонија е една од најслабите земји во поглед на образовните цели согласно истражувањето на Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) од 2015 г. Претпоследна е од сите земји-учеснички и повеќе од половина ученици се немаат стекнато со основни компетенции. Сепак, најмногу загрижува тоа што учинокот опаѓа додека во другите земји во регионот тој се подобрува.
Речиси сите - деведесет и четири проценти - од младите луѓе на возраст од 15 до 24 години користат интернет секој ден. Но, освен традиционалните методи на учество, младите луѓе сѐ уште се исклучени од развојниот процес кој има за цел да им го подобри животот.
Со содржајно образование, вештини и оспособување, со овие млади луѓе ќе се преобрази земјата.
Од политичкиот и економскиот, до културниот и спортскиот живот, на младите им се потребни повеќе можности да учествуваат во развојните процеси на општеството. Во моментов имаат ограничени можности да се приклучат со бистрите идеи во решавање на некои од предизвиците што најмногу ги засегаат.
Решение
УНИЦЕФ ја поддржува Северна Македонија преку воведување програми со кои адолесцентите и младите кои се креативни и полни енергија се стекнуваат со самодоверба и ги зголемуваат капацитетите; со кои добиваат можности да се стекнат со поширока палета вредни, преносливи вештини и со кои се оспособуваат да бидат млади лидери кои се двигатели на промената во заедниците.
Преку „Апшифт“ (UPSHIFT) комбинираме работилници за социјална иновација со менторство, материјали и почетно финансирање за младите да се стекнат со преносливи вештини како што се решавање проблеми, критичко размислување, креативност, соработка и лидерство. Во програмата се комбинираат некои од најдобрите пристапи за развој на младите и адолесцентите преку „дизајн што се фокусира на човекот“ со цел да се оспособат младите и адолесцентите да станат социјални иноватори и претприемачи. Ги оспособува да ги идентификуваат предизвиците во заедниците и да изнајдат решенија за да ги надминат. Докажаните методологии се преносливи и можат да се применат секојдневно во училниците за да поттикнат креативност и претприемачки вештини. Нашата долгорочна цел е да ги поддржиме Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја вметнат методологијата на „Апшифт“ во редовниот образовен систем за доброто на секој ученик во земјата.
Исто така создаваме можности за младите од Северна Македонија да учествуваат во иницијативата „Generation Unlimited“ - глобално партнерство чија цел е секој млад човек да оди на училиште, да учи, да се обучува или да се вработи до 2030 г. Преку предизвиците за иновација изнаоѓаме нов начин за да оствариме постигнувања со младите и за младите - да создаваме заедно - да ги споиме младите и партнерите со цел решенијата кои ветуваат полесно да се спроведат и прифатат од пошироката популација.