Што е депресија?

Препознајте ги знаците на лошо расположение и депресија кај децата и научете начини како да им помогнете да се чувствуваат подобро.

Што е депресија?
UNICEF

Сите деца одвреме-навреме се чувствуваат лошо или нерасположено, и тоа е нормален дел од растењето. Но, загрижувачки е кога тие емоции се интензивни подолг временски период, особено ако влијаат на социјалниот, семејниот и училишниот живот на вашето дете.

Иако е тешко за кој било да почувствува оптимизам кога е депресивен, сепак депресијата може да се излекува и постојат начини преку кои можете да му помогнете на детето да се чувствува подобро.

Што е депресија?

Депресијата е една од најчестите состојби со менталното здравје и честопати депресијата може да се појави заедно со aнксиозност.

Депресијата може да биде блага и краткотрајна или тешка и долготрајна. Некои луѓе може да доживеат депресија само еднаш, а други може да доживеат депресија повеќе пати.

Депресијата може да доведе до самоубиство, но, тоа може да се спречи ако се обезбеди соодветна поддршка. Важно е да се знае дека многу може да се направи за да им се помогне на млади луѓе кои размислуваат за самоубиство.

 

Што предизвикува депресија?

Депресија може да се појави како реакција на нешта како што се злоупотреба, насилство на училиште, смрт на блиско лице или семејни проблеми како што се семејно насилство или разделување на семејството. Некои луѓе доживуваат депресија по подолга изложеност на стрес. Депресијата може и да е наследена во семејството. Понекогаш може и да не се знае зошто се појавува депресија.

 

Депресија кај деца и адолесценти

Депресијата кај деца и адолесценти може да се манифестира како пролонгиран период на чувство на несреќа или раздразливост. Тоа е доста вообичаено кај повозрасните деца и тинејџерите, и честопати поминува незабележано.

Некои деца може да кажат дека се чувствуваат „несреќно” или „тажно”.  Други може да кажат дека сакаат да се повредат, па дури и да се убијат. Деца и адолесценти кои имаат депресија се во поголем ризик од самоповредување, и затоа таквите реакции секогаш треба да се сфатат сериозно.

Само затоа што ни се чини дека детето е тажно, тоа не мора да значи и дека детето е депресивно. Но, ако тагата опстојува или влијае на нормалните социјални активности, интересите, училишната работа или семејниот живот, тоа може да значи дека на детето му е потребна поддршка од стручно лице за ментално здравје.

Запомнете, само лекар или стручно лице за ментално здравје може да дијагностицира депресија, и затоа не се колебајте да побарате совет од вашиот здравствен работник ако сте загрижени за вашето дете.

 

Знаци и симптоми на депресија кај деца

Децата различно ја доживуваат депресијата. Некои вообичаени знаци и симптоми на депресија се:

Физички:

  • Чувство на умор и недостиг на енергија, дури и кога детето е одморено
  • Немир или тешкотии да се концентрира
  • Тешкотии во извршувањето на секојдневните активности
  • Промени во апетитот или во ритамот на спиење
  • Болки за кои не постои очигледна причина

Емоционални и ментални:

  • Непрекинато чувство на тага, анксиозност или раздразливост
  • Губење на интерес за пријателите и активностите во кои вообичаено ужива
  • Повлекување од другите и осаменост
  • Чувство на безвредност, безнадежност или вина
  • Преземање ризици што вообичаено не ги презема  
  • Самоповредување или самоубиствени мисли

Искуството со еден или повеќе од овие симптоми не значи дека детето има депресија, но постојат неколку начини да му помогнете на детето да се справи. Ако сте загрижени за вашето дете, не се колебајте да побарате совет од здравствен работник.

 

Начини да му помогнете на вашето дете да се справи

Неколку работи со кои можете да му дадете поддршка на вашето дете ако мислите дека можеби е депресивно:

  1. Откријте што се случува: Прашајте како се чувствува и слушајте отворено без да осудувате или давате совети. Прашајте луѓе од доверба кои го познаваат вашето дете, како што се омилената наставничка или близок пријател, за да дознаете дали забележале нешто што ги загрижува или пак некакви промени во реакциите. Особено посветете внимание на добросостојбата во периоди на важни животни промени, како што се одење во ново училиште или пубертет.
  2. Поминете време заедно: Обидете се да направите средина со топлина, уверување и поддршка преку разговори или правење заеднички активности соодветни на возраста на детето и во кои детето ужива. Заинтересирајте се за неговиот живот, на пример како го поминал/а денот на училиште или што ѝ/му се допаѓа највеќе кај неговите пријатели.
  3. Охрабрувајте позитивни навики: Охрабрувајте го детето да ги прави работите во кои обично ужива, да се придржува до редовните навики за јадење и спиење и да продолжи да биде активно. Физичката активност е важна како начин да се подобри расположението. Музиката може силно да влијае на расположението, и затоа заедно слушајте песни што го прават детето да се чувствува позитивно за животот.
  4. Овозможете ѝ/му се да се искаже: Овозможете му на детето да ви зборува.  Слушајте внимателно што кажува за своите чувства. Никогаш не го притискајте детето да сподели нешто, наместо тоа, можете да поттикнувате други форми на креативно изразување како што се цртање, ракотворби или запишување на сопствените мисли и искуства во дневник. Водењето дневник за расположението може да им помогне на некои деца да ги извадат чувствата од себе преку набљудување на работите што ги вознемируваат или онерасположуваат.  Тоа може да биде и одличен потсетник за позитивните аспекти во нивниот живот и работите на коишто се горди.
  5. Заштитете го од стресна околина: Обидете се да го заштитите детето од ситуации каде што може да доживее прекумерен стрес, малтретирање или насилство. И запомнете да дадете пример за здраво однесување и реакции на стресот во вашиот личен живот, вклучително и поставување граници и одржување на позитивни навики за грижа за себеси.

Кога да се побара професионална помош

Со оглед дека само квалификувано стручно лице може да дијагностицира депресија, важно е да побарате помош од вашиот здравствен работник за да го упати вашето дете кај стручно лице за ментално здравје или психијатар. Ако стручно лице за ментално здравје смета дека за вашето дете ќе биде корисно лекување, опција може да биде некаква терапија преку разговор – каде детето ќе научи како да се справува со своите мисли и чувства, или комбинација од терапија и лекови.

Ако вашето дете размислува за самоповредување или веќе си има нанесено повреди самото на себе, побарајте помош од итните служби или здравствен работник. Не одложувајте да стапите во контакт со нив ако сте загрижени.

Депресијата може да се излекува и колку побрзо разговарате со стручно лице, толку побрзо вашето дете ќе може да се чувствува добро.