Социјална заштита
Секое дете заслужува фер шанса во животот
Иднината на детето никогаш не треба да јаодредуваат околностите во коишто е родено.
Социјалната заштита е еден од најмоќните начини да се обезбеди секое дете - особено најранливите - да ја добие поддршката што му е потребна за да опстане, да учи и да напредува.
Во Северна Македонија, постигнат е напредок. Но, премногу деца сè уште растат без поддршката што им е потребна.
Предизвикот
Детската сиромаштија останува еден од најгорливите предизвици со кои се соочуваат децата во Северна Македонија; широко е распространета и предивикува длабока нерамноправност.
Денес, 29,5% од децата живеат под националната линија на сиромаштија. Најпогодени се децата во големите семејства, домаќинствата со еден родител и во ромските семејства. Скоро секое второ такво семејство живее во сиромаштија. Ова значи дека за многу деца, основните услови потребни за раст и развој едноставно не постојат.
Но, сиромаштијата не е само прашање на приходи. Таа е и прашање на можности. 38% од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија, соочувајќи се со повеќестрана лишеност што ги засега нивното здравје, учење, безбедност и целокупен развој.
И покрај постоењето на системи за социјална заштита, премногу семејства не добиваат поддршка. Само 19% од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, во споредба со 88% во Европската Унија, со што многумина остануваат без основна парична поддршка кога им е најпотребна.
Ваквиот јаз уште повеќе се продлабочува со постојаната нееднаквост. Етничките, географските и социо-економските разлики и натаму го ограничуваат пристапот до здравствена заштита, образование во раното детство и социјални услуги, зацврстувајќи ги циклусите на исклучување уште од рана возраст.
Во исто време, самиот систем се соочува со ограничувања. Јавните трошоци за социјална заштита остануваат под просекот на ЕУ, што ја намалува способноста на системот ефикасно да ги опфати и поддржи најранливите семејства.
Како резултат на тоа, системот сè уште не обезбедува доволна заштита на децата од сиромаштија, а неповолните околности честопати се пренесуваат од една генерација на друга.
Решението
Прекинувањето на циклусот на детска сиромаштија бара повеќе од краткорочна поддршка. Потребни се силни и инклузивни системи за социјална заштита кои се прилагодени на потребите на децата и заедно работат на поддршка на семејствата и заштита на децата во секоја фаза од нивниот живот.
УНИЦЕФ соработува со Владата и партнерите на зајакнување на системите за социјална заштита, за да бидат поефикасни, порамноправни и поодговорни кон потребите на децата.
Ова опфаќа проширување на родово одговорните социјални бенефиции коишто подобро ја одразуваат реалноста со која се соочени семејствата, при што поддршката е адекватна, предвидлива и стигнува до оние на кои им е најпотребна.
Тоа значи и одење подалеку од паричната помош. УНИЦЕФ поддржува развивање мултисекторски пакети на услуги во кои финансиската поддршка се поврзува со пристапот до здравствени и образовни услуги, како и услуги за исхрана и заштита на децата. Овој интегриран пристап не обезбедува само финансиска поддршка за семејствата, туку и нивно поврзување со услугите што им овозможуваат на децата да напредуваат.
Реформите се фокусираат на тоа системите да бидат поинклузивни и да допрат до децата во најголем ризик од запоставеност, како и да овозможат сиромаштијата, попреченоста или дискриминацијата да не го ограничуваат пристапот до поддршка.
Клучен дел од оваа работа е усогласување на националните напори со Европската гаранција за деца, помагајќи да се обезбеди дека децата во ризик од сиромаштија и исклучување ќе имаат пристап до основни услуги - од образование во раното детство до здравствена заштита, исхрана и соодветни услови за живот.
Со зајакнување на политиките, подобрување на координацијата и поефикасно насочување на поддршката, социјалната заштита може да стане моќен двигател на еднаквост и можности за сите деца.
Искоренувањето на сиромаштијата започнува со искоренување на детската сиромаштија
Кога социјалната заштита функционира, животот на децата се менува.
Семејствата се пооспособени да се грижат за своите деца. Децата се поздрави, остануваат на училиште и заштитени се од злоупотреба. Се отвораат можности - не само за сегашноста, туку и за иднината.
Со инвестирање во поцврсти и поинклузивни системи за социјална заштита, Северна Македонија може да обезбеди: ниедно дете да не расте во сиромаштија, ниедно семејство да не остане без поддршка и секое дете да има фер шанса во животот.
Затоа што искоренувањето на детската сиромаштија не само што е можно; тоа е од суштинско значење за иднината на земјата.