Со подобра исхрана на децата во градинките и училиштата, до квалитетен ран детски раст и развој

25 Јули 2018
Две мали девојчиња берат домати во поле
UNICEF/2017/Georgiev

СКОПЈЕ, 9 март 2018: На работилницата на тема ,,Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба’’ се обратија министерката за образование Рената Дескоска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, како и заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски.

На средбата беа претставени наодите од истражувањето за квалитетот на исхраната на децата во градинките и основните училишта. Резултатите покажуваат недостиг од свежо овошје и зеленчук и микронутриенти како што се калциум, железо и цинк, а дека децата внесуваат повеќе шеќер и сол од препорачаните количини. 

Проблемите поврзани со исхраната кај најмладата популација како глобален предизвик се присутни и во нашата земја. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјата. 

Присуството на овие состојби покажува дека постои одредено ниво на неизбалансираност на исхрана кај најмладите.  Оваа појава претставува сериозен предизвик за кој е потребен сериозен, повеќесекторски и пристап на „цело општество“. 

Се подготвуваат и законски измени кои предвидуваат санкции за неспроведување на Правилникот за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта, а овој правилник ќе биде адаптиран и за градинките.

Според министерката Дескоска, училиштата се оние кои треба да ги научат децата на здрав начин на живот, и целта на образованието е да ги подготви учениците за сите аспекти во животот, вклучувајќи ги и здравиот начин на живеење и исхраната.  Таа дополни дека се предвидени санкции и инспекциски надзори за следење на квалитетот на храната во училиштата. 

,,Дел од семејствата во земјата не можат да понудат избалансирана храна за своите деца. Токму затоа системот и општеството преку градинките и училиштата треба да го задоволи барем минимумот на вредноста на храната што детето треба да ја внесе секој ден’’- посочи министерката Царовска и додаде дека МТСП прави напори да го зголеми опфатот на деца во градинките, со што ќе се постигне и поголем број деца да имаат соодветен оброк.

„Лошата исхрана влијае не само врз физичкиот развој на децата туку го поткопува когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Промоцијата на добри навики во исхраната во училиштата може да доведе до значителен придонес кон целокупниот развој на детето и да го прекине меѓугенерацискиот циклус на лоши прехрамбени навики,“ рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: [email protected]
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: [email protected]

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.