Преку популарност и мода до промоција на еколошки решенија

Тројца средношколци, заморени да го гледаат училиштето преплавено од пластични шишиња, се здружија во тим и одлучија да се пријават за учество на првата UPSHIFT програма во земјата за да влијаат на своите врсници и да се исчисти училиштето.

УНИЦЕФ
Трите момчиња работат на нивната проектна идеја за време на UPSHIFT работилницата
UNICEF/2018/Dimishkovski

17 Декември 2018

Теодор, Филип и Дамјан не беа особено засегнати со еколошки прашања пред да сфатат дека сите канти за отпадоци во нивното училиште секој ден, секоја седмица и постојано се преполни со употребени пластични шишиња. Кантите за отпадоци беа преполнети со пластични шишиња, а шишиња беа расфрлани насекаде. Дури и кога учениците сакаа да го фрлат празното шише од вода во канта за отпадоци, едноставно во кантите немаше место.

„Имавме избор, или да побараме поголем број или поголеми канти за отпадоци. Но, ние не го направивме тоа. Одлучивме да се обидеме директно да влијаеме на нашите врсници бидејќи постојат голем број на алтернативи, кои се поеколошки, економски издржани и едноставно попрактични,” вели Дамјан.

Нивната идеја беше да се обидат да ги мотивираат учениците во нивното училиште да користат други опции за повеќекратна употреба, како што се термоси наместо пластични шишиња за вода или газирани пијалаци.

„Ги анкетиравме учениците во нашето училиште и дознавме дека секој ученик, во просек, фрла по пет пластични шишиња неделно. Кога ќе се земе предвид дека во нашето училиште има околу 800 ученици, произлегува дека секоја недела оставаме по околу 4,000 пластични шишиња кои не се рециклираат,” објаснува Филип. „Пресметавме и дека секој ученик, во просек, троши околу 3,750 денари годишно за такви пијалаци.  Замислете колку може да заштедат ако пијалаците си ги носат од дома.”

Филип работи на визуелната презентација на нивната проектна идеја за време на UPSHIFT работилницата
UNICEF/2018/Dimishkovski

Следејќи го нивниот пример, идејата да се користат термоси за кратко време беше прифатена во нивниот клас. За некои од учениците стана мода да се носат термоси на училиште,  убаво дизајнирани термоси кои ги прикачуваат на ѕидовите на училницата за време на часовите, за да можат да ги користат за време на одморот. Благодарение на видеото што го снимија, идејата набрзина се прошири и во останатите класови во училиштето. Но, тие не планираа да застанат тука.

Овие три енергични момчиња одлучија да се здружат и да се пријават за програмата UPSHIFT со нивната идеја да се смени менталитетот кај денешната младина за нивниот еколошки отпечаток, а нивната идеја беше избрана меѓу една од најдобрите.

Дамјан вежба пред финалната презентација на нивната проектна идеја за време на работилницата UPSHIFT
UNICEF/2018/Georgiev

„Наша цел е да ја подигнеме свеста во целото училиште, но и во останатите училишта, во главниот град Скопје и ширум земјата. Тоа е важно прашање за нас и убедени сме дека промената може да се случи набрзина,” вели Теодор.

За да им се помогне да ја постигнат целта, тие добија шанса да ги зајакнат вештините, да научат нови работи, да се консултираат со искусни ментори, дури и добија финансиска поддршка за реализација на нивната идеја. Во текот на работилницата научија колку е важно да размислуваат за одржливост на проектот, така што ова еколошки настроено трио нема да застане само на подигнување на свеста – тие планираат и да продаваат брендирани термоси кои ќе помогнат да се промовира идејата и решението да добие и претприемничка димензија.

Трите момчиња и нивниот ментор со сертификатите за успешно завршување на работилницата
UNICEF/2018/Georgiev

Нашиот слоган е “дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош,” кажуваат во еден глас.

Со овој слоган, тие сега се на пат да го применат својот уникатен пристап за директно влијание врз врсниците преку креирање мода за еколошки решенија и преку подигнување на свеста за штетата од пластичниот отпад во животната средина.

Организирана од CEED Hub Скопје, со поддршка на Министерството за образование, Бирото за развој на образование, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ, програмата UPSHIFT има за цел да поддржи млади луѓе како Теодор, Дамјан и Филип да станат социјални иноватори и претприемачи. Тоа е комбинација на работилници за социјални иновации, каде младите луѓе учат вештини, по пат на менторство и финансиска поддршка. Младите луѓе ги откриваат проблемите во заедниците, изнаоѓаат иновативни решенија и преку програмата добиваат поддршка за да нивната идеја стане реалност. Така се поттикнува нивната резилиентност, креативност и самодоверба, а заедниците можат да се развиваат благодарение на нивните креирани решенија.