Социјално-емоционална благосостојба, предизвик #УчимеДома
13 дена забавни активности низ игра, со цел децата да дознаат за социјално-емоционалниот развој, да ги намалат стресот и вознемиреноста
- English
- Македонски
Како родител, можеби сте под стрес, имате чувство на загриженост, фрустрираност, збунетост и исклученост од вообичаените извори на поддршка. Вашите деца веројатно имаат слични чувства, иако можеби ги покажуваат поинаку. Важно е да се запомни дека децата ги следат возрасните кога реагираат на стресни ситуации. Она што може да им ја намали анксиозноста и да ги смири е да поразговарате со нив за нивните емоции и стравови, заедно да правите релаксирачки активности, да ги подучувате на корисни одбранбени стратегии. Овие едноставни родителски совети, заедно со конкретни активности и игри, може да ви помогнат да ги смирите децата, да дознаете како да ги стават чувствата под контрола и да им помогнете да се чувствуваат посигурно.
Во повеќето активности може да уживате со деца од 2 до 6 години, иако некои се погодни и за поголемите деца. Се надеваме дека ќе ви користат и вам, и на вашите деца. Децата ќе добијат начин да се утешат, да ги искажат чувствата, да ја зацврстат поврзаноста со вас и со другите кои се физички оддалечени. За своја возраст, ќе научат погодни начини за да се справат со нешто што се чини претешко. Вклучувањето во некои од предложените активности ќе им помогне и натаму да учат и здраво да се адаптираат на светот околу себе.
Прифатете ги предизвиците и споделете ја содржината на социјалните медиуми користејќи хаштагови #LearningAtHome #УчимеДома
Следете нè на Фејсбук, Твитер и Инстаграм за да добиете новости за следниот предизвик.
Предизвик за прв ден: Куклен театар
Преправањето и глумењето приказни им помагаат на децата да ги изразат емоциите, истовремено учејќи се на самоконтрола, опуштање и користење на фантазијата. Вашето дете нека направи куклена претстава со своите играчки или исечени нацртани кукли.
Куклениот театар е одличен начин да навлезете во фантазијата на детето и да дознаете како се чувствува. Охрабрете го да смисли своја претстава; помогнете му да постави сцена за настапот; тоа може да биде едноставно криење зад каучот или театар направен од картон; договорете се за времето на претставата и подгответе се да бидете публика. Ако може, во ова време, јавете се кај бабите и дедовците, поврзете се со нив преку интернет за да гледаат и тие. По претставата разговарајте со детето за ликовите и како тие се чувствуваат; успокојте го дека работите ќе се вратат во нормала.
Предизвик за втор ден: Дневник на благодарност
Како родител, на децата може да им помогнете да ги бараат и да ги забележуваат позитивните работи што се случуваат околу нив и да изразат благодарност. Студиите покажуваат дека практицирањето благодарност ве прави посреќни. Секојдневното пишување дневник на благодарност е можност за образовна надградба на децата, при што се вежба ракописот, правописот и структурата на речениците.
Може да пишувате дневник на благодарност заедно со вашите деца. За ова ќе ви требаат неколку празни листови хартија, или празна тетратка и боички. Може да оставите делови каде вашите деца ќе пишуваат или ќе цртаат за своите позитивни искуства. Еве неколку реченици за довршување со кои децата би можеле да изразат мисли на благодарност.
- Благодарен/рна сум за ...
- Бев љубезен/зна кон ...
- Ова беше најдобриот дел од мојот ден ...
- Нешто за што многу се смеам ...
Во видеото може да видите пример за домашно изработен дневник на благодарност.
Предизвик за трет ден: #ДаСподелимеГрижа
Позитивноста е заразна. Позитивното размислување и ширењето позитивност се одлични начини да ги научите децата да им помагаат на другите и да останат позитивни.
Децата може да започнат иницијатива #ДаСподелимеГрижа за луѓето што ни се важни. Нека нацртаат и обојат позитивни пораки и слики на камчиња или други обични предмети што ги имаат дома, дури и на картичка. Фотографирајте и испратете ја сликата до лицето што им значи, со порака дека посебниот подарок ќе му биде врачен кога следниот пат ќе се сретнат во живо.
Предизвик за четврти ден: Мерач на расположение
Препознавањето на емоциите кај децата и развивањето стратегии за регулирање на тие емоции има позитивни ефекти врз благосостојбата на децата.
Алатката „Мерач на расположение“ ги поттикнува членовите на семејството да разговараат за своите чувства со помош на боите од Мерачот на расположение. На пример, може да кажете: „Се чини дека си во црвено и сакаш да се чувствуваш „позелено“. Може ли некако да ти помогнам?“
ЦРВЕНИ чувства: со многу енергија и со малку пријатност (на пр., лути, исплашени и вознемирени);
СИНИ чувства: со малку енергија и со малку пријатност (на пр., тажни, разочарани и осамени);
ЗЕЛЕНИ чувства: со малку енергија и со многу пријатност (на пр., мирни, спокојни и опуштени);
ЖОЛТИ чувства: со многу енергија и со многу пријатност (на пр., среќни, возбудени и љубопитни).
Ова е само една од активностите кои децата ги учат како дел од иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, а поддржана од Владата на Обединетото Кралство, за учење социо-емоционални вештини во предучилишните установи.
Предизвик за 5-ти ден: Сензорни шишиња
Еве нешто што на вашите деца може да им помогне да се концентрираат и да ја намалат вревата во мозокот. Сензорното шише е едноставна, но многу разиграна техника со која децата учат вештини на фокусирање, се смируваат и ги регулираат емоциите.
За да направите шишиња со светки, погледнете ги идеите во даденото видео. Може да му објасните на детето дека понекогаш умот ни е преполн со мисли што се вртат како светките во шишето. Понекогаш, имаме лути мисли. Понекогаш тажни мисли. Кажете му дека е во ред да има силни чувства, но дека можеме да ги смириме таквите мисли, како и нашите тела. Еден начин за ова е да оставите мислите да ви се слегнат како светките во шишето.
Ова е само една од активностите кои децата ги учат како дел од иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, а поддржана од Владата на Обединетото Кралство, за учење социо-емоционални вештини во предучилишните установи.
Предизвик за 6-ти ден: Дишење на стомак со плишани животни
Дали вашето дете има омилено плишано животно? Оваа игра е еден од најдобрите начини да им помогнете на децата да го намалат нивото на стрес. Испробајте ја со нив!
Детето нека легне на грб, а вие ставете му плишано животно на стомакот. Нека вдише така што животното ќе се поткрене заедно со стомакот, а потоа нека издише за животното да се спушти. Со ова децата учат да го користат стомакот за длабоко дишење.
Ова е само една од активностите кои децата ги учат како дел од иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, а поддржана од Владата на Обединетото Кралство, за учење социо-емоционални вештини во предучилишните установи.
Предизвик за 7-ми ден: Тивко, мирно место
Во збунувачки, стресни времиња, приватниот простор може неверојатно да смирува. Направете ваков простор за вашето дете, а најдете и за себе, дури и само за неколку минути.
Ова не мора да биде нешто сложено. Дури и ќебе преку две столчиња може извесно време да ги блокира нападните глетки и звуци. Дозволете му на вашето дете да помогне. Нафрлете меки перници, омилени плишани животни, може да ставите омилена книга и предмети што ве смируваат за ова да стане место на максимално опуштање. Можеби и малку смирувачка музика?
Предизвик за 8-ми ден: Дишење како мирисање цвеќе и дување свеќички
Бавното дишење е голема помош кога децата (или вие) сте вознемирени, лути или под стрес.
Едноставна активност со која на децата ќе им кажете да вдишуваат исто како што мирисаат цвеќе и да издишуваат како што дуваат свеќички за роденден. Покажете им (може да биде тешко за најмалите-можеби ќе треба да се обидете со друга активност).
Има многу начини да разговарате со вашите деца за длабоко дишење. Повеќе примери тука https://copingskillsforkids.com/deep-breathing-exercises-for-kids/
Предизвик за 9-ти ден: Напишете порака до учител(ката) или до некој друг што ви недостига
Полесно е да се контролираат чувствата кога се изразени со зборови или преку креативни медиуми. Еве една активност за да му помогнете на вашето дете, а во која може да уживате заедно. Користете „зборови на чувства“ додека разговарате со детето.
Зависно од возраста на детето, предложете „Ајде да ѝ напишеме картичка на баба и да ѝ кажеме што правевме утринава. После може да ѝ ја испратиме (или да ѝ ја прочитаме на телефон).“ Детето диктира, а вие запишувате.
Со поголеми деца кои знаат да пишуваат, може да прашате: „Зошто не напишеш порака на картичка за она што се случи денеска?“ (со помали деца, напишете што ќе ви кажат и можеби, помогнете им да нацртаат слика).
Предизвик 10: Организирајте детска забава преку интернет
Со потребата од социјално дистанцирање, многу деца кои слават роденден ги пропуштија вообичаените забави. Одржувајте ги врските живи! Помогнете да се организира детска забава за децата да ги прослават сите пропуштени родендени, па дури и оние што допрва доаѓаат. Направете торта и децата нека дуваат свеќички заедно.
Јавете им се на родителите на другарчињата на вашето дете и организирајте сите деца да имаат подготвено ист материјал за играње забавни игри и торта за дување свеќички. Организирајте игри како на пр., „смрзнато“ танцување - онлајн-домаќинот пушта музика за децата. Караоке со песни од ЈуТјуб и пантомима, се други одлични игри за играње преку интернет со другарчињата. Бидете креативни со вашите деца и размислете како да ги адаптирате игрите коишто обично ги играат.
Предизвик 11: Предизвик со оригами
Оригами е забавна и креативна техника, која обезбедува умствено-физичка стимулација. Правењето оригами им помага на вашите деца да развијат координација на рацете и очите, фини моторни вештини и умствена концентрација.
Оригами е достапен насекаде, во секое време, за секој што има само лист хартија. Децата лесно се фасцинираат од оригами, затоа што може да се направат милион 3Д-форми од обичен лист хартија. Може да направите животни, украси и растенија.
Предизвик 12: Во здраво тело, здрав дух
Ако некогаш сте готвеле, знаете дека готвењето е чин на трпеливост, концентрација и израз на љубов и креативност. Сѐ што придонесува за одржување на здравиот разум.
Готвењето со деца помага кај нив да се развие авантуристички интерес за храна, да се здобијат со доста корисни животни вештини и многу среќни спомени од кујната.
Без оглед дали ќе употребите готови или ќе измислите свои рецепти, нека бидат забавни. Вака, рацете и умот на децата се ангажирани. Ова е и забавен начин да учите математика - на пример, објаснете: половина шолја грашок + половина шолја пченка = една шолја здрав зеленчук.
Кога готвите хранлива храна со која ќе се поддржи нивниот раст и развој, вие не само што градите здрави прехранбени навики, туку градите и здрав ум.
Предизвик 13: Фото и видео-спомени
Вие и вашите деца може да се олабавите ако извесно време се потсетувате на спомените од друго време и место. Извадете го фото-албумот или телефонот и започнете!
Опуштете се со семејството разгледувајќи стари фотографии и видеа. Зборувајте за тоа кој е во нив, што прави секој и за сѐ друго што ќе ви измами насмевка. Дури и 2-годишните деца може да покажат и да кажат име!
Некои од нив може да споделите со семејството или со пријателите кои се на друго место, преку дигиталните алатки (Вибер, ВотсАп, Скајп, Дуо, Зум или други).