Совети за безбедност од топлотни бранови
Дознајте како да ги заштитите децата и семејството за време на екстремни горештини.
- English
- Македонски
Топлотните бранови воопшто не се забавни. Екстремната жештина и влажност може да бидат крајно непријатни и да претставуваат сериозни здравствени ризици, особено за доенчињата, децата, бремените жени и постарите лица. Ако не се преземат соодветни мерки на претпазливост, екстремната горештина може да доведе до топлотен удар, па дури и до смрт. Како резултат на климатските промени, топлотните бранови стануваат подолги, почести и посилни.
Еве неколку стручни совети за тоа како вашето семејство да остане безбедно при топлотен бран, како да препознаете знаци на топлотен удар и какви активности да преземете ако е потребно.
Факти за топлотниот бран
Што е топлотен бран?
Топлотните бранови настануваат кога температурата е повисока од нормалната неколку дена по ред. Влажноста прави тие да се чинат многу пожешки.
Што го предизвикува топлотниот бран?
Топлотните бранови се резултат на топол воздух „заробен“ во атмосферата и претставуваат природна климатска појава. Тие растат по интензитет и зачестеност поради климатските промени, како резултат на емисиите на стакленички гасови, при што топлината се задржува подолго.
Кој е најзагрозен од топлотните бранови?
Премногу топлина е опасно по здравјето на сите. Доенчињата, децата, бремените жени и постарите лица се особено ранливи на топлотен удар.
Преголемата топлина е поопасна за бебињата и децата отколку за возрасните, а дехидрацијата кај децата може да биде опасна, па дури и смртоносна. Децата потешко ја регулираат телесната температура од возрасните, па затоа возрасните се тука да ги заштитат.
И бремените жени се изложени на поголем ризик. Премногу топлина и дехидрација носи поголем ризик од ниска родилна тежина, предвремено породување, па дури и мртвороденче. Самите бремени жени може да бидат негативно погодени и да добијат предвремени трудови, како и да развијат гестациски дијабетес и хипертензија.
Што да правите при топлотен бран
Бидете подготвени
- Информирајте се за топлината и влажноста во тековниот ден, тековната недела и месец за да си ги планирате активностите надвор.
- Дома чувајте прибор за прва помош што содржи пакетчиња со сол за орална рехидратација (ORS), термометар, шишиња со вода, пешкири или крпи што може да се натопат за разладување, рачен вентилатор или навлажнувач на воздух со батерии и список за откривање и третман на симптомите на топлотен удар.
- Информирајте се за тоа како да побарате помош. Запишете информации за контакт на најблискиот давател на здравствена заштита или брза помош/транспорт.
Ладете го домот
- Кога е можно, навлечете ги завесите во најжешките делови од денот и отворете ги прозорците навечер за да ја разладите куќата.
- Користете вентилатори и клима-уреди ако се достапни.
Држете се подалеку од горешината
- Ако може, не излегувајте надвор во најжешките периоди. Активностите организирајте си ги порано или подоцна во денот, кога е посвежо.
- Кога сте надвор, носете крема за сончање и останете под сенка или користете капи и чадори за заштита.
Разладувајте се и хидрирајте се
- Пијте вода во редовни интервали пред да ожедните.
- Премногу облека кога е жешко може побргу да ве дехидрира и да ве прегрее, па затоа носете лесна и широка облека. Памукот е идеален во жешките денови оти ги намалува топлотните осипи и ја апсорбира потта. Исто така, се препорачува памучна постелнина, а не материјали што не „дишат“.
- Носете шише со вода и мала крпа, за да се хидрирате и да се ладите ставајќи влажна крпа на вратот.
Совети за доенчиња, деца и бремени жени
| Што да правите | Што да не правите |
|---|---|
| Доенчиња и деца | |
Редовно проверувајте дали вашето дете е жедно, дали се поти, дали е топло на допир, повраќа, има сува и леплива уста или дали го боли главата. Ако детето не реагира соодветно, ако има висока температура, му се врти или брзо дише, веднаш однесете го во здравствена установа Погрижете се детето да биде лесно облечено – вака се спречува топлотен осип и прегревање. Проверувајте дали детето ви е добро хидрирано. Детето не знае како изгледаат знаци на дехидрација и топлотен удар. Доенчињата под 6 месеци треба да бидат исклучиво на доење. Доилките треба да пијат многу вода бидејќи дехидрацијата може да го засегне создавањето на млекото. Децата на возраст од 6 и повеќе месеци треба редовно да пијат вода во текот на денот.
| НЕ давајте им лекови на доенчињата ако покажуваат знаци на прегревање без да се консултирате со лекар. НЕ оставајте ги доенчињата и децата во затворени простори без вентилација, како што се автомобили или простории со затворени прозорци. НЕ дозволувајте им на децата долго да играат надвор кога е жешко без да внимавате на нив. Нека се одмораат на секои 30 минути кога вежбаат или играат надвор. Вежбањето или играњето на високи температури може бргу да доведе до дехидрација и сериозни последици. |
| Бремени жени | |
Закажете лекарски преглед и завршете ги другите обврски кога не е толку жешко во денот за да се заштитите од изложеност себеси и своето неродено бебе. Спијте на посвежи места, како што се долни катови од куќата, кога е можно. | НЕ правете премногу активности кога надвор е жешко. Избегнувајте да излегувате ако е над 35 °C. Важно е да се одморате кога може и да ја поделите работата со другите. Бремените жени може да вежбаат со мал или умерен интензитет сѐ додека им е пријатно, а и соодветно да се хидрираат и да се одмораат. |
Знаци и симптоми на болест поради топлина
Тешките симптоми на топлотен удар бараат итна нега.
Ако член од семејството има некој од тешките симптоми подолу, треба да повикате брза помош или веднаш да организирате друга форма на транспорт до здравствена установа.
Верувајте им на инстинктите и не колебајте се да викнете медицинска помош.
Симптоми на болест поради топлина
| Поблаги симптоми - лекувајте дома | Тешки симптоми - веднаш одете в болница |
|---|---|
| Општо | |
|
|
| Доенчиња и деца (под 3 години) | |
|
|
| Деца и адолесценти (околу 4-19 години) | |
|
|
| Бремени жени | |
|
|
Како да се третираат топлотниот удар и болестите поврзани со топлина
Преземете ги следните чекори за да им помогнете на саканите да се разладат, да се рехидрираат и да закрепнат:
1. Изладете и ако состојбата е тешка, веднаш одете во здравствена установа
Ако член од семејството доживува тешки симптоми на болести поврзани со топлина, важно е прво да се излади и второ, да се транспортира.
Помогнете му на лицето да седне или да легне на ладно засенчено место со добра вентилација. Навлечете ги завесите за да направите повеќе сенка. Вклучете вентилатор или клима-уред ако е достапен. Ставете влажни крпи на кожата на главата, вратот, пазувите и препоните.
Доенчиња и деца: Извадете ги надворешните слоеви на облеката.
Бремени жени: Ако може, нека го тргнат вишокот слоеви облека во приватен простор. Нека спијат на левата страна или навалени налево.
Ако лицето е во несвест или повраќа, легнете го на страна додека не пристигне транспортот до здравствената установа.
Ако нема сериозни симптоми, тогаш лекувајте го дома и преминете на вториот чекор: намалете ја температурата.
2. Намалете ја температурата
Преместете го лицето на ладно место ако сѐ уште не сте го направиле тоа. Навалечете ги завесите за да направите повеќе сенка. Вклучете вентилатор или клима-уред ако е достапен.
Ставете влажни крпи или ладна вода на телото, особено на главата, вратот, пазувите и препоните. Менувајте ги крпите или потопувајте ги во ладна вода на секои неколку минути за да обезбедите ладна вода за телото.
Ако има, користете вентилатор и навлажнувач, така што ќе го прскате телото со млака вода и истовремено ќе го сушите додека вентилаторот работи. Ставете мраз или влажна крпа на вратот, пазувите или препоните додека вентилаторот исто така работи. Ако нема вентилатор, телото ладете го со рака.
Рацете и стапалата може да се стават во садови со ладна вода за телото побргу да се олади. Поголемите деца и возрасните може да се потопат во ладна (но НЕ ледена) вода ако е достапна, или да се тушираат со студена вода.
НЕ бањајте доенчиња и мали деца во престудена вода.
НЕ насочувајте го вентилаторот кон лицето, особено на доенчињата.
НЕ давајте парацетамол/ацетаминофен без совет од лекар.
Продолжете со третиот чекор: рехидрација.
3. Рехидрирајте
Доенчиња под шест месеци: Мајката треба да го дои бебето за да го рехидрира и да пие повеќе вода.
Поголеми бебиња и деца: На бебето или детето треба да му се дава вода во мали количини за да се навикне на тоа.
Ако детето многу се испотило или се поти, во водата додадете малку орална сол за рехидрација (ORS). Внимателно следете ги упатствата на пакетчето. Ако нема упатства, користете го следново упатство:
- На дете на возраст под две години му треба барем 1/4 до 1/2 голема чаша (250 ml) раствор со ORS
- На дете на возраст од две или повеќе години му треба барем 1/2 до 1 цела голема чаша (250 ml) раствор со ORS
Ако не е достапен претходно приготвен ORS, растворете шест рамни кафени лажички шеќер и 1/2 рамна лажичка сол во 1 литар чиста вода.
Поголеми деца и бремени жени: Додадете ORS во вода ако постои прекумерно потење. Тие треба да пијат 100 ml раствор со ORS на секои 5 минути сѐ додека не им стане подобро.