Новото истражување покажува дека општеството е поотворено за инклузија на децата со попреченост

05 Декември 2018
Дете со оштетен вид доживува уметност со помош на рацете и прстите со кои истражува статуа
UNICEF/2017/Georgiev

СКОПЈЕ, 3 декември 2018 година:  Новото истражување за знаењата, ставовите и практиките на јавноста кон децата со попреченост покажува дека земјата постигна неверојатен напредок во отстранувањето на бариерите во ставовите кои ги спречуваат децата со попреченост да го заземат своето заслужено место во општеството.

Речиси сите анкетирани сега сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познајник, соученик и другар на деца со попреченост. Сѐ поголем број граѓани редовно комуницираат со деца со попреченост и сметаат дека тие треба да учат во редовните училишта, заедно со нивните врсници.

„Стигмата честопати постои поради сознанија изградени врз стереотипи. Немањето информации, заблудите, изолацијата и сегрегацијата ги одржуваат ваквите стереотипи - па најдобар начин за решавање на стигмата е да се прекинат стереотипите“, рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „Резултатите од истражувањето покажуваат дека кога на децата со попреченост ќе им дадете можности да ги покажат своите способности, општеството може да  ја надмине стигмата која ги спречува децата со попречност да се вклучат и да учествуваат во општеството“.

Истражувањето, првично спроведено на почетокот од 2014 г., послужи како појдовна основа за интервенции околу унапредување на правата на лицата со попреченост. Многу организации, вклучувајќи ја и Владата, работеа во таа насока. Последователното истражување покажува дека е остварен неверојатен напредок во отстранување на пречките во знаењата и ставовите за инклузијата. Клучните наоди се: 

  • Значително повеќе луѓе - 62 проценти (2018) во споредба со 45 проценти (2014) - потврдуваат дека познаваат дете со попреченост и дека имаат почести контакти со него. 
  • Повеќе од 90 отсто (2018) сега сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познајник, соученик и другар на деца со попреченост. Ова не беше случај во 2014 година, кога во просек 32 проценти сметаа дека е прифатливо нивното дете да биде соученик на дете со попреченост. 
  • Јасно мнозинство - 86 проценти (2018) во споредба со 58 проценти (2014) - разбираат дека општеството и околината треба да се прилагодат за да одговорат на потребите на децата со попреченост - пристап втемелен во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. 
  • Многумина - 73 отсто (2018) во споредба со 55 отсто (2014) - веруваат дека инклузивното образование им користи како на децата со попреченост, така и на децата без попреченост, така што придонесува за подобрување на социјалните вештини, толеранцијата и почитувањето на различностите. 
  • Постои шесткратно зголемување – од 4 проценти (2014) на  24 проценти (2018) - во бројот на луѓе кои веруваат дека најдобар пристап кон образованието на децата со попреченост е да одат во редовни училишта и да учествуваат во редовна настава заедно со своите врсници без попреченост. 
  • Иако другите ја поддржуваат идејата децата со попреченост да одат во редовни училишта, 18 отсто сметаат дека тие треба да одат на посебни часови со врсниците; а 22 проценти сметаат дека треба да има одвоени паралелки. Бројот на лица кои веруваат дека децата со попреченост треба да посетуваат специјални училишта се намали од 48 проценти (2014) на 31 процент (2018).

„Позитивните промени во знаењата, ставовите и практиките во општеството треба да бидат проследени со забрзано спроведување на политики и програми за претворање на инклузијата во реалност за десетици илјади деца и возрасни со попреченост во земјата“, рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.  „Веруваме дека ова ќе покрене демократски барања за поголема инклузија и дека ќе ја забрза имплементацијата на системските реформи кои се во тек, за да се обезбеди секое дете да ја добие поддршката што му треба да оди на училиште со своите врсници, да добие здравствени и социјални услуги, и за да се стави крај на исклучувањето, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост“, рече г. Перкс. 

„Последователното истражување за знаењата, ставовите и практиките кон инклузијата на децата со попреченост“ беше спроведено како дел од пошироката програма поддржана од УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата со попреченост, исто така поддржано од регионалниот проект „Заштита на децата од насилство и промовирање социјална инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“ поддржан и финансиран од ЕУ и УНИЦЕФ. Како дел од овие интервенции беше спроведена кампањата  „Биди фер за детство без пречки“која поттикна дискусија за стигмата кон лицата со попреченост.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.