Прес центар

Соопштенија за медиумите 2017

Соопштенија за медиумите 2016

Соопштенија за медиумите 2015

Соопштенија за медиумите 2014

Соопштенија за медиумите 2013

Соопштенија за медиумите 2012

Соопштенија за медиумите 2011

Соопштенија за медиумите 2010

Соопштение на медиумите 2009

Принципи на медиумско известување за децата

Како да се заштитите од измама

Промотивни материјали

Календар на настани

 

Бебињата и мајките во светот изневерени поради недостаток на инвестиции за доењето

 Новата анализа покажува дека инвестиција од 4,70 долари по новороденче би можела да произведе економска добивка од $300 милијарди до 2025 година

ЖЕНЕВА/ЊУЈОРК, 1 август 2017 година – Ниедна земја во светот во потполност не ги исполнува препорачаните стандарди за доење, се вели во новиот извештај на УНИЦЕФ и на Светската здравствена организација (СЗО) во соработка со Глобалната заедница за доење, нова иницијатива за зголемување на стапките на доење во светот.

Глобалниот резултат за доењето, во кој се оценети 194 земји, покажа дека само 40 проценти од децата помали од шест месеци се хранат исклучиво преку доење (не им се дава ништо друго освен мајчино млеко), а само 23 земји имаат стапки на исклучиво доење од над 60 отсто.

Доказите покажуваат дека доењето носи когнитивни и здравствени придобивки како за доенчињата, така и за мајките. Тоа е особено важно во текот на првите шест месеци од животот, помагајќи да се спречи дијареа и пневмонија, две главни причини за смртност кај бебињата. Мајките кои дојат имаат намален ризик од рак на дојка и јајници, две водечки причини за смртност кај жените.

„Со доењето на децата им се овозможува најдобар можен почеток на животот“, вели д-р Тедрос Адханом Гебрејесус, генералeн директор на СЗО. „Мајчиното млеко дејствува како прва вакцина на бебето, штитејќи ги новороденчињата од потенцијално смртоносни болести и давајќи им ги сите хранливи состојки што им се потребни за опстанок и напредување.“

Глобалниот резултат беше објавен на почетокот од Светската недела на доењето, заедно со нова анализа во која се покажува дека со годишна инвестиција од само 4,70 долари по новороденче, стапката на исклучиво доење кај децата до шестмесечна возраст во светот ќе порасне на 50 проценти до 2025 година.

Во Негување на здравјето и благосостојбата на нациите: аргументи за вложување во доењето, се укажува на тоа дека исполнувањето на оваа цел може да го спаси животот на 520.000 деца на возраст до пет години и потенцијално да генерира 300 милијарди долари економска добивка во текот на 10 години, како резултат на помали трошоци за лекување на болести и здравствена заштита, и поголема продуктивност.

„Доењето е една од најефективните - и најекономични - инвестиции што државите може да ги направат за здравјето на своите најмлади членови и за идното здравје на економијата и општеството“, рече извршниот директор на УНИЦЕФ Ентони Лејк. „Со невложување во доењето, ги изневеруваме мајките и бебињата - и плаќаме двојна цена: на изгубени животи и на изгубени можности.“ 

Аргументите во корист на вакви инвестиции покажуваат дека во пет од најголемите економии во подем во светот-Кина, Индија, Индонезија, Мексико и Нигерија-невложувањето во доењето резултира со околу 236.000 смртни случаи на деца годишно и 119 милијарди долари економски загуби.

На глобално ниво, инвестициите во доењето се премали. Секоја година, владите во земјите со ниски и средни приходи трошат околу 250 милиони долари на програми за доење; а донаторите обезбедуваат само уште 85 милиони долари.

Глобалната заедница за доење ги повикува земјите:

  • Да го зголемат финансирањето за зголемување на стапките на доење од раѓање до двегодишна возраст. 
  • Целосно да ги спроведат Меѓународниот кодекс за рекламирање на замени за мајчино млеко и релевантните резолуции на Светското здравствено собрание, преку цврсти законски мерки кои се спроведуваат и независно се следат од страна на организации без конфликт на интереси. 
  • Да донесат политики за платено семејно отсуство и доење на работното место, темелејќи се на правилата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот, како минимално барање, вклучувајќи одредби и за неформалниот сектор. 
  • Да ги спроведуваат Десетте чекори за успешно доење во породилните установи, вклучувајќи и обезбедување мајчино млеко за болните и чувствителни новороденчиња. 
  • Да го подобрат пристапот до квалификувани советувалишта за доење, како дел од сеопфатни политики и програми за доење во здравствените установи. 
  • Да ги зацврстат врските меѓу здравствените установи и заедниците, и да ги поттикнат мрежите во заедницата кои работат на заштита, промоција и подршка на доењето. 
  • Да ги зајакнат системите за мониторинг, со кои се следи напредокот на политиките, програмите и финансирањето во насока на постигнување на националните и глобалните цели во врска со доењето.

Доењето е од суштинско значење за постигнување на најголем број од целите за одржлив развој (ЦОР). Тоа ја подобрува исхраната (ЦОР2), ја спречува детската смртност и го намалува ризикот од незаразни болести (ЦОР3), а исто така, ги поддржува когнитивниот развој и образованието (ЦОР4). Доењето потпомага и ставање крај на сиромаштијата, унапредувaње на економскиот раст и намалување на нееднаквоста.

###

Информации за уредниците

Мултимедијални содржини се достапни тука.

Посетете ја страницата http://uni.cf/breastfeeding за преземање на Глобалниот резултат за доењето и Аргументите во корист на вложување во доењето.

За Глобалниот резултат за доењето

Во Резултатот се собираат податоци од земјите низ светот за статусот на седумте приоритети утврдени од страна на Глобалната заедница за доење, заради покачување на стапката на доењето.

23-те земји кои имаат постигнато стапки на исклучиво доење над 60 проценти се: Боливија, Бурунди, Кабо Верде, Камбоџа,  Демократска Народна Република Кореја, Еритреја, Кенија, Кирибати, Лесото, Малави, Микронезија, Федералните Држави на Науру, Непал, Перу, Руанда, Сао Томе и Принципе, Соломонските Острови, Шри Ланка, Свазиленд, Источен Тимор, Уганда, Вануату и Замбија.

За Глобалната заедница за доењето

Под заедничко водство на УНИЦЕФ и СЗО, мисијата Глобална заедница за доењето е насочена кон добивање политичка, правна, финансиска и јавна поддршка за доењето, што им носи корист на мајките, децата и општеството.

За повеќе информации, контактирајте со:

Јеми Луфадежу, УНИЦЕФ, Њујорк, тел.: +1 917 213 4034, glufadeju@unicef.org

Кимберли Крискаден, СЗО, Женева, тел.: +41 22 791 2885, моб.: +41 79 603 1891, chriscadenk@who.int

Оливија Ло Дејвис, СЗО, Женева, тел.: +41 22 791 1209, моб.: +41 79 475 5545, lawedavieso@who.int

 

 
Search:

 Email this article

unite for children