Кампањи

Кампањи

#ДецатаПреземаат

Биди фер - за детство без пречки

Првите моменти се важни - кампања за ран детски развој

Кампањата на УНИЦЕФ #ЗаПравиченСвет

Почит за различностите и мултикултурализам во програмите за ран детски развој

Детските права не се паднати од Марс

На секое дете му треба семејство

 

Биди фер - за детство без пречки

Скопје, 2 март 2017 година: Денес, во Музејот на современа уметност во Скопје, УНИЦЕФ, Европската унија и партнерите ја претставија кампањата „Биди фер. За детство без пречки“.

Официјални обраќања имаа:

  • Г. Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика
  • Г. Мауро ди Вероли, раководител на Одделението за операции при Делегацијата на ЕУ
  • Г-а Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ

Кампањата е изготвена за да ја мобилизира јавната свест и да обезбеди широка поддршка за правата и вклучувањето на децата со попреченост. Таа се спроведува како дел од регионалниот проект „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и во Турција“, финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ.

“Сите деца имаат огромен потенцијал. Како и сите деца, децата со попреченост го носат ветувањето за среќен, целисходен живот, за суштинско учество во заедницата, како и за придонес кон изградба на инклузивни и одржливи општества. Општеството нема да биде рамноправно, доколку не се опфатат сите деца, а децата со попреченост нема да бидат вклучени. доколку средината околу нив не се промени за да се поддржи нивното учество,“ рече г-а Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ.

Целта на кампањата е да се подигне свеста за социјалниот модел на попреченост дефиниран во Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Сакаме да ја подигнеме свеста дека поради пречките во средината, општеството и ставовите, децата со попреченост не можат да учествуваат во општеството на рамноправна основа со другите деца.

“Денеска сите да си го поставиме прашањето: зошто стигматизацијата, ставовите и недостигот на свесност придонесуваат кон дискриминацијата и отфрленост на овие деца? Зошто децата со попреченост се среќаваат со бариери при нивната инклузија? Зошто ставовите во општеството се поголема попреченост, отколку состојбата на детето или попреченоста што веќе ја има? Да ги смениме овие бариери, бидејќи децата со попреченост мораат да почнат да ги остваруваат своите целосни потенцијали. Општеството, пак, е тоа коешто треба и мора да го смени начинот на кој гледа на нив,“ рече министерот за труд и социјална политика г. Ибрахим Ибрахими.

“Со оваа кампања сакаме да работиме со невладините организации активни во поддршка на децата со попреченост за да се сменат ставовите на луѓето и тие да разберат дека децата со физичка, сензорна или интелектуална попреченост имаат способности,” рече г. Мауро ди Вероли, раководител на Одделението за операции во Делегацијата на Европската унија.

Кампањата е во насока на поттикнување на јавноста да се идентификува со бариерите на кои секојдневно наидуваат децата со попреченост. Таа опфаќа:

  • Видео-снимка со скриена камера во која се доловува како луѓето реагираат кога ги услужува аптекарски помошник што има Даунов синдром - посочувајќи дека Даунововиот синдром не ги спречува младите да го остварат својот потенцијал – но, ставовите и однесувањето на луѓето може да бидат или охрабрувачки, или да претставуваат пречка.
  • Неколку видеа во кои се истражуваат предизвиците на движење низ градот кога се користи количка, истакнувајќи како физичките бариери може да го спречат детето да учествува.
  • Трет експеримент, каде на деца со и без попреченост им се дава можност да ја покажат способноста за играње „голбол“ - параолимписка дисциплина која ја играат спортисти со оштетен вид - покажувајќи како адаптираните средини го олеснуваат учеството.

Како дел од кампањата, изработена е и нова апликација за мобилни телефони, „Без пречки“, со цел да се информира и да се вклучи јавноста во мапирање на примерите за пристапност во земјата. Таа е достапна за корисниците на Ајфон или Aндроид и дава осврт на пристапни згради, пешачки патеки и премини, пристапен јавен транспорт, паркинг, детски игралишта и тоалети, пристапност и еднаков третман за лицата со оштетен слух.

Освен прикажувањето на видеата во националните медиуми, вклучувањето на социјалните медиуми и онлајн-часовите по знаковен јазик, насловната страница на денешниот број на дневниот весник „Вест“ беше испечатена со Брајово писмо, а на сличен начин ова прашање ќе биде нагласено и во вестите на одредени телевизии.

На крајот, како дел од кампањата, личности со попреченост ќе одржат серија работилници на различни теми. 

За време на претставувањето на кампањата, учесниците имаа можност да се дружат со застапниците на лицата со попреченост и да дознаат повеќе за тоа зошто и како секој може да се вклучи во создавање пристапно и инклузивно општество за сите.

 

 

 
Search:

 Email this article

unite for children