Види го детето, не попреченоста - Владата, УНИЦЕФ и партнерите се обединија за вклучување на децата со попреченост

Скопје, 11 септември 2017 година –  При промоцијата на Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје на македонски јазик, Владата, УНИЦЕФ и партнерите се обединија околу потребата за систематски реформи и промени во ставовите со цел да се стави крај на исклучувањето, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост.

Настанот го отворија претседателот на Владата, г. Зоран Заев, и претставникот на УНИЦЕФ, г. Бенџамин Перкс. Се собраа стотици луѓе од сите делови на општеството - владата, граѓанскиот сектор, децата со попреченост и нивните семејства - кои ветија поддршка за правата на лицата со попреченост, и особено на децата со попреченост.

„Целта за којашто денес говориме е да овозможиме општество без пречки за децата со попреченост. Тоа е фер. Но тоа, почитувани, е пред се наша должност како луѓе. Затоа што ова е наш заеднички свет, што успешно функционира кога ќе прифатиме дека не сме повикани да ослободуваме некому место, бидејќи секој свое место и си има. Ние треба само да го почитуваме правото на секој на свое место, во нашето заедничко општество,“ рече претседателот на Владата г. Зоран Заев.

На настанот беше претставена Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје - алатка со која се менува начинот на кој ги гледаме и одговараме на потребите на децата со попреченост. Со неа треба да се забрзаат многу потребните реформи за да се обезбеди оптимално вклучување, исполнување на потенцијалот и подобрување на квалитетот на животот на децата со попреченост. Во неа, акцентот се става на способностите, а не на пречките или на самото оштетување, па таа ќе послужи како алатка за воведување инклузивни практики во здравството, образованието и социјалната заштита.

„Повеќето земји, преку системски реформи и кампањи за подигање на свеста станаа места каде исклучувањето, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост веќе не се прифатливи. Врз основа на овие искуства имаме намера да ја продолжиме нашата работа со Владата, граѓанскиот сектор и медиумите за да постигнеме да нема ниедно ќоше во земјава каде децата со попреченост се и понатаму невидиливи, а за нивната ситуација не се зборува.“ рече преставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс. 

Настанот го означи почетокот на новата фаза од кампањата „Биди фер. За детство без пречки“. Првично започната во март оваа година, со поддршка од Европската унија, во кампањата се прави фундаментална промена во начинот на кој општеството ја разбира попреченоста и во ставовите кон децата со попреченост. Во новата фаза „Види го детето, не попреченоста“, се става акцент на потребата да се ослободи потенцијалот во секое дете. 

За време на настанот, на панелот од деца и млади со попреченост беа слушнати убедливи аргументи за предизвиците со кои се соочуваат, инспирирајќи ја публиката со своите способности и останувајќи со чувство на надеж за промена. Меѓу гостите беа познати и влијателни личности кои се приклучија кон кампањата „Види го детето, не попреченоста“ со пораки на поддршка. Детскиот хор на ОУ „Кузман Јосифовки - Питу“, во придружба на Ема Ананиевска на пијано, ги обедини сите во заедничка изведба на песната од Тоше Проески „Овој свет“. 

Белешка за уредниците:

Медиумите се поттикнуваат да го преземат инфо-графичкото видео - достапно на https://www.facebook.com/unicef.mk - во онлајн-извештаите, за потенцирање на состојбата на децата со попреченост. Тоа содржи бројки што покажуваат дека околу 5,1% од децата во земјата имаат некаква попреченост и дека за премногу од нив, можноста да учествуваат едноставно не постои. Многу од нив се исклучени од образованието и социјалниот живот. Само 28,3% од децата со попреченост посетуваат основно училиште, а дури само 4,7% одат во градинка. Тие сочинуваат над половина од децата кои растат без љубов и се згрижени во државна институционална заштита. 

 

 

 

Español Français